/Прочитано:

702

Реформираното судство е насушна потреба на граѓаните

Реформската агенда на Министерството за правда е практично реконструирање на законската рамка со цел да се обезбедат процедури што ќе ја зајакнат независноста на судството, но и ќе санкционираат непрофесионално и пристрасно однесување од страна на судската власт, вели министерката за правда, Рената Дескоска.

„Во процесот на изработка на законските решенија учествуваа претставници од судските власт, судии, претставниците на експертската фела, и имавме инклузивен процес. По донесувањето на законската рамка, останува вашата задача, а тоа е најважната задача. Можеме да создадеме идеален закон, но да имаме лоша имплементација. Праксата покажала, не само во Македонија туку и во други земји, дека некогаш и со не толку добар закон можеме да имаме добра пракса, односно имплементација која ќе значи примена на законските норми во корист на владеењето на правото и принципот на правда и правичност и почитување на човековите права, потенцира министерката Дескоска, според која улогата на судската власт во враќањето на достоинството на судската професија и заштитата на правото е најзначајна во овој процес.

Дескоска акцентира дека воспоставувањето на владеењето на правото, независно и непристрасно судство, кое ќе ја врати довербата во правдата, реформирањето на судскиот систем во Република Македонија не се прави единствено поради членството во ЕУ и НАТО, туку дека тоа е насушна потреба на граѓаните.

Министерката Дескоска додава дека Законот за судови е доставен и до пратеничките групи во Собранието со цел да се искористи овој период и да се развие една дебата со политичките субјекти пред официјалното пуштање во собраниска процедура, што може да се очекува кон крајот на годината.

Министерката за правда, Рената Дескоска, денеска во Охрид учествува на Меѓународна судска работилница на тема „Ефективна имплементација на реформираниот концепт на Судскиот совет“, во организација на Здружението на судиите на Република Македонија, Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Македонија и Институтот ЦЕЕЛИ од Прага.

М.В