/ Прочитано:

1.542

Реформата на инспекциските служби значајна за работата на компаниите

Да се воспостави систем на работа на инспекциските служби, со точно утврдени акти поделени по сектори за тоа која документација треба да ја поседуваат компаниите за да се овозможи простор за саморегулација и за да се превенираат репресивните мерки и казнувања, беше истакнато на денешната прес-конференција на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

Потпретседателот на Сојузот, Александар Милошевски, истакна дека унапредувањето на начинот на спроведување на надзорот е од големо значење за непречено  функционирање на приватниот сектор.

„Целата постапка и начинот на вршење на надзорот се важни при спроведување на инспекциската контрола. Превенција и едукација, па потоа санкција, модернизирање на инспекциските служби и зајакнување на нивните капацитети и пред сè создавање на систем на јасно дефинирани правила на игра, кои ќе важат и ќе се почитуваат подеднакво во сите компании, се предуслови за подобрување на квалитетот на инспекциската контрола. Потребно е да се промени перцепцијата за инспекциската контрола за компаниите да не стравуваат дека ќе бидат санкционирани кога ќе дојде инспектор во контрола, туку напротив инспекторите да бидат еден вид регулатори и во функција на подобрување на работата на компаниите“, изјави Милошевски.

Според анализите за минатата година,  најголем проблем во времето на инспекциски надзор сè уште е инсистирањето да се најдат нерегуларности и компаниите укажуваат на  недоволна подготвеност на инспекторите. Најголем дел од инспекциите се кај микро, мали и средни компании. Најчести се контролите на УЈП и Царинската управа, потоа Државниот трудов инспекторат, Пазарниот инспекторат, Инспекторатот за здравје и заштита при работа, Агенцијата за храна и ветеринарство и сл.

„Најголемите инспекции се вршат во секторите туризам и угостителство, во текстилната индустрија и во градежништвото, а најмали контроли има во секторот ИКТ. Детектирано е дека недостасува иницијатива кај инспекторите за едукација, а честите промени во регулативата претставуваат проблем, особено за малите и микро претпријатија кои немаат капацитет да ги следат промените за потребната документација која треба да ја приложат при инспекциска контрола“, додаде Милошевски.

Консултација на бизнис-заедницата за новиот Закон за инспекциски надзор на Министерството за информатичко општество и администрација, кој е во фаза на подготовка, е од особено значење. Според информациите, новиот Закон ќе биде во насока на  надминување на неконзистентноста и слабостите на актуелниот Закон за инспекциски надзор од 2010 година и воведување на нов концепт на инспекциски надзор преку планирање врз основа на процена на ризик, олеснување и поголема правна сигурност за субјектите на надзор, пред сè, од приватниот сектор, со воведување на унифицирани правила и задолжителност на листи за проверка при редовниот инспекциски надзор.

М.В