/Прочитано:

140

Регионална конференција за спречување на антисемитските злосторства од омраза

Денеска во организација на Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Мисијата на ОБСЕ-ОДИХР во Република Македонија се одржа Регионална конференција „Справување со антисемитизмот и адресирање на безбедносните потреби на еврејските заедници“. На конференцијата свое обраќање има Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Виктор Димовски, државен секретар во МНР, Берта Романо-Николиќ, претседателка на Еврејската заедница во РМ, амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Илан Кохн, проектен менаџер во ОДИХР.

„Едно општество, односно еден систем не се вреднува по квантумот на институции, на закони, или по бројноста на населението, на ресурсите, на статистиките коишто се толку менливи и променливи. Вистинските вредности доаѓаат од способноста на општеството да дејствува во насока на прифаќање и почитување на различното, да ја препознае и да ја негува индивидуалноста исто како и колективноста, да ги штити, да ги апсорбира и да ги негува човечките надежи, стремежи, перспективи и амбиции“, беше истакнато на денешниот настан.

Потенцирајќи дека омразата, односно ксенофобијата отсекогаш му била туѓа на македонскиот граѓанин и на македонското општество, министерот Спасовски нагласи дека Еврејската заедница во Македонија е тесно вткаена во севкупниот живот и развој на општеството.

„Таа е суштински дел од нас, од овдешната култура, од традицијата и од воспитанието. Нејзиниот печат е длабок и драгоцен и ние тоа знаеме и сакаме да го чуваме и заради себе самите и заради нив, како наши сограѓани и пријатели. И токму заради таквото наследство, заради тој дар оставен од нашите предци, ние сме должни да бидеме и натаму будни, подготвени за брз, ефикасен одговор на институциите кон сите обиди или трендови за појава на каква и да е омраза“, рече Спасовски, додавајќи дека од страна на Министерството за внатрешни работи таквиот вид омраза ќе биде благовремено детектиран и спречен.

М.В