/ Прочитано:

1.089

Решението на Уставниот суд за поведувањето постапка за членот 163 ставот 3 од Законот за банките

Уставниот суд го објави Решението за поведувањето постапка за членот 163 ставот 3 од Законот за банките.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седниците одржани на 25 март и 21 април 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 153/2015, 190/2016, 7/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 101/2019).

2. Бојан Стојевски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 163 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата појаснува дека, како адвокат и клиент на Еуростандард банка АД Скопје, има својство на стечаен доверител по основ на побарувања за неговите средства на трансакциска сметка во наведената банка.

Според него со оспорената одредба Фондот за осигурување на депозити бил ставен во привилегирана положба во однос на останатите доверители во стечајната постапка кои имале побарувања спрема Банката што била во стечај и тоа по различни основи (побарувања по депозити, средства на трансакциски сметки, побарувања од направен промет или дадени услуги на банката итн), од каде оспорената одредба била спротивна на цитираниот член 55 од Уставот.

Поаѓајќи од одредбите од Законот за Фондот за осигурување на депозити, подносителот на иницијативата наведува дека Фондот располагал со парични средства кои, меѓу другите начини, ги остварувал со наплата на премија за осигурување, односно собирал средства коишто во случај на стечај на некоја банка ќе требало да ги искористи за исплата на осигурените депозити.

Притоа оспорената одредба го ставала Фондот во поповолна положба по однос на останатите субјекти, доколку дошло до стечај на банка.

Имено, Фондот за осигурување на депозити бил основан согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити и во смисла на овој закон тој располагал со паричните средства кои меѓу другите начини, ги остварувал и со наплата на премија за осигурување на депозити на физичките лица. Тоа значело дека Фондот наплаќал премија за осигурување, односно собирал средства кои доколку дојде до стечај на некоја банка тогаш истите ќе требало да ги искористи за исплата на осигурените депозити.

Спорната одредба од член 163 став 3 од Законот го ставала Фондот во поповолна положба во однос на останатите субјекти (правни лица) доколку дојде до стечај на банка.

Правните лица, согласно Законот за платен промет биле должни да отворат трансакциска сметка и целиот промет да го остваруваат преку таа сметка. Со отворањето на стечај на банката, правните лица не биле во можност да располагаат со средствата од нивната сметка, а кои ги оствариле од нивната дејност иако немале никаков однос со банката поврзан со тие средства, туку само имале трансакциска сметка.

Во такви услови Фондот имал привилегирана положба во однос на правните лица кои без своја вина не биле во можност да си ги добијат нивните заробени парични средства, а Фондот, пак, кој собирал средства со наплата на премија добивал привилегирана положба, што било надвор од секоја разумна правна логика и доведувало до голема правна несигурност на субјектите на пазарот. Со други зборови со оспорената одредба Фондот добивал улога на „профитер“.

Како за пример, во конкретниот случај со Еуростандард банка АД Скопје, Фондот согласно соопштенијата изнесени во јавноста ќе исплател износ од 4, 4 милијарди денари на осигурените депозити на физичките лица и за овој износ истиот ќе бил доверител спрема банката со приоритет во однос на правните лица кои имале средства на нивните трансакциски сметки во Банката. Тоа значело дека доколку Банката имала имот (побарувања, недвижности итн) во вредност од 3 милијарди денари во тој случај само Фондот си се наплаќал, а сите останати субјекти се доведувале во позиција да останат без какво било обештетување. Од друга страна, согласно соопштенијата на Фондот изнесени во јавноста истиот имал собрано средства за исплата на осигурените депозити, што значело дека од собраната премија во текот на изминатите години ќе можел да ги исплати осигурените депозити, при што наплатените средства со приоритет од банката ќе му дошле како негов приход (бидејќи има приоритет и ќе се наплати од целиот имот со кој располага Банката), а во иднина повторно ќе си наплаќал премија за осигурување на депозити и така профитабилно ќе си работел со оглед дека во банкарскиот сектор не се случувало секој ден да пропадне банка.

