Српската јавност запрепастена од ослободителна пресуда за Готовина и Маркач: Црн ден за меѓународната правда
Петок, 16 ноември 2012 – Јавноста во Србија ја осуди ослободителната пресуда на Хашкиот трибунал за хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач. Наспроти радоста на Хрватите, Србите ја дочекаа одлуката со неверување. Скандалозна, шокантна, политичка – според, стручната јавност во Србија оваа пресуда е црн ден за меѓународната правда. Готовина и Маркач првостепено беа осудени на 24 и 18 години затвор за воени злосторства извршени за време и по акцијата „Бура“ во 1995 година, но жалбениот совет на чело со судијата Теодор Мерон денеска ја поништи првостепената пресуда.
>> ХАГ: Ослободителна пресуда за хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач
Според обвинителот за воени злосторства Владимир Вукчевиќ, сериозно е загрозен принципот на казнување за воените злосторства, ги пренесуваат реакциите на стручната јавност, српските медиуми.
– „Ова се едни од најголемите воени злосторства во поранешна Југославија, убиства, протерувања и закани за стотици илјади луѓе, а за тоа никој не одговара“, смета Вукчевиќ.
Вели дека правно е несфатливо, врз основа на иста фактичка состојба според првостепената одлука казната била толку висока, а по жалбата истата да е е дијаметрално спротивна.
Претседателот на Националниот совет за соработка со Хашкиот трибунал, Расим Љајиќ оцени дека со денешната пресуда Хашкиот трибунал го изгубил кредибилитетот.
– „Ова е само уште еден доказ за селективна правда што е полошо од било која неправда“, изјавил Љајиќ за белградските новинари, додавајќи дека е скандалозно што луѓе за време операцијата „Бура“ биле убиени и протерани, а за тоа никој не е одговорен.
– „Одлуката на Жалбениот совет не враќа три чекори наназад, а сликата за Трибуналот во очите на јавноста ќе биде уште полоша“, вели Љајиќ во изјавата.
Според Лидерот на Обединети Србија, Драган Марковиќ, одлуката на Хашкиот трибунал го легализира најголемото етничкото чистење кое од Втората светска војна, па наваму според него е извршено токму за време на операцијата „Бура“.
– „Со пресудата, Хашкиот суд повторно ги уби сите оние кои беа брутално убиени за време и по операцијата Бура“, вели Марковиќ.
Директорот на документациониот центар „Веритас“, Саво Штрбац, во изјава за српскиот магазин „Блиц“ вели дека останал без зборови кога ја слушнал пресудата.
– „Мислам дека јас бев единствениот Србин кој веруваше во Хаг, сметав дека тие ќе бидат осудени ако не како учесници во геноцид, барем како помагачи, но тоа не се случи“, изјавил Штрбац.
Според него оваа одлука, не може да се смета за одлука на правосудна институција, туку на една политичка организација. Според него ова ја докажува поделбата во самиот Совет.
– „Двајца судии беа против ослободителната пресуда. Ова е пресуда на Мерон, а тој е Американец и јасно дека тој го ослободи Готовина. Ова покажува дека дипломатијата на Хрватска си го одработила лобирањето, а за тоа е одвоена голема сума на пари. Ова е еден од црните денови на меѓународната правда. Ова е крај на овој Трибунал за поранешна Југославија. Ова е скандалозно, шокантно, можете да замислите како им е на луѓето кои бегаа во конвои од Хрватска. Мислам дека во ова ни најоптмистичните Хрвати не веруваа. Ни на сон не верував дека ова ќе се случи“, вели Штрбац во изјавата.