Речиси секој втор работник е пријавен на плата која е пониска од онаа што реално ја добива
Во текот на месеците мај и јуни оваа година, Центарот за истражување и креирање на политики (ЦИКП) спроведе теренска анкета на репрезентативен примерок од 1 097 испитаници на територијата на Република Македонија со цел да ги утврди различните форми на скриени економски активности денес и да ги спореди со резултатите од истата анкета направена во октомври 2014 година.
Според податоците кои се однесуваат на (не)пријавувањето работници и исплаќањето на придонеси, речиси секој втор работник е пријавен на плата која е пониска од онаа што реално ја добива, т.е. им се исплаќаат придонеси за здравствено и социјално осигурување на плата која е пониска од реалната. Дополнително, 1 од 10 работници воопшто нема потпишано договор за работа со својот работодавач, со што покрај социјалните придонеси се избегнува и плаќањето на данок на приход.
Како што посочуваат од Центарот за истражување и креирање на политики, последиците од овие појави можат да бидат слаба или неквалитетна социјална и здравствена заштита, потоа необјективна процена на големината на БДП, нереален број на невработени/вработени и социјално загрозени лица, како и голема стапка на даночна евазија и помал буџет, што претставува предизвик и за фискалната политика на државата.
Непријавената работа, додаваат од Центарот за истражување и креирање политики, иако вообичаено се манифестира преку непотпишување договор со работникот и неисплаќање на неговото задолжително социјално осигурување, исто така може да се манифестира и преку потпишување на договор со скриени клаузули (плата во плик или со дополнителен договор на дело) со кои следствено се избегнува исплаќање на социјалните придонеси во соодветна висина на реалната (недекларирана) плата.
Резултатите од анкетата укажуваат дека од испитаниците кои имаат основно вработување: 46 % од приходите се делумно или целосно непријавени (во споредба со 40 % во 2014); 9 % од вработените работат без договор за работа (во споредба со 7 % во 2014), а најмалку 7,4 % се изјасниле дека имаат добиено дел од платата во готово.
Сепак, не се сите показатели негативни, истакнуваат од Центарот за истражување и креирање политики. Во 2016 година има подобрување на перцепциите и процентот на согласување со изјавата „Попрво би бил непријавен работник со повисока плата отколку пријавен со пониска плата“, е покачен и се движи околу 70 %, независно од финансиската состојба на домаќинствата.
„Ова е подобар тренд во споредба со 2014 година, кој охрабрува и кој индицира подобро познавање од страна на населението за негативните последици од непријавената работа. Резултатите од анкетата укажуваат дека испитаниците, покрај основното, имаат и дополнително вработување. Во 2016 година 90 % од испитаниците немаат потпишано договор за работа (во споредба со 80 % во 2014); Близу 70 % не пријавуваат ниту пак плаќаат персонален данок за дополнителната дејност во споредба со нешто над 50 % од вработените во 2014“, велат од Центарот за истражување и креирање политики.
„Иако на речиси половината работници им се исплаќаат придонеси на сума пониска од реалната месечна плата и во 2014 и во 2016 година, секој втор испитаник е исто така свесен дека неплаќањето данок и непријавувањето на приход негативно влијаат на локалната економија, а 7 од 10 испитаници се свесни дека даночната евазија за нив лично значи и понеквалитетни јавни услуги“, додаваат од Центарот за истражување и креирање политики.
Одговорноста за непотполното исплаќање придонеси, посочуваат од Центарот, најмногу лежи кај работодавачите, но дел од вината сносат и работниците кои ги прифаќаат таквите услови.
„Резултатите покажуваат дека нема поголеми промени од последните мерења извршени во 2014 година и сè уште околу 22,1 % од испитаниците би прифатиле да работат непријавени доколку поради тоа би примале повисока плата. Покрај тоа, фактот дека 62,7 % од испитаниците (во споредба со 56,4 % во 2014) изјавуваат дека задолжителното здравствено и социјално осигурување не им обезбедуваат доволно чувство на сигурност, може да се смета за дополнителна причина за прифаќањето на непријавена работа“, истакнуваат од Центарот за истражување и креирање политики.
М.В