Регионална конференција за дерадикализација, постапување и ресоцијализација на осудени лица во Западен Балкан
Споделувањето искуства во однос на дерадикализацијата, постапувањето и ресоцијализацијата на осудени лица во Западен Балкан беше во фокусот на денешната регионална конференција поддржана од Советот на Европа и Европската Унија.
„На оваа конференција споделуваме искуства во процесот за дерадикализација. Ова е есенцијален аспект во однос на дерадикализацијата и пронаоѓањето на решенија за луѓето кои доаѓаат од бојните полиња. Есенцијално е да се најде начин овие луѓе да се интегрираат во општеството“, истакна Лизелот Исаксон, раководителка на Секторот за граѓанско општество и социјална инклузија, регионална соработка и програми за Западен Балкан, при Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување во Европската комисија.
На денешниот настан стана збор и за активностите што ги презема Управата за извршување на санкциите, како орган во состав на Министерството за правда, а кои се во насока на превенирање на радикализацијата во казнено-поправните установи во државата.
Министерката за правда, Рената Дескоска, истакна дека активностите што се преземаат се: зајакнувањето на капацитетите на вработените за рано препознавање на насилен екстремизам, продлабочување на соработката меѓу институциите во оваа област, подобрување на инструментот за процена на ризиците и потребите на осудените лица и условите во КПУ и ВПУ, користење на постојните капацитети на верските заедници за дерадикализација на осудени лица, посебни програми за третман на лица кај кои се присутни елементи на радикализација, како и развивање на различни образовни програми и стручно оспособување на осудените.
Министерката Дескоска истакна дека прашањето на насилниот екстремизам е феномен со кој се соочуваат многу земји и дека насилниот екстремизам не секогаш почнува на военото поле или жариште туку и во соседството, во домовите, во училниците, на работното место, а понекогаш и во верските објекти.
„На феноменот на радикализацијата во светски рамки не се имуни ниту казнено-поправните установи, што е случај и во Република Македонија. Кај нас појавата на проблемот може да се лоцира кај затворениците од популацијата на млади мажи, на возраст од 18 до 24 години“, посочи Дескоска.
Причините за појавата на ваков вид екстремизам на Балканот министерката за правда ги гледа во повеќе општествени фактори како што се ксенофобијата, лошиот животен стандард и немањето пристап до образование, кои ја зголемуваат можноста за развој на насилен екстремизам и тероризам, со што, пак, се зголемуваат заканите и ризиците по животот и безбедноста на граѓаните. Овие општествени фактори, исто така, придонесуваат Балканот да не е имун и на појавата на феноменот странски терористички борци.
Според министерката за правда, овие транснационални и трансрегионални закани стануваат колективна одговорност на земјите од регионот, а сузбивањето на овие закани по мирот и безбедноста во голема мера зависат од превентивните мерки што секоја држава ќе ги презема самостојно, но и во соработка со соседите и меѓународните институции и организации.
„Со формирањето на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, и изработката на новите стратешки документи (2018-2022), Владата на Република Македонија презеде чекори за подобрувањето на колективната сигурност и одбрана“, истакна министерката Дескоска.
Иван Коеџиков, раководител на Одделот за акција против криминалот, при Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото во СЕ, нагласи дека иако затворениците не се многу популарни во јавноста, сепак, тие се луѓе кои еден ден ќе излезат од затворите и ќе треба да се интегрираат во општеството.
„Многумина ќе кажат дека тие треба да си ја отслужат казната, но не треба да заборавиме дека сите тие еден ден ќе излезат од затворите, ќе ги сретнеме на улица и ќе сакаме да им се насмевнеме и да им кажеме ‘добар ден’. Важно е да се почитуваат човековите права. Не е лесно да се дерадикализира некој кој одлучил да се бори, на пример, во Сирија“, истакна Коеџиков.
М.В