/ Прочитано:

470

РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ: Културата на неказнивост и понатаму опстојува

Годинава Македонија бележи скок од 2 места на оваа листа и сега се наоѓа на 90-то место од вкупно 180 земји во светот. Денес беше објавен овогодишниот индекс на Репортери без граници, кој ја мери слободата на медиумите во државите низ светот, а во врска со кој ЗНМ објави соопштение.

„Еден од основните проблеми кои ги истакнува извештајот на Репортери без граници е опстојувањето на културата на неказнивост кон насилството и нападите врз новинари. За оваа појава ЗНМ повеќепати јавно укажуваше во текот на минатата година и алармираше дека доколку не се казнуваат напаѓачите кон новинарите, насилството ќе продолжи, а ова ќе биде нотирано и од меѓународните организации.

Во делот за нашата земја во извештајот на Репортери без граници се наведува: ‘2020 година беше вонредна година за Република Северна Македонија. Парламентот се распушти, привремената влада ја презеде власта, а потоа мораше да се одложат предвремените парламентарни избори поради пандемијата на ковид-19 и соодветно прогласената вонредна состојба. Ситуацијата со медиумите се влоши, високи владини претставници продолжија да се закануваат и да ги навредуваат медиумите, а се зголеми и сајбер малтретирањето, како и вербалните напади врз новинарите на социјалните мрежи.’

Во извештајот дополнително се наведува: ‘Известувањето беше комплицирано со тековната пандемија. Медиумските организации, исто така, остро се спротивставија на различните предложени измени и дополнувања на законот за државни и приватни медиуми, со кои се овозможува државно рекламирање во медиумите со образложение дека може да го поттикне клиентелизмот. Министерството за правда подготвува нов Кривичен законик којшто треба да овозможи безбедност за новинарите и медиумските работници.’

Според последниот индекс за слобода на медиумите, од соседството пред Северна Македонија се:  Косово, на 78-то и Албанија, на 83-то место, додека зад нас се наоѓаат Србија, на 93-то место, Црна Гора, на 104-то и Бугарија на 112-то место. Потсетуваме дека Северна Македонија според индексот за слободата на медиумите во 2009 година беше на 34-то место од 175 земји во светот“, посочуваат од ЗНМ.

М.В