/ Прочитано:

523

Реакција на Народниот правобранител во врска со наплатувањето за издавање на свидетелствата

Народниот правобранител и годинава констатира дека продолжува праксата дел од училиштата неосновано и надвор од закон да им наплаќаат на учениците/родителите/старателите за издавање на свидетелства за завршено образование.

Ова потврдува дека некои училишта не ги земаат предвид сериозно реакциите на Народниот правобранител, кој и минатата година јавно укажа дека свидетелството претставува јавна исправа која во еден примерок му се издава на ученикот и за издавање на истото училиштата не смеат да ги условуваат учениците, односно родителите/старателите со претходно уплаќање на определени средства.

Народниот правобранител, повикувајќи се на уставно загарантираното право на образование кое во согласност со законската регулатива е задолжително и бесплатно, укажува надлежните органи – Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат веднаш да ги предупредат училиштата дека не смеат да наплаќаат за издавање на овој документ и да ги санкционираат сите субјекти кои ќе го сторат тоа, односно ќе го прекршат законот.

Според Народниот правобранител, недозволиво е училиштата да го користат моментот кога децата/учениците и родителите/старателите имаат краток временски рок за обезбедување на потребните документи за упис и да ги принудат да платат за добивање на документ кој според сите прописи е бесплатен.

Народниот правобранител укажува Државниот просветен инспекторат да им наложи на училиштата веднаш да ги вратат незаконски наплатените средства за издавање на свидетелство и ги охрабрува сите оние на кои нема да им бидат вратени средствата да се обратат на бесплатната телефонска линија за деца кај Народниот правобранител 0800 88 500 за заштита на своите права.

М.В