/ Прочитано:

4.023

Решение на Уставниот суд во врска со иницијативата поднесена од Нотарската комора за одредби од Законот за нотаријатот

Уставниот суд поведе  постапка за оценување на уставноста на член 12 став 13 и член 20 став 1 точка „ѓ“ во делот: „и (13)“ од Законот за нотаријатот, но не поведе постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 точка „и“; член 12 ставови 9 и 12; член 20 став 1 точка „ѓ“ број „(9)“, член 95 став 4 и член 153 став 5 од законот. Иницијативата е поднесена од Нотарската комора на РМ.

Според член 12 став 13 на Законот за нотаријатот, доколку нотарот од ставовите (8) и (9) на овој член не го положи стручниот испит за проверка на знаењето во предвидените рокови, должен е најдоцна во рок од 30 дена од одржувањето на стручен испит за проверка на знаењето да плати казна од 3.000 евра во денарска противвредност на наменската сметка на Нотарската академија при Комората кои ќе се користат само за стручно оспособување на нотарите во рамките на Комората. По плаќањето на казната, нотарот се стекнува со право повторно да го полага стручниот испит за проверка на знаењето во рок од шест месеци по претходното полагање на стручниот испит за проверка на знаењето. Доколку нотарот не ја плати казната или повторно не го положи стручниот испит за проверка на знаењето, тоа е основ за поведување на постапка за разрешување во согласност со член 20 став (1) точка ѓ) од овој закон.

„Според наводите во иницијативата, одредбата од член 12 став 13 од Законот не била во согласност со членот 14 од Уставот според кој кое дело е казниво се утврдува со закон, а во согласност со Кривичниот законик.Судот смета дека неположувањето на стручниот испит на нотарот не може да добие квалификација на казниво дело, односно дека не станува збор за дејствие кое по својата природа е општествено опасно и кое треба да биде санкционирано со парична казна. Последица од неположувањето на испитот е разрешување на нотарот, а плаќањето парична казна во таква ситуација нема оправдување“, се образоложува во  Решението на Судот.

Со оглед на тоа дека член 20 став 1 точка ѓ) во делот: „и (13)“ од Законот ја следи правната судбина на член 12 став 13 од Законот, Судот оцени дека натамошното опстојување на овој дел од одредбата би значело повреда на начелото на владеење на правото.

Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 точка „и“; член 12 ставови 9 и 12; член 20 став 1 точка „ѓ“ број „(9)“, член 95 став 4 и член 153 став 5 од Законот.

Во иницијативата на Нотарската комора се наведува дека одредбата од член 95 став 4 од Законот, според која полномошното издадено од адвокат се заверува со адвокатски печат и потпис, била нејасна и непрецизна со оглед на тоа дека гласела „полномошно издадено од адвокат“ наместо „можеби“, „полномошно издадено од странка“.

„Законодавецот пропишал дека со полномошно издадено од адвокат може да се преземаат правни дејства пред нотар само ако полномошното е заверено со адвокатски печат и потпис. Со тоа, законодавецот ги ставил во иста правна положба сите адвокатски писмена кои можат да се користат во постапка пред нотар, а кои задолжително треба да бидат составени од адвокат и да содржат адвокатски печат и потпис“, се вели во образложението на Судот.

Судот оцени дека не може да се прифати дека оспорениот став 4 на членот 95 од Законот за нотаријатот е нејасна и непрецизна одредба која не овозможува остварување на уставно утврдените слободи и права и дека тоа водело кон повреда на начелото на владеење на правото, како што се наведува во иницијативата.

Уставниот суд ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на член 153 став 6 од Законот означен во точката 1 на ова решение. Оспорениот член 153 став 6 од Законот за нотаријатот веќе бил предмет на оценување пред Уставниот суд, кој со Решение У.бр.94/2016 од 5 април 2017 година не повел постапка за оценување на неговата уставност.

Имено, посочуваат од Уставниот суд, Судот оцени дека со наведеното решение законодавецот определил дека нотарот и адвокатот треба да си ги поделат наградата и трошоците во еднакви делови, од каде што основот за определување на висината на наградата и трошоците треба да биде единствен (член 153 став 6 од Законот за нотаријатот). Ова е уште повеќе од важност затоа што постапката за расправање на оставината ја води нотарот, а адвокатот во неа учествува само како полномошник на учесниците во оставинската постапка.

Впрочем, во функција на запазување на уставно загарантираната самостојност и независност на адвокатите е креиран оспорениот член 182 став 2 од Законот за нотаријатот, според кој Адвокатската комора е должна да ја усогласи адвокатската тарифа во согласност со одредбите од овој закон во рок од два месеца од денот на влегување во сила на овој закон. Во таа смисла, Адвокатската комора на Република Македонија има донесено Одлука за измена на тарифата за награда и надоместок на трошоци за работа на адвокатите .

М.В