/ Прочитано:

1.200

Речете му на адвокатот дека е писмен: за него ќе биде пофалба, но лош знак за правничкиот ред во земјата

За разнишаниот однос на правничката интелигенција кон примената на стандардниот јазик се зборувало толку многу, што често се превидувал фактот дека состојбата на модерното законодавство и на денешната судска практика, всушност, е одраз на карактерот на самата држава. Дотолку повеќе, односите што правото намерува да ги регулира станаа многу покомпликувани од порано, а новите технологии поттикнаа да се востановат нови области на дејствување. Сите овие трендови доведоа до сè почесто занемарување на вековното тежнеење за јасно и прецизно формулирање на законите. Како да се задоволи потребата од што покусо и поконцизно изразување во законите ако на другата страна ни се наметнува товарот на сè посложеното современо општество?

Една од вечните теми за кои никогаш не достасува време е состојбата на јазикот во службената комуникација. Интересот за проучување на феноменот на јазикот, како медиум за спознавање на опкружувањето, е разгранет во многу ракави, а во значајна мера се прелева и во полето на правото. Станува збор за проблематика што опфаќа повеќе димензии и што на различни начини ја следи врската помеѓу јазикот и правото. Досега, на многу наврати се зборувало и се пишувало за разнишаниот однос на правничката фела кон примената на стандардниот јазик, но дотолку повеќе се превидувал и фактот дека состојбата на модерното законодавство и на денешната судска практика, всушност, е одраз на односите во самата држава. Оттаму, грижата за јазикот во областа на правото мора да почне од највисокото рамниште: од законодавецот.

Општественото ткиво сѐ повеќе го усложнува својот состав, вклучувајќи досега непроучени процеси. Односите што правото намерува да ги регулира станаа многу покомпликувани од порано, а новите технологии поттикнаа да се востановат нови области на дејствување. Сите овие трендови доведоа до сè почесто занемарување на вековното тежнеење на законодавството, според кое законските текстови треба да бидат едноставни и јасни — како што некогаш укажал германскиот правен филозоф Рудолф фон Јеринг: „Законодавецот треба да мисли како филозоф, но да се изразува како селанец“. Оттука се надвиснува и најтешкото прашање: како да се задоволи потребата од што појасно и попрецизно изразување во законите ако на другиот крај ни се наметнува товарот на сè поразгранетото современо општество?

Ако го ставиме под лупа моделот на модерните закони, веднаш ќе ни падне в очи дека начелата во него се хипотетички и апстрактни, а неговата смисла лишена од односот помеѓу „овде“ и „сега“. Проблемот, меѓутоа, не е само во префрлувањата дека јазикот на законите е сувопарен и едноличен, ами и во сè погласните критики дека тој им станува неразбирлив дури и на самите правници. Во денешни услови, мноштво граѓани не само што изразуваат недоверба кон законите туку се покажуваат и разочарани од правниците, кои треба да им помогнат во потрагата по правдата. Причината за ваквата состојба има многу длабок корен: модерните закони не остануваат неразбрани од правниците поради специфичноста на изразувањето во правниот стил ами поради нивните оскудни знаења за јазикот.

Да му речете на правникот дека е писмен, лично за него ќе биде извонредна пофалба, но крајно лош знак за правничкиот амбиент во земјата. Состојбата на современото законодавство и на денешната судска практика е само одраз на карактерот на самата држава или, инаку кажано, рефлексија на нејзините внатрешни односи. Сред таквиот стек на околностите, потребата од солидно владеење на јазикот е изразена како никогаш досега. Со сложените облици на општествниот живот мора да се излезе накрај со многубројни и со еднакво сложени закони. Правниците, во таа смисла, треба уште пред влегувањето во рашомонијадата на практичниот свет да развијат високо ниво на јазична компетенција за да можат низ својот кариерен век ефикасно да го разложат своето комплексно опкружување.

Најпосле, ако образовниот систем, сепак, не успее да му ја всади на поединецот грижата за развивање на јазичните вештини, најмалку што може да се стори е да се бара од законодавецот да води грижа за составот на законските текстови. Јазичната некомпетентност на законодавецот не се одразува негативно врз законот само во естетска ами и во суштинска смисла. Нашата современа законска регулатива нема само стилски лошо напишани правила туку и содржински нелогични решенија. Доказ за тоа се и честите измени, како и големиот број дополнувања на законите, коишто некогаш се прават и само неколку дена по нивното донесување. Неспорно е оти сложената материја на правото наметнува одреден стил врз јазикот, но несомнено и јазикот мора да добие правилен третман на највиското ниво.


Автор: Далибор Стајиќ

Објавено: 19.02.2014