Од друга страна, правните лица кои имале средства на трансакциските сметки во банката, а кои и биле неопходни за да ја вршат нивната дејност, поради неможност да се ги наплатат истите ќе биле принудени да одат во стечај, иако како што смета подносителот на иницијативата не биле „ни криви, ни должни“.

Она со што, исто така, оваа одредба правела голема дискриминација на пазарот бил фактот што Фондот ги исплаќал само осигурените депозити на физички лица. Ова значело дека секое физичко лице кое вложило до 30000 евра во банка со цел да оствари добивка во вид на камата (што влегло во договорен однос со банката) уживало заштита поради тоа што неговиот депозит бил осигуран во Фондот и ќе бил исплатен од Фондот кој пак подоцна со приоритет ќе се наплател од банката којашто е во стечај. Притоа, правните лица кои имале трансакциски сметки во банката, над која се отворил стечај не биле во можност да си ги подигнат своите средства (свои бидејќи се остварени од направен промет и дадени услуги на трети лица, а банката е само носител на платен промет кој наплаќа провизија од правните лица) и истите треба да бидат стечајни доверители на банката, но ќе се намиреле откако Фондот ќе ги намири своите побарувања. Со други зборови, субјектите кои свесно влегле во ризик и договор со банката да вложат средства со цел да заработат, односно да остварат камата имале привилегирана положба во однос на субјектите кои согласно Законот за платен промет морале да имаат трансакциски сметки и средствата да ги чуваат на тие трансакциски сметки, иако тие средства потекнувале од наплата на побарувања кои ги имале од трети лица, а не од банката.

Оспорената одредба доведувала до состојба да овластениот предлагач на стечај на банка, односно Народната банка на Република Северна Македонија одлуката за отворање на стечај да ја носи во консултација со споменатиот фонд, како доверител спрема банката, што овозможувало правење на пресметки, односно калкулации при донесување на одлуките.

Ставањето на правните лица со нивните трансакциски сметки и средствата кои ги имале во време на отворање на стечајната постапка во положба на стечајни доверители доведувало до повреда на членот 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост. Ова од причина што трансакциските сметки биле сопственост на правните лица, а не на банката над која бил отворен стечај, па тие средства не можеле да влезат во стечајната маса, туку истите овие правни лица требало како излачни доверители да ги остварат тие средства.

Врз основа на наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да ја разгледа иницијативата, а потоа оспорениот член 163 став 3 од Законот за банките да го поништи со што сите субјекти би биле ставени во еднаква положба.

3. Судот на седницата, утврди дека според оспорениот член 163 став 3 од Законот за банките, побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на наплата на осигурани депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители.

4. Согласно член 8 ставови 3, 6 и 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забрана на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Законот за Фондот за осигурување на депозити („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2000, 29/2002, 43/2002, 49/2003, 81/2008, 158/2010, 43/2014, 15/2015, 153/2015 и 27/2016), во членот 1 утврдил дека со овој закон се основа и се уредува работењето и организацијата на Фондот за осигурување на депозити.

Со членовите 2 и 3 од овој закон е уредено дека Фондот го основа и е во сопственост на Република Македонија, тој е правен следбеник на Фондот за осигурување на штедни влогови и Фондот има својство на правно лице со седиште во Скопје.

Според членот 4 од овој закон, банките, филијалите на странските банки и штедилниците основани во Република Македонија се должни во Фондот да ги осигураат депозитите (став 1).

Под депозити во смисла на овој закон се подразбираат денарските и девизните депозити, сертификати за депозит, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица (во натамошниот текст: депозит) (став 2).

Во случај на обесштетување од страна на Фондот, поединечните депозити на едно лице во банка, филијала на странска банка или штедилница се сметаат за единствен депозит.

