/ Прочитано:

966

САД: Републиканците и демократите заедно ќе го реформираат имиграциското законодавство

Понеделник, 28 јануари 2013 – Озаконување на статусот и натурализацијата на 11 милиони незаконски имигранти кои во моментов престојуваат во САД, предложија видни американски сенатори промовирајќи го Проектот за имиграциска реформа пред Конгресот на САД. 

Проектот за миграциска реформа предводен од осум сенатори меѓу кои има демократи и републиканци е една од најважните точки на дневниот ред за оваа година  како во работата на претседателот Барак Обама, така и на Конгресот на САД.

На денешната прес-конференција на Конгресот е објавена спогодбата која е  постигната во двопартиската група. Спогодбата ја опфаќа пограничната безбедност, сезонските работници, проверките на работодавачите, како и процедурата за добивање државјанство за незаконските имигранти.

Иако се уште постојат спорни детали сепак оваа спогодба се смета за најсуштествени напори направени во последните години во однос на  изменувањето на неефикасното и расцепкано имиграциско законодавство.

За утре се очекува претседателот Обама своите погледи за воведување на новото имиграциско законодавство да ги изложи во сојузната држава Невада.

Предлозите за реформа на имиграциското законодавство на претседателот и на групата сенатори се разликуваат во деталите, но целта и на двете страни е иста. Да се реши состојбата со имигрантите и тие да се здобијат со законски статус.