/ Прочитано:

1.598

Реформата на јавна администрација – една од клучните области за евроинтеграцијата на Македонија

Осмиот состанок на Специјалната група за реформа на јавната администрација (СГ-РЈА) меѓу Европската комисија и Република Македонија се одржа изминатите два дена во Скопје, како дел од работните тела на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, информираат од Министерството за информатичко општество и администрација.

Состанокот го отвори министерот за информатичко општество и администрација,  Дамјан Манчевски, а учествуваа и Калинка Габер, државен секретар од Секретаријатот за европски прашања, како и претставници од Европска комисија, претставници на земјите членки на ЕУ, како и претставници од релевантните институции од Македонија.

На состанокот се зборуваше за неколку теми: стратешката рамка за реформа на јавната администрација, вклучувајќи ја и програмата за реформи во управувањето со јавни финансии, управувањето со човечки ресурси во јавниот сектор и правичната застапеност, развојот на политики и координација, испораката на услуги, како и за одговорноста и транспарентноста на јавните институции.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, истакна дека реформата на јавната администрација останува клучен приоритет. Манчевски се осврна на клучните реформски активности кои ќе бидат преземени во претстојниот период, а се однесуваат на подготовка на концепт за создавање висока раководна служба, спроведување на хоризонтална функционална анализа на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби од централната власт, како и активности за унапредување на примената на Законот за општа управна постапка.

Европската комисија нагласи дека реформата на јавна администрација останува една од клучните области во однос на евроинтеграцијата на Македонија. Двете страни се обврзаа да продолжат да работат заедно за сите прашања што се однесуваат на реформите во областа. Како и минатата година, така и оваа, заклучоците од СГ-РЈА ќе бидат објавени на веб-страницата на МИОА во текот на следните денови.

СГ-РЈА беше формирана на седмиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација, кој се одржа на 3 и 4 јуни 2010 година во Скопје.