Според членот 5 од овој закон, паричните средства на Фондот изнесуваат најмалку 4% од вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилници во Република Македонија (став 1). Под парични средства на Фондот се подразбираат средствата кои се наоѓаат на сметките на Фондот во Народната банка на Република Македонија, сметките на Фондот во деловните банки и паричните средства инвестирани во хартии од вредност (став 2).

Според член 6 став 3 од овој закон, средствата на Фондот можат да се користат само за обесштетување на осигурените депозити на физичките лица и за покривање на трошоци на работење на Фондот.

Според членот 7 од овој закон, за осигурување на депозитите на физичките лица Фондот наплатува премија од членките на Фондот по стапка најмногу до 0,7% годишно од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка и штедилница.

Според членот 9 од овој закон:

„Фондот започнува со обесштетувањето на осигурените депозити во рок од 20 дена од денот на конечноста на решението на гувернерот на Народната банка на Република Македонија од членот 4-а став 2 на овој закон (став 1).

Во исклучителни околности, Фондот може да го продолжи рокот од ставот 1 на овој член за најмногу десет дена (став 2).

Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност на 30.000 евра по депозит во една банка, филијала на странска банка или штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на конечноста на решението од членот 4-а став 2 на овој закон (став 3).

Во износот од ставот 3 на овој член се пресметува главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до денот на конечноста на решението од членот 4-а став 2 на овој закон (став 4).

Hа денот на конечноста на решението од членот 4-а став 2 на овој закон депозитите вложени во девизи се конвертираат во денари по среден курс на Народната банка на Република Македонија (став 5).

Обесштетувањето на денарските и девизните депозити се исплатува во денари (став 6).“

Во членот 4-а од овој закон, е предвидено дека гувернерот на Народната банка на Република Македонија ќе донесе решение за забрана за прибирање на депозити на банка, филијала на странска банка или штедилница која е исклучена од членство во Фондот поради неплаќање на премија (став 1). Членството во Фондот престанува и во случај кога гувернерот на Народната банка на Република Македонија ќе донесе решение за укинување на дозволата за основање и работење на банка, филијала на странска банка или штедилница (став 2). Фондот ги осигурува вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилниците депонирани до денот на конечноста на решенијата од ставовите 1 и 2 на овој член (став 3).

Законот за банки („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 190/2016, 7/2019 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019), во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон е основањето, работењето, супервизијата и престанокот на работењето на банките и на филијалите на странски банки во Република Македонија, како и отварањето на филијали на банки од земји членки на Европската Унија и директно вршење на финансиски активности од банки од земјите членки на Европската Унија.

Според членот 3 од овој закон, банкарски активности може да врши само: 1) банка која од гувернерот на Народна банка на Република Македонија добила дозвола за основање и работење, 2) странска банка која од гувернерот добила дозвола за отварање и работење на филијалата и 3) банка од земја членка на Европската Унија која, во согласност со овој закон, отворила филијала во Република Македонија.

Во членот 7 од овој закон се пропишани активностите кои ги врши банката. Банката согласно членот 12, се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија. Според членот 16 од овој закон, гувернерот издава дозвола за основање и работење на банка, за коешто е потребно да бидат исполнети условите пропишани со овој закон.

Со членот 79 од овој закон е уредено дека банката е должна да ја одржува ликвидноста, односно да управува со активата и пасивата на начин што ќе и овозможи намирување на пристигнатите обврски во секој момент.

Според член 82 став 1 од овој закон, органи на банка се собрание, надзорен одбор, одбор за управување со ризици, одбор за ревизија, управен одбор и други органи утврдени со статут (кредитен одбор и слично).

Со членот 154 од Законот, се пропишани основите по кои гувернерот со решение ја укинува дозволата за основање и работење на банката или дозволата за статусни промени, меѓу кои во точката 9 е утврдено дека тоа е и по основ кога се исполнети условите за воведување на стечајна или ликвидациона постапка во банка, во согласност со овој закон.

Во делот од Законот, насловен како „Стечајна постапка“, со одредбите од членовите 157-167 е уредена стечајната постапка на банка.

