/ Прочитано:

1.504

Регионална конференција за примената на Европската конвенција за човекови права и правото на судење во разумен рок

Усогласувањето на судската практика во Западен Балкан во согласност со стандардите на Европската конвенција заштита на човековите права и со пресудите на Европскиот суд за човековите права претставува клучен приоритет за правосудните институции од регионот и нивните напори за зајакнување на владеењето на правото во светло на европските перспективи.

Ова е заклучокот од дводневната конференција „Унификација на примената на Европската конвенција за човекови права на национално ниво и правото на судење во разумен рок“ која се одржа во Скопје, во организација на Врховниот суд на Република Северна Македонија и во соработка со Европската унија и со Советот на Европа во рамки на „Иницијатива за правна сигурност на Западен Балкан“.

На Конференцијата учествуваа судии и претставници од врховните, уставните и апелационите судови од регионот, како и судии и претставници од Европскиот суд за човековите права и од Советот на Европа.

Кристоф Поирел, директор на Директоратот за човекови права на Советот на Европа, потсетувајќи на максимата дека задоцнетата правда е неправда, го истакна значењето на Инцијативата која за има цел да ја зајакне правната сигурност на Западен Балкан во согласност со стандардите на Советот на Европа. Потенцирајќи ја одличната соработка со Врховниот суд на Република Северна Македонија, тој ја нагласи важноста на Конференцијата на која се разменуваат корисни искуства и мислења за хармонизацијата на судската практика.

Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија нагласи дека ефикасноста и професионалноста не се суштински само за спроведувањето на правдата, туку дека тие се од клучно значење и за кредибилитетот и за положбата на целиот правен систем.

„За да се добие довербата од јавноста, судството и обвинителството мора да ја осигурат ефикасноста на целокупниот судски систем, притоа почитувајќи ги основните вредности. Но, тие тоа не можат да го направат сами. Потребна е поддршка од владата, парламентот, академијата и потребно е партнерството со граѓанското општество и со медиумите“, заклучи тој во своето обраќање.

Беса Адеми, претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија истакна дека за Врховниот суд приоритет е воспоставувањето на ефикасен судски систем кој обезбедува заштита на основните човекови права и слободи, меѓу кои и правото на судење во разумен рок, со цел враќање на довербата на граѓаните во македонското судство со цел тоа да биде модерно и европско.

Настанот претставуваше одлична можност за отворена дискусија и размена на мислења за предизвиците на правосудството од регионот за заштитата на правото на судење во разумен рок во контекст на членот 6 од Европската Конвенција за човековите права и релевантната судска пракса на Европскиот суд за човековите права.