/ Прочитано:

2.443

РЕФОРМИ ВО СУДСТВОТО: Потребно е да се обезбеди брзо извршување на пресудите на ЕСЧП

Институт за човекови права, Македонско здружение на млади правници и Институт за европска политики во рамки на проектот „Заедничка акција за итни реформи во судство“ поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија, одржаа прес конференција за презентација на вториот мониторинг извештај за итните реформи во судството, согласно извештајот на Прибе. Вториот мониторинг извештај е продолжение на првиот извештај „Реформи во судството – од Прибе 1 до Прибе 2 и потоа“, а се однесува на последниот квартал од 2017 година.

На денешниот настан говореа Мирослав Драганов, извршен директор на Институт за човекови права (ИЧП), потоа Ангела Шумкоска, проектен соработник во Македонско здружение на млади правници (МЗМП) и Ива Цоневска, проектен соработник во Институтот за европска политика (ЕПИ).

Драганов во своето излагање говореше за работата на Судскиот совет на РМ, Советот за утврдување на факти и Советот на јавни обвинители на РМ. Шумковска говореше за извршувањето на одлуките на ЕСЧП во РМ и решавањето на „стари предмети“ во судовите, а Цоневска се осврна на прашањето за објавувањето на судските одлуки и работењето на Академијата за судии и јавни обвинители.

Во извештајот за кој се говореше на денешниот настан се нагласува дека потребна е деполитизација на изборот и на унапредувањето на судиите и на јавните обвинители во практиката, а не само во теоријата, и тоа врз основа на транспарентни, објективни и на критериуми засновани на заслуги и примена на хармонизиран систем на учинок заснован на квантитатитвни, но и на квалитативни станданрди, како основа за кариерен напредок во судството и во јавното обвинителство.

Потребно е да се отстранат и елементите од системот за дисциплинска одговорност и за разрешување на судиите кои во моментов ја поткопуваат судската независност, и во теорија и во практика. Судскиот совет треба да обезбеди професионализам во практика, а не само во теорија, посебно преку јасен и предвидлив тест за примена на критериумот „истакнат правник“. Воедно, Судскиот совет и највисоките судови треба да имаат активна улога во заштитата на независноста и во заштитата од влијанија.

„Потребно е да се унапреди квалитетот на обуката, буџетот и автономијата на Академијата за судии и јавни обвинители и да се поттикне испраќањето на национални судии на стаж во ЕСЧП“, се вели во извештајот.

Неопходно е да се обезбеди објавување на сите судски пресуди, во јасни рокови, определени со закон и да се изработи досие за вкупната должина на судските постапки, со специјален фокус врз „стари предмети”. Според податоците, пред Управниот суд на РМ има 38 нерешени предмети, со времетраење од 3 до 7 години, од кои 4 се предмети за денационализација и 1 за експропријација. Управниот суд нема нерешени предмети постари од 7 и 10 години31. Вишиот Управен суд нема незавршени предмети постари од 3, 7 и 10 години.

Неминовно е, се истакнува во извештајот, да се обезбеди брзо извршување на сите пресуди на Европскиот суд за човекови права против државата, особено преку воведување практични и ефективни мерки за секоја категорија на случаи. Македонските судови во однос на притворот треба да ја почитуваат практиката и стандардите на Европскиот суд за човекови права. Неизвршувањето на одлуките на судот во Стразбур, беше резимирано на денешниот настан, има негативно влијание на заштитата на човековите права.

M.В