/Прочитано:

1.026

РЕФОРМИ НА ИНСПЕКЦИСКИТЕ СЛУЖБИ: Потребни се служби што нема да се користат како средство за полнење на Буџетот

Денеска беше презентиран проектот за модернизација на инспекциските служби, имплементиран од ИДЕАС ДеПо, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, а финансиран од страна на Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД).

Идејата за реализација на проектот за модернизација на инспекциските служби произлегува од потребата за повисок степен на транспарентност и ефикасност на инспекциските органи и на инспекцискиот систем во целост.

Реформата на инспекциските служби, како дел од сеопфатната реформа на јавната администрација, треба да придонесе за воспоставување на поефикасен и потранспарентен инспекциски систем преку вклучување на засегнатите чинители со нивните препораки и мислења за соодветни законски решенија и за организациските прашања.

Унапредувањето на инспекцискиот систем, беше истакнато на денешниот настан, треба да се насочи кон подобрување на законската рамка за инспекциски систем, со спроведување обуки и градење институционални капацитети за подобрување на знаењето на инспекторите од посебни области, како и со изготвување е-решение за подобрување на ефикасноста на инспекциските служби.

„Потребен е модерен инспекциски систем кој ќе обезбеди поголема ефикасност на инспекциските служби, како и усогласеност на практиките во инспекцискиот надзор. Овие служби не треба да се користат за полнење на буџетската каса, туку за подобрување на услугите кон граѓаните, а бенефитот да се одрази и кон приватниот сектор“, истакна на денешниот настан министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Според Манчевски, клучни слабости на инспекциските служби се совпаѓањето на нивните надлежности, но и перципирањето дека треба да служат за полнење на буџетската каса, а не за подобри услуги за граѓаните.

„Станува збор за неколку проблеми. Едното е совпаѓање на надлежностите и кога веќе имаме толкав голем број инспекторати, тогаш навистина сите треба да знаат што прават и да бидат координирани од едно место. И пред сѐ, никој не треба да ја сфаќа работата на инспекциските служби како средство за полнење на Буџетот. Мислам дека тоа беше голем дел од проблемот во минатото – кога фалеа пари во Буџетот, се пуштаа инспекциски служби за тој да се полни. Инспекциските служби треба да се сфатат само во контекст на подобрување на работата на институциите, со цел граѓаните да имаат подобри услуги“, истакна Манчевски..

На денешниот настан се обратија и директорот на проектот за модернизација на инспекциските служби, Александар Шахов, како и претставникот на УСАИД за Македонија, Дејвид Атебери.

„Подобрувањето на инспекциските служби на македонскиот пазар ќе придонесе за унапредување на деловното опкружување и на економијата. Во наредните три години преку проектот со МИОА ќе се соработува во насока на рационализирање на регулаторното опкружување, зголемување на ефикасноста на инспекциските служби и натамошна надградба на знаењето и капацитетите на инспекторите. Очекуваме дека проектот ќе резултира со промовирање на раст предводен од приватниот сектор, односно до побрз економски раст во државата“, истакна Дејвид Атбери, претставник на УСАИД за Македонија.

M.В