Референдум за легализација на абортусот во Република Ирска во 2018 година
Ирската влада на премиерот Лео Варадкар се одлучи на ваков чекор како резултат на барањата и долгата борба на активистите кои инсистираат на целосно повлекување на осмиот амандман, што го привлече вниманието и на светската јавност. Исто така, ваквата одлука доаѓа пред да се одржат шестите демонстрации по ред „Марш за избор“ во Даблин и Лондон закажани за в сабота.
Владата на Република Ирска соопшти дека во мај или во јуни 2018 година граѓаните на Република Ирска ќе се изјаснат на референдум по прашањето за тоа дали да се повлече осмиот амандман, кој им дава еднакво право на живот на неродените.
Волјата на мнозинството граѓани тогаш ќе одлучи дали абортусот треба да биде легализиран во речиси сите случаи.
Ирската влада на премиерот Лео Варадкар се одлучи на ваков чекор како резултат на барањата и долгата борба на активистите кои инсистираат на целосно повлекување на осмиот амандман, што го привлече вниманието и на светската јавност. Исто така, ваквата одлука доаѓа пред да се одржат шестите демонстрации по ред „Марш за избор“ во Даблин и Лондон закажани за в сабота.
Една од активистките од Иницијативата за право на абортус, Клер Мек Гоуран, во изјава за британскиот весник „Индепендент“ истакнува дека се подготвени да ја започнат кампањата за референдумот веднаш штом ќе добијат конкретен одговор за тоа кога точно би се одржал и кое ќе биде конкретното прашање за кое ќе се изјаснуваат ирските граѓани.
„Нашиот идеал е осмиот амандман целосно да биде повлечен, а не заменет. Тоа се минималните очекувања за да се дозволи бесплатен и безбеден абортус на жените во Република Ирска, без разлика како забремениле.“
Волонтерите од Иницијативата за право на абортус, во оваа насока, на својата веб-страница напишаа дека имаат застрашувачки сознанија за третманот кон оние што сакале да направат абортус:
„Оваа година дознавме за млади деца што биле третирани според Законот за ментално здравје поради барање на абортус, а на жена со самоубиствени нагони не ѝ дозволиле пристап до абортус, бидејќи нејзиниот лекар не мислел дека е ‘самоубиствена доволно’, иако во овој случај абортусот е дозволен според Законот за заштита на животот во текот на бременост.“
Во меѓувреме, во Северна Ирска жените продолжуваат да бидат гонети поради договарање на сопствените абортуси, иако притисокот за декриминализирање на абортусот расте во остатокот на Велика Британија.
Дел од жените вклучени во кампањите за легализација на абортусот велат дека е потребно целосно повлекување на осмиот амандман во Уставот на Република Ирска и соодветна регулатива во однос на ова прашање во Северна Ирска.
„Нам ни е потребен пристап до бесплатен, безбеден и легален абортус за секој што сака и на кој му е потребен“, потенцираат активистките што се борат за легализација на абортусот.
Во своите сведоштва тие истакнуваат дека илјадници жени кои бараат абортус мора да патуваат до Велика Британија за да ја направат постапката, која таму, според Вестминистер, е легална. Но, како што појаснуваат, ирските жени мора да платат и до 4.000 фунти за патување, за сместување и медицински трошоци.
Република Ирска, која е претежно католичка земја, во моментов ги има едни од најрестриктивните закони за абортус во Европа. Осмиот амандман беше изгласан во време кога контрацепцијата беше исто така нелегална во Ирска.
Жена може да добие до 14 години затвор поради користење орална контрацепција, која може да се порача онлајн.
Прекин на бременост е дозволен само во екстремно ретки случаи каде што животот на мајката е загрозен. Оваа одредба за заштита на мајката беше воведена во Уставот на Република Ирска во 80-тите откако се одржал референдум.
Годинава во март, жените низ државата одржаа еднодневен штрајк, носејќи црно како вид протест против законите. Активистите обединети во групата „Штрајк за повлекување“ беа инспирирани од слични протести во Полска минатата година, кога жените излегоа на улиците, носејќи во рацете закачалки, што претставува моќен симбол за жените кои биле под сериозен ризик поради нелегалните абортуси.
Во меѓувреме, и Комитетот за човекови права на Обединетите нации повика забраните за абортус да бидат повлечени.
А. Б.