Реакција на Платформата за родова еднаквост во врска со дискриминаторските содржини во учебниците
Платформата за родова еднаквост, се вели во реакцијата, изразува сериозна загриженост за дискриминаторските содржини присутни во учебникот по Социологија за втора година средно образование, актуелен по силните негативни критики во јавноста изминатиот период.
„Ги повикуваме Министерството за образование и наука (МОН) и органите во состав на ова министерство (Бирото за развој на образованието, Педагошката служба, Државниот просветен инспекторат) веднаш да формираат комисија за ревизија на сите наставни програми и учебници за основно и средно образование, и да се отпочне со долгонајавуваниот процес на детална ревизија на сите учебници во поглед на присутноста на дискриминаторски содржини, промовирање родови стереотипи, сексизам, мизогинија и насилство“, истакнуваат од Платформата.
„Во изминатите години имаше многубројни реакции од јавноста и граѓанскиот сектор во однос на содржините во учебниците, но конкретни преземени чекори од надлежните институции изостануваат. Учебниците се основа за образование и еманципација на идните генерации во нашата земја и недопустливо е содржини кои промовираат дискриминација, родова нееднаквост, шовинизам, насилство и кршење на основните човекови права да бидат присутни и предавани во образованието како прифатливи и нормални појави.
Потенцираме дека пласирањето на вакви содржини е противзаконско, доведува до системско промовирање на дискриминација, стереотипизација и нееднаков третман на жените и мажите во нашето општество, и директно се коси со постојните закони и стратегии во земјата, како што се: Законот за основното образование (член 5, став 2), Законот за еднакви можности на жените и мажите (член 6, став 3-4), Законот за спречување и заштита од дискриминација (член 3, став 2), Стратегијата за образование за 2018 – 2025 и Акцискиот план, Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020. Оваа обврска е исто така дефинирана и во Националниот план за акција за родова еднаквост 2018 – 2020 година, каде што во рамки на Специфична стратешка цел 2.4.: Област- Образование со цел да се оствари резултатот: Зајакнати наставно-образовните содржини и учебници од аспект на родовата еднаквост, Министерството за образование и наука е назначено за одговорно да изврши анализа на наставни планови, програми и учебници од родов аспект, и да спроведе задолжителни експертски мислења по недискриминација и родова еднаквост во завршната фаза од стручната ревизија на наставни програми, планови и учебници.
Покрај прекршувањето на домашната легислатива, ваквите содржини во учебниците се косат и со меѓународните договори и конвенции чиј потписник е нашата земја, како што е и Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жените (CEDAW). Во ноември 2018 година, Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените во Заклучните коментари за шестиот периодичен извештај на нашата држава, изрази загриженост за ‘Постојаните дискриминаторски родови стереотипи за улогите и одговорностите на жените и мажите во семејството, образовниот систем и во општеството’ и препорача Р Северна Македонија да донесе сеопфатна стратегија, насочена кон отстранување на дискриминаторските родови стереотипи и штетните практики кон жените, вклучувајќи го и зајакнувањето на процесот на проверка на учебниците и наставните програми. Препораката продолжува во потенцирање на тоа дека образованието има улога во трансформирање на концептите за родовите улоги во општеството.
Потсетуваме дека обврската за ревизија на учебниците е пропишана и во Програмата на Владата 2017 – 2020, во која се вели: ‘Во рок од една година, државни комисии составени од универзитетски професори и поддржани од Министерството за образование и наука, ќе ги евалуираат сите учебници за основно и за средно образование и ќе постават јасни правила кои мора да се почитуваат. Ќе се повлечат од употреба учебниците кои имаат суштински грешки во материјата и кои се несоодветни за возраста на учениците. Истовремено, ќе спроведеме ослободување на наставните предмети од непотребни и штетни содржини, особено од оние што поттикнуваат агресивност, нетолеранција, омраза и дискриминација.’
Повикувајќи се на антидискриминациските одредби во наведените закони и стратешки документи на државата, како и заложбите и планираните активности во програмата за работа на Владата, бараме Министерство за образование и наука и надлежните органи да постапуваат по своите надлежности и да извршат целосна ревизија на учебниците кои се употребуваат во сите фази од образовниот процес, и да се повлечат од употреба сите учебници кои промовираат содржини кои не се во согласност со постојните закони и ратификувани конвенции и содржат штетни содржини кои не само што не ја унапредуваат, туку ја уназадуваат родовата еднаквост во државата. Апелираме во најбрз можен рок да се формира Комисија за ревидирање на сите учебници, а воедно ја ставаме на располагање експертизата на организациите членки на Платформата за родова еднаквост за консултации и вклучување во работата на оваа Комисија“, стои во реакцијата.
М.В