/ Прочитано:

1.897

Реформите за олеснување на трговијата и Спогодбата на Светската трговска организација

На советувањето што се одржа во Стопанската комора, деловната заедница се информираше за најновите глобални и регионални иницијативи насочени кон забрзување и поедноставување на постапките во прекуграничната трговија и обврските за Република Македонија кои произлегуваат од нив.

Компаниите се запознаа и со резултатите од анкетата за бариерите во прекуграничните постапки, спроведена од страна на Проектот на УСАИД за регионалниот економски раст – РЕГ и „ИДЕАС ДеПо“ во текот на 2017 година.

„Многу е важно деловната заедница да биде информирана за рамката за спроведување на реформите за олеснување на трговијата, претставена преку Спогодбата на Светската трговска организација за олеснување на трговијата и утврдувањето на минималните барања кои треба да се спроведат за да се зголеми ефикасноста на прекуграничните постапки“, истакна Гордана Тошева, регионален координатор на активностите за олеснување на трговијата – Проект на УСАИД за регионалниот економски раст – РЕГ.

Таа во своето излагање додаде дека Македонија, како мала земја со ограничен пазар, во голема мера го базира својот раст и развој врз интензивна вклученост во регионалните и глобалните надворешнотрговски текови. Во тој контекст, степенот на трговската отвореност и ефикасноста на движењето на стоките преку граница претставуваат клучни фактори на конкурентноста на македонската економија и правопропорционално влијаат на нивоата на домашни и странски инвестиции и на потенцијалот на домашните компании за вклучување во глобалните синџири на вредност.

Според Ѓоко Танаскоски, генерален директор на Царинската управа на Република Македонија, токму поради тоа што македонската економија во голема мера зависи од присутноста и конкурентноста на домашните компании на регионалните и глобалните пазари, Царинската управа своите активности интензивно ги фокусира кон имплементација на добри практики со цел олеснување и забрзување на протокот на стоки од и кон Република Македонија.

„Како резултат на постојаните напори за либерализација на трговската политика, во последните петнаесет години Република Македонија успеа да спроведе либерален надворешнотрговски режим, кој се карактеризира со: членство во Светската трговска организација (СТО) и користење на МФН царинските стапки; потполна либерализација на царинските постапки во заемната трговија со земјите потписнички на ЦЕФТА-спогодбата; бесцарински пристап до пазарите на ЕУ преку имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и потпишувањето на договорите за слободна трговија со Турција, Украина и земјите од ЕФТА“, посочи Танаскоски.

„Досегашните аранжмани ја намалија царинската заштита со најважните трговски партнери на Македонија, но сепак останува фактот дека ефикасниот проток на стоките преку граница претставува важна конкурентска предност, со што сè повеќе расте и актуелноста на напорите за олеснување на трговијата. Од тие причини во рамките на СТО беа иницирани преговори за глобално регулирање во насока на олеснување на трговијата и поттикнување на растот на светската трговија, кои во 2013 година резултираа со усвојување на мултилатералната Спогодба на СТО за олеснување на трговијата која, по ратификација од страна на 2/3 од членките на СТО, во февруари 2017 година стапи на сила“,  истакна Танаскоски.

Ѓино Шкријељ, претседател на групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори, истакна дека за царинските застапници од особена важност е функционалноста на ЕКСИМ-системот бидејќи во моментов неговото функционирање, кое има основна цел забрзување на постапките за царинење и побрз проток на стоки, не може да биде во целост исполнето кога имаме непостоење на бесхартиена околина и одреден број дозволи за кои треба преиспитување дали се потребни.

„Заедничката контрола на граничните премини треба да профункционира во вистинска смисла, како и да тоа да има пошироко промовирање и употреба на поедноставените царински постапки“, истакна Шкријељ.

„Успешната  имплементација на Спогодбата за олеснување на трговијата во Македонија ќе значи директна инволвираност на државните институции, но и на приватниот сектор. Во  планирањето и спроведувањето на реформите во оваа област клучната улога ќе ја имаат компаниите коишто на транспарентен начин ќе можат да ги адресираат потребите и проблемите со коишто се соочуваат при извоз и увоз на стоки“, подвлече Билјана Додевска, државен советник за евроинтеграции и меѓународна трговска соработка при Министерството за економија.

Од тие причини, Спогодбата предвидува секоја земја да воспостави механизам за дијалог и координација, таканаречен Национален комитет за олеснување на трговијата, кој ќе ги планира и ќе ги координира активностите за олеснување на трговијата и во кој покрај институциите надлежни за постапките во меѓународната трговија, ќе бидат вклучени и претставници од бизнис-секторот.

Покрај ратификацијата на Спогодбата на СТО, Република Македонија паралелно ги спроведе и преговорите со членките на ЦЕФТА, при што сите земји од ЦЕФТА-спогодбата едногласно го усвоија дополнителниот Протокол 5, како задолжителен документ со кој земјите потписнички се обврзуваат да имплементираат конкретни активности за понатамошно забрзување на протокот на стоките во нивната меѓусебна трговија. Одредбите на Протоколот 5 се во голема мера засновани и усогласени со барањата на Спогодбата на СТО за олеснување на трговијата – истакна Илир Шабани, раководител на секторот за меѓународна трговска соработка при Министерството за економија.

M.В