/ Прочитано:

886

Регионална соработка во унапредувањето на родовата еднаквост и борбата против говорот на омраза

По повод неделата на женски права и родова еднаквост, од 22 до 29 септември, Клубот на пратенички на Собранието на Република Северна Македонија, со поддршка на УСАИД и Националниот демократски институт (НДИ), одржа регионална конференција на тема: „Регионалната соработка во унапредувањето на родовата еднаквост/рамноправност и борбата против говорот на омраза“.

На конференцијата учество зедоа: Ѓулумсер Касапи, претседателка на Клубот на пратенички; Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите; Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието; Крис Хеншоу, директор на НДИ; Даниела Димитриевска, извршна директорка на Македонското женско лоби; Франческа Бинда, претседателка на „Бинда консалтинг“; пратеничката Снежана Ванчева-Калевска; пратеничките гостинки од Подгорица, Белград, Тирана, Сараево и Приштина, како и други членови и пратенички на Клубот.

Во своето воведно обраќање, претседателката Касапи ги истакна улогата, заложбата и досегашните достигнувања на Клубот, кој брои вкупно 48 пратенички од различни политички партии, како и независни пратенички.

„Во фокус на конференцијата е говорот на омраза кон жените во општеството и кон жените во политиката, за кој треба да се реагира и да се искористат сите инструменти да му се стави крај“, посочи Касапи.

Пратеничката Рангелова повика да се зборува за жените во еден глас, за сите жени воопшто, не само како жени политичарки. Таа сподели дека, поради нееднаквата дистрибуција на моќ, сѐ уште се дискутира за женското прашање, затоа е важно економското јакнење на жената и надминувањето на негативната стереотипизација на жените во политиката.

Генералната секретарка Иванова истакна дека ова прашање е актуелно не само кај нас, туку и во целиот свет. „Говорот на омраза не е само повреда на одредени права, тоа го повредува и целото општество, сите односи. Ако претходниот век беше век на борба за слобода на говорот, овој нека биде против говорот на омраза“, повика Иванова.

Споделувајќи искуства и практики од европските земји каде што жените се носители на високи функции, Крис Хеншоу повика да се направaт промени на Балканот, каде што претстои долг пат за тоа, а воедно посака и дискусиите на конференцијата да бидат плодни, но и моќни.

„Заклучоците од конференција да бидат во две насоки: првата насока е да се направи ревизија на досегашната легислатива, како и да се разгледаат можностите за нејзино зајакнување, додека втората насока е во однос на имплементација на легислативата и инструменти за нејзино почитување“, истакна пратеничката Снежана Ванчева-Калевска. Таа посочи дека неопходно е да се направи стратегија и 2020 година да биде година на сеопфатна борба против говорот на омраза на жените во политиката.

„Говорот на омраза е орудие за напад во мирно општество. Тој започна тука во Собранието, се пренесе преку медиумите и треба тука и да заврши, со говорниците“, рече Даниела Димитриевска.

Франческа Бинда апелираше дека панел-дискусиите мора да бидат еднакви, не се прифатливи дискусии во кои е присутен само еден род.

На регионалната конференцијата во попладневната сесија панелистите имаа можност да дебатираат на две панел-дискусии:

Регионалната соработка во областа на унапредување на родовата еднаквост;

и Борба против говорот на омраза против жените во политиката.

Соговорниците констатираа дека наспроти солидната правна рамка во државата, која го третира прашањето на говорот на омраза во согласност со стандардите на ЕУ, сѐ уште сме сведоци дека нема процесирано ниту една правосилна одлука, освен мал број на пријави од страна на невладините организации, Министерството за внатрешни работи и приватни лица.

Клубот на пратенички изминатиот период осуди говор на омраза кон жените во политиката упатен од носител на политичка функција, како и говор на омраза на социјалните медиуми кон пратеничка во политичка партија.

М.В