/ Прочитано:

1.362

Реформа во најава: Сметководителите ќе го унапредуваат електронското регистрирање на фирма, адвокатите упатуваат забелешки на реформата

Новите измени и дополнувања на Законот за трговските друштва, коишто ќе влезат во сила неделава, меѓу другото содржат реформа во однос на електронското регистрирање фирма. Имено, од 24 мај, покрај постојните решенија електронска регистрација на фирма, ќе може да се врши и преку сметководител кој се здобил со лиценца за регистрационен агент, и тоа за нула денари. Сметководителите со позитивна оценка за измените, посочуваат дека ова е потенцијално зголемување на обемот на нивната работа. Дел од адвокатската фела, од друга страна, се најде погодена од новата реформа: сметаат дека со ова се продолжува трендот на одземање на предметот на работа од нив. 

Љубица Андонова, овластен сметководител од Скопје, оптимистички гледа на спроведувањето на реформата во практика. За Андонова, ова значи зголемување на обемот на работа на сметководителите, но и отворање на нови работни места.

„Идејата е одлична за нас сметководителите од аспект на тоа што се работи за потенцијален клиент на кој би го воделе сметководството. Сметам дека со овие измени ќе се отворат и нови работни места, а ќе се намалат и трошоците што субјектите ги имаат при отворање на фирма. Преку оваа реформа, меѓу другото, државата во секој момент ќе има увид во бројот на регистрирани фирми, како работат и дали плаќаат даноци. Секако дека ќе се здобиеме и со лиценца за регистрационен агент“, вели таа.

Претседателот на Комората на сметководители при ССК, Драган Митковски во изјава за „Плусинфо“ вели дека сметководителите кои ќе го вршат електронското регистрирање на фирма ќе имаат незначителни трошоци во работењето, главно за  интернет и времето потрошено за регистрација, но очекуваат зголемување на бројот на клиентите за кои ќе работат. 

Од 2011 до дeнеска, поднесени само 20 електрoнски пријави за упис

Фирма досега се впишуваше во Централниот регистар по електронски пат и во хартиена форма, односно со достава на поднесокот на самиот шалтер на Централниот регистар или неговите подружници. Софтверско решение за електронско поднесување на пријава за упис беше воспоставено пред нешто повеќе од две години.  Заради стимулирање на користењето на овој систем беа спроведени измени и на Тарифата на Централниот  регистар  од 2011 година и 2012 година, при што надоместоците за упис  беа намалени за 10% односно за 90% за студенти претприемачи. Но, и покрај сите  превземени мерки електронски досега биле поднесени само 20 пријави за упис.

Со новата реформа, чијашто примена ќе стартува на 24 мај годинава, покрај постојните можности, се дава и нова, додатна: субјектот што сака да основа фирма, тоа ќе може да го направи и преку специјализирани регистрациони агенти.

Регистрирањето фирма по електронски пат ќе ја прави овластен сметководител, којшто ќе биде во директен контакт со лицето кое сака да ја регистрира фирмата, а притоа, во согласност со измените, нема да плати ниту еден денар. Цената на регистрација на фирма во писмена форма останува  2.300 денари со дополнителните трошоци.

Овластениот сметководител ќе мора да приложи дека има лиценца, а покрај тоа, ќе може да дава и консалтантски услуги.

Регистрационен агент може да биде субјект кој ќе поднесе барање до Централниот регистар за добивање на овластување за вршење дејност на регистрационен агент и притоа да ги исполнува следните услови:
  • да е регистрирано како трговец поединец, или трговско друштво;
  • да има  вработено лица со уверение за сметководител/овластен сметководител  за чие добивање треба да исполнува одредени услови согласно Законот за вршење на сметководствени работи меѓу кои и образованието;
  • да исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема соодветни за остварување на овластувањето и личен квалификуван дигитален сертификат, согласно Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и
  • да има потпишано изјава за заштита на личните податоци, пред почетокот на работата.

„Субјектот кој сака да основа и регистрира фирма ќе го направи тоа без никаков трошок, бидејќи сметководителот – регистрационен агент нема да му наплати за неговиот труд и нема да има трошок за регистрација, затоа што сметководителот веќе поседува електронски дигитален сертификат за потпис за поднесување на документација по електронски пат, кој се разбира го користи за други видови работа во врска со неговата дејност и претходно. Сметководителот-регистрациски агент ќе има овластување пријавата и прилозите кон истата изворно да ги достави, да ги потпише со негов електронски потпис и да ги поднесе, а ќе има овластување да го утврдува идентитетот на учесниците, а секоја пријава поднесена од негова страна ќе биде третирана како веродостојна“, објаснија од Владата по усвојувањето на измените на владина седница.