Со членот 157 е предвидено:

„(1) Решение за исполнување на условите за отворање на стечајна постапка во банка донесува гувернерот.
(2) Гувернерот го донесува решението од ставот 1 на овој член во случаите утврдени во ставот 4 од овој член по службена должност, на предлог на доверителите и на предлог на банката.
(3) По предлогот на доверителите и на банката од ставот 2 на овој член гувернерот одлучува во рок од 15 дена од поднесувањето на предлогот.
(4) Услови за воведување на стечајна постапка во банка постојат кога:
1) банката е несолвентна;
2) врз основа на извештајот на администраторот, или во текот на спроведувањето на планот за рехабилитација се утврди дека банката е несолвентна или
3) во постапката на ликвидација на банката се утврди дека нејзиниот имот не е доволен за исплата на сите побарувања на нејзините доверители.
(5) Банката е несолвентна кога:
1) стапката на адекватноста на капиталот е пониска од една четвртина од пропишаната во членот 65 од овој закон или
2) е неспособна да ги плаќа пристигнатите обврски непрекинато подолго од десет дена.
(6) Одредбите од ставот 4 точка 1 на овој член не се применуваат кога за време на администрација банката е исклучена од платен промет.
(7) Предлог за отворање на стечајна постапка на банка до надлежен суд може да поднесе само гувернерот, во согласност со овој закон. Предлог за отворање на стечајна постапка на банка до надлежниот суд се поднесува првиот работен ден од денот на донесувањето на решението за исполнување на условите за отворање на стечајна постапка во банка. Кон предлогот за отворање на стечајна постапка на банка до надлежниот суд задолжително се приложува и решението на гувернерот за исполнување на условите за отворање на стечајна постапка во банка.
(8) Судот донесува решение по предлогот за отворање стечајна постапка на банка најдоцна во рок од три работни дена од приемот на предлогот од ставот 7 на овој член без спроведување на претходна постапка.
(9) На стечајна постапка на банка соодветно се применуваат одредбите од Законот за стечај, доколку поинаку не е определено со овој закон.“

Според членот 163 од овој закон:

„(1) Со денот на отворањето на стечајната постапка престануваат побарувањата на физичките лица од банката во стечај по основ на депозит до висината на осигурениот износ на депозитот во согласност со Законот за Фондот за осигурување на депозити.
(2) Пред исплатата на доверителите од стечајната маса се издвојува дел на средства за трошоци на постапката, вклучувајќи ги и трошоците на банката која ги презема работите со влоговите во банка од банката во стечај.
(3) Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители.“

Оттука, врз основа на одредбите од Законот за банки, може да се заклучи дека:

– со закон е пропишана материјата на банките (основање, работење, супервизија и престанок на работење),
– е утврдено дека гувернерот на Народна банка дава дозвола за основање и работење на банка.

Побарувањата за исплата на останатите доверители е следователно од стечајната маса на банката во стечај.

Членот 8 од Законот за Народна банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010, 123/ 2012, 43/2014, 153/2015, 6/2016 и 83/2018) дефинирал дека: „Стабилноста на банкарскиот систем и мерките што се преземаат заради постигнување и одржување на неговата стабилност се од јавен интерес“.

Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, во својата основа го има елементот „правна сигурност“ во правниот поредок, односно хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. Од утврдената фактичка состојба и цитираните законски одредби јасно и недвосмислено се утврдуваат следните релевантни факти. Штедачите биле во банкарско-договорен однос со пропаднатата банка Еуростандард банка. Еуростандард Банка пропаднала, неспорен факт. Исто така е неспорно дека штедачите ги исполниле сите обврски спрема Банката. Од друга страна, штедачите го изгубиле правото на обештетување. За пропаѓањето на Банката штедачите немаат никаков удел, ниту пак вина за тоа. Пропаѓањето на Банката е последица на незаконитото (противправно, антиправно) работење на Банката.

