/ Прочитано:

1.251

Регионална анкета: Властите не се консултираат со граѓаните во врска со квалитетот на јавните услуги

Според наодите од анкетата спроведена во рамки на проектот ВеБЕР (WeBER), само 43% од широката јавност во шесте земји од Западен Балкан мислат дека со текот на времето е олеснет пристапот до јавната администрација.

Анкетата насловена „Истражување на јавната перцепција за административните услуги во земјите од Западен Балкан“ е прва регионална анкета посветена на обезбедување услуги, спроведена во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

Кога е во прашање прекумерната бирократија (red tape) во јавната администрација, 48% од граѓаните низ Западен Балкан мислат дека во последните 2 години постојат иницијативи или напор од страна на нивните влади со цел да се поедностават административните процедури за граѓаните и бизнисите. Овој став го делат мнозинството граѓани во Косово (57%), но само 28% во Босна и Херцеговина, додека во Македонија овој став го делат 51%.

„Наодот кој најмногу изненадува и кој во исто време претставува постојан предизвик е перцепцијата дека недостасуваат механизми кои им дозволуваат на граѓаните да го дадат своето мислење за квалитетот на услугите што ги добиваат од страна на државата. Доколку зборуваме генерално, податоците од анкетата откриваат големи варијации помеѓу поединечните земји од Западен Балкан во однос на перцепцијата на граѓаните за различни аспекти од обезбедувањето услуги“, вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.

Само околу една третина од граѓаните ширум регионот потврдуваат дека во последните 2 години администрацијата го земала предвид нивното мислење за тоа како да се подобрат административните услуги, движејќи се од 13% во Босна и Херцеговина до 44% во Албанија, а во Македонија ова мислење е застапено со 29%.

Покрај тоа, една третина од популацијата во регионот се согласува дека, како корисници на административни услуги, имаат можност да го искажат своето мислење во однос на квалитетот на услугите што ги добиваат – движејќи се од 15% во Босна и Херцеговина до 36% во Македонија и 38% во Косово.

„Без механизми што обезбедуваат повратни информации, невозможно е која било власт да знае што мислат граѓаните за конкретни аспекти на обезбедувањето на услугите и кои подобрувања сметаат дека се потребни, а сепак како даночни обврзници, тие ги финансираат тие услуги. Навидум, ситуацијата укажува на тоа дека властите во регионот не се грижат за потребите на граѓаните, што може да е резултат на слаб/низок капацитет, но може исто така и да укажува на тоа дека има недостаток на разбирање на важноста на градењето доверба во владата низ вакви механизми“, објаснува Кацарска.

Податоците од анкетата, исто така, откриваат низок степен на јавна свест за достапноста на е-услуги ширум регионот, движејќи се од 19% во Босна и Херцеговина до 53% во Македонија.

„Можеме да увидиме и уште еден загрижувачки податок, а тоа е дека има голема дискрепанца помеѓу подготвеноста за користењето на е-услуги и добивањето на овие услуги“, укажува Симонида Кацарска.

Само 35% од испитаниците кои се запознаени со е-услугите достапни во нивните држави велат дека во последните 2 години „секогаш“ успеваат да ја добијат услугата која ја побарале онлајн. Овој податок варира помеѓу 23% во Албанија и 47% во Србија. Кога е во прашање инклузивноста на мониторингот врз обезбедувањето услуги, само четвртина (26%) од граѓаните се согласуваат дека граѓанското општество било вклучено во процесот на мониторирање на обезбедувањето услуги. Нивото на согласност е највисоко во Албанија (35%) и најниско во Босна и Херцеговина (11%), а Македонија се наоѓа на средина со 23%.

М.В