Очекувањата на Владата се дека преку оваа реформа Македонија ќе оствари нов позитивен чекор во делот на оценката за бизнис климата и деловното опкружување, и дека ќе се остварат позитивни ефекти и за субјектите кои сакаат да основаат фирма, ќе се зголеми бројот на електронско основање на фирма и електронско постапување во сферата на бизнисот и дека ќе се остварат и повеќе позитивни ефекти во поглед на работата на дејноста на сметководителите. 

„Во една регистрација може да се јават сложени статусни трговски проблеми“

Сепак, на оваа реформа не гледаат сите низ исти очила.  Според скопскиот адвокат Горан Нациќ, и постојниот начин на регистрација на друштва во РМ е брз и ефикасен.

„Здруженијата на странски претприемачи во РМ имаат забелешка за друг проблeм, а тоа се разните дозволи кои се издаваат од министерствата. Токму тука го лоцираат најголемиот проблем. Новиот предлог не го подржувам, особено од причина што регистрацијата на друштво го сведува на техничко ниво! Во една регистрација може да се јават сложени статусни трговски проблеми како делба на удел меѓу содружниците основачи, основање А.Д. итн. Спорна е и мерката на Владата во однос на трошоците за регистрација. Ве молам, дали тоа значи дека сметководителите ќе работат без надомест?! Или дека постоечките 2.300 денари такси се многу за некој кој сака да отвори бизнис?“, прашува Нациќ.

Адвокатот Нациќ смета дека на овој начин се крши Законот за нотаријат, бидејќи сметководителот ќе има овластувања да цени веродостојност на исправа. Потребна е организирана реакција на Комората, вели Нациќ.

Од законското решение не е воодушевен ниту адвокатот Гоце Штерјовски. Според него, ова е уште еден чекор поблиску до унишување на адвокаската професија во Македонија.

„Потребно е да се пристапи кон враќање на надлежностите на адвокатите, а не кон преземање на истите. Секој професионалец треба да ги врши своите работи што системски му припаѓаат. По овој редослед, не е возможно и не би требало да постојат нови професии кои ги преземаат надлежностите на постоечките професии, односно не може да постои професијата регистрационен агент, фармацевтски агент, судски агент, нотарски агент, градежен агент итн. Доколку се обидуваме да произведуваме нов правен систем со нови професии и надлежности, тогаш потребно e ова прашање да го доставите на повисоко ниво — пред институциите на ЕУ, Парламентот и нивните правни комисии со напомена дека правиме вакви чекори со суспендирање на надлежносите на професиите кои го штитат правниот систем, па да добиеме нивно мислење. Едно е да прават реформи, а сосема друго е да се прави нов правен систем“, дециден е Штерјовски.
Од Адвокатската комора на РМ (АКРМ), уверуваат дека нема простор за вознемиреност.
„Доколку се прочитаат законските измени, ќе се види дека нивната цел е олеснување на административната постапка за упис во Трговскиот регистар, не би рекол дека со ова се одземаат надлежностите на адвокатите. Па, зарем сериозен инвеститор нема да се обрати кај адвокат?! Работата на адвокатот се состои во составувањето правни акти предвидена со Членот 3 од Законот за адвокатурата. Електронската регистрација не е ништо ново; таа е воведена во согласност со Законот за едношалтерски систем. Сметам дека во целата ситуација повеќе се засегнати нотарите отколку адвокатите“, вели претседателот на АКРМ, Никола Додевски. Од Нотарската комора велат дека засега не би сакале да ги коментираат овие новини, од причина што станува збор  за прашање кое заслужува поголемо внимание, па откако ќе биде разгледано ќе дадат и соодветен коментар.

Пролонгирање на рокот за доставување на Годишна сметка до Централниот регистар и пролонгирање на  важечкиот рок  од 60 дена за отпочнување на постапка за  стечај или ликвидација на субјекти — се исто така дел од новините вградени во Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва.


Автор: Елена Павловска Објавено: 21.05.2013