/ Прочитано:

1.592

Регионална конференција за катастар и инфраструктура на просторни податоци

Десетта Регионална конференција за катастар и инфраструктура на просторни податоци се одржа денеска во Скопје. Домаќин на конференцијата е Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија. На конференцијата присуствуваа директорите на катастрите на Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија и Бугарија.

„Целта на оваа конференција е споделување на искуства меѓу земјите од регионот од областа на катастарот кој треба да ги гарантира сопственоста, развојот на пазарот на недвижности, зголемениот број трансакции, да го подобри урбанистичкото планирање, развојот на инфраструктурата и животната средина, со цел одржлив развој во општеството во целина“, беше истакнато на денешниот настан.

Катастарот на недвижностите, инкорпориран во Агенцијата за катастар на недвижности, има големо значење за современиот начин на живеење во нашата држава, бидејќи тој претставува единствен систем за ажурно водење на евиденцијата на земјиштето, зградите, посебните делови на зградите и другите објекти изградени врз земјиштето.

Неговите податоци служат за задоволување на многубројните потреби на стопанските, управните, статистичките, даночните и урбанистичките институции, а со цел заштита на правата врз недвижностите.

Со изготвување на посебни евиденции на недвижностите за потребите првенствено на граѓаните, но и за потребите на државните органи, претпријатијата, како и на други правни лица, Агенцијата за катастар доби значење како една од клучните државни институции во Република Македонија.

„Агенцијата за катастар на недвижности е клучна институција за развој на инфраструктурата, која треба да ги гарантира сопственоста, урбанистичкото планирање, развојот на пазарот на недвижности, сè со цел развој на општеството во целина.  Имајќи ги предвид значењето на Катастарот и унапредувањето на земјиштето, оваа конференција ја оценувам како исклучително важна за Република Македонија, но и за сите земји од регионот и пошироко. Споделувањето на искуствата меѓу земјите од регионот од областа на катастарот и инфраструктурата на просторните податоци треба да резултира со воспоставување на функционален катастар кој ќе ги гарантира сопственоста, развојот на пазарот на недвижности, зголемен број трансакции, подобрување на урбанистичкото планирање, развој на инфраструктурата и на животната средина, со цел одржлив развој на општеството во целина“, истакна министерот за транспорт и врски  Горан Сугарески.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески, нагласи дека  благодарение на регионалната соработка на катастрите во изминативе 10 години беше обезбедена можност за учење едни од други, како и за споделување на знаења и добри практики, воспоставување прекугранична соработка во областа на размената на податоци и сервиси од националните ГНСС-системи и заеднички настап пред меѓународните организации и донаторската заедница.

„Како резултат на заедничката соработка, ЕУ го финансираше проектот ’Инспирација‘ – Инфраструктура на просторни податоци во земјите од Западен Балкан, со цел  промоција и јакнење на капацитетите на земјите од Западен Балкан во процесот на имплементација на ИНСПИРЕ-директивата. Потоа следуваше проектот ‘Импулс’ кој е финансиран од Шведската агенција за меѓународен развој и има за цел да го поддржи градењето на капацитетите на националните агенции за катастар и геодезија во воспоставувањето на национална инфраструктура за просторни податоци и техничка интероперабилност помеѓу институциите од регионот, како и развој на услуги и сервиси за размена и споделување на геопросторните податоци меѓу земјите од регионот“, рече Трпески.

М.В