Кога на вака утврдената состојба се применува позитивното право на Републиката, а посебно Законот за банките, Законот за стечај и Законот за Фондот за осигурување на депозити, а посебно оспорената одредба содржана во член 163 став 3 од Законот за банките на штедачите неправедно им се оневозможува да ги остваруваат своите легитимни побарувања, а тоа е поврат на вложените парични спредства. Неправедноста ја создава оспорената одредба која предвидува првенствено подмирување да има само Фондот за осигурување на депозити до 30000 евра. Исклучена е правната можност правото на поврат да го остварат штедачите над 30000 евра, правните лица како штедачи, како и другите видови на штедачи и доверители на побарувања по разни правни основи во стечајна постапка. Неправдата е очигледна. Фондот остварува „правда“ додека сите други штедачи трпат неправда.

Поаѓајќи од заштитата на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, законодавецот има уставен основ за законско нормирање на Фондот за осигурување на депозити како државен инструмент во банкарскиот сектор кој е дел од обезбедувањето на сигурност и стабилност во банкарскиот систем што е јавен интерес. Поради тоа и финансиските средства на Фондот се со закон заштитени како што е тоа уредено со оспорената одредба од ставот 3 на членот 163 од Законот за банки.

Од анализата, Судот утврди неспорна легитимна цел и општествена оправданост за соодветно законско нормирање на Фондот како државен инструмент во банкарскиот систем кој е дел од обезбедувањето на сигурност и стабилност во банкарскиот систем што е јавен интерес. Легитимната цел претставува заштитата на сопственоста на штедачите (до одреден гарантиран износ) и генерирање на сигурност и стабилност во банкарскиот систем. Општествената оправданост произлегува од реалната состојба во општеството соочено со повеќе случаи на паѓање на банки во стечај. Неспорен факт е дека законодавецот има уставно овластување и уставен основ да ги нормира во законско решение ваквите приоритети, како што тоа впрочем го има сторено со оспорениот член 163 став 3 од Законот за банки. Но, таквото уставно овластување и основ, освен во формалната смисла, налага законското нормирање во неговата материјална суштинска природа да биде во рамките на Уставот и во согласност со неговите темелни вредности, начела и гаранции. Во тој контекст неспорен е фактот дека Фондот за осигурување на депозити е дел од системот кој со надлежност да обезбедува постигнување и оддржување на стабилноста на банкарскиот систем, и дека тоа е прашање од јавен интерес, но Судот при анализата на оспорената одредба, исто така утврди дека јавниот интерес подразбира заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, заштитата на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеењето на правото. Законското уредување на приоритет на Фондот при наплатата, заштитата на неговите средства, на неговата сопственост со приоритет над сите останати (физички и правни субјекти), со повикување на јавниот интерес, основано може да се доведе под сомнеж за неговата уставност во смисла на заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, заштитата на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеењето на правото, што исто така претставува јавен интерес.

Од анализата на оспорената законска одредба може да се оцени дека е во несогласност со одредби на член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8 од Уставот (владеењето на правото, односно хуманизмот, социјалната правда и солидарноста како темелни вредности на уставниот поредок), како и со одредбите кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа член 9 став 2, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 34, член 54 ставови 1, 2 и 3 и член 55.

Имено, Уставот утврдил дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (член 9 став 2); се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата и никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (член 30 ставови 1, 2 и 3); граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор (член 34); слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Устав, слободите и правата на човекот и граѓанинот може да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (член 54 ставови 1, 2 и 3); и се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (член 55).

Поаѓајќи од оспорената одредба на ставот 3 од членот 163 од Законот за банки, според која побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќа пред побарувањата на останатите доверители, произлегува дека Фондот е нормиран како приоритетен побарувач на финансиски средства во постапката на банка во стечај со цел задржување на износот на своето парично ниво како и пред исплатата на осигурените депозити во банката.

Со ваквата законска определба се обезбедува Фондот да не трпи последици од стечајот на банката, со кои последици би била нