/ Прочитано:

1.933

Регионални искуства за медијацијата како ефикасен начин на алтернативно решавање на стопанските спорови

Стопанската комора на Македонија во заедничко партнерство и со поддршка на ДИХК – ЦЕФТА Проектот (Асоцијација на трговско-индустриските комори на Германија и ЦЕФТА-коморите) беше домаќин на Регионалната конференција на тема: „Медијацијата како ефикасен начин на алтернативно решавање на стопанските спорови“, со цел подигнување на јавната свест за мирно решавање на споровите со помош на алтернативни начини на решавање на споровите како што е медијацијата, и тоа со посебен осврт на стопанските спорови, тргнувајќи од фактот дека коморите по вокација се застапници на интересите на бизнис заедницата и стопанството.

„Стопанската комора на Македонија дава целосна поддршка на овој процес што се гледа преку активностите кои ги презема за промоција на медијацијата, со формирање и на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата како форма на организирање и работење во рамките на Комората“, истакна на регионалната конференција д-р Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија, лиценциран медијатор, лиценциран арбитер и помирувач.

„Република Македонија, следејќи ги трендовите од нормативноправен аспект, е подготвена на своите граѓани да им овозможи правна рамка и можности за алтернативно решавање на споровите, како што е медијацијата, а Министерството за правда има главна улога во целокупниот процес“, истакна на регионалната конференција м-р Миљазим Мустафа, државен советник во Министерството за правда на Република Македонија.

Актуелните случувања и искуства од областа на медијацијата во земјите членки на Европската Унија  ги споделија амбасадорите Н.Е. д-р Кристине Д. Алтхаузер на Сојузна Република Германија во Република Македонија и Н.Е. Воутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија, а беа споделени и искуствата од Хрватска, Турција, Молдавија, Црна Гора, БиХ и Албанија и други регионални искуства.

„Влијанието на новиот Закон за медијација, кој започна да се применува во 2016 година во Германија, досега беше доста ограничено. Во последните години во Германија, на годишно ниво околу 80.000 до 100.000 случаи беа решени преку медијација“, нагласи д-р Алтхаузер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во Република Македонија.

„Практикувањето на медијацијата е во пораст и се очекува во иднина да порасне уште повеќе и тоа поради глобализацијата, приватизацијата, намалувањето на буџетите и желбата граѓаните да имаат поголемо влијание врз своите работи“, додаде Воутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија.

На Регионалната конференција, претставниците на коморите во регионот и Македонија ги истакнаа своите заложби и гледишта за промоција на медијацијата во матичните земји. Во контекст на Македонија, медијаторот м-р Илија Манасиев подвлече дека во Република Македонија денес се потребни 500 евра за започнување на судски спор, нагласувајќи дека субјектите треба да  се охрабрат да започнат постапка за медијација чии трошоци изнесуваат една петтина од судските трошоци.

Во однос на идните насоки за поддршка на медијацијата, Манасиев препорача задолжителност на обидот за медијација и кај работните и осигурителните спорови, презентирајќи ги податоците од „Fortune 1000“, кои говорат за фактот дека најдобрите 1000 компании за 2011 година споровите ги водат во вонсудска постапка, избегнувајќи го судот како последна инстанца. Правејќи паралела со јавниот и приватниот сектор во Република Македонија, Манасиев потенцираше дека јавниот сектор сѐ уште скептично гледа на медијацијата, за разлика од приватниот сектор.

Заклучоци од Регионалната конференција „Медијацијата како ефикасен начин на алтернативно решавање на стопанските спорови“

  • Да се зголеми довербата за користење на медијација кај страните, a за таа цел e неопходно продолжување на вакви и други активности за промоција и афирмација на медијацијата како ефикасен и алтернативен начин на решавање на споровите;
  • Речиси во сите комори од регионот, Европа и пошироко, во рамки на коморите постојат посебни оддели за промоција на медијацијата и така треба да продолжи и понатаму, со цел поголема достапност на сите информации до заинтересираните страни;
  • Бидејќи европските земји, особено Кралството Холандија, имаат висок процент на застапеност на медијацијата во решавањето на споровите, потребно е и другите држави од регионот да ги следат нивните искуства и нив да ги имплементираат во своите активности;
  • Продолжување на соработката со релевантните државни институции, пред сѐ, со министерствата за правда во државите и усогласување, менување на законската или подзаконската регулатива, со цел создавање применливи решенија кои ќе бидат во функција на користење од страните; 
  • Искористување на придобивките од медијацијата, а тоа се: доверливоста на постапката, исклучување на јавноста од постапката, економичноста и ефикасноста на постапката и секако, останување во добри деловни односи со страната во постапката на медијација.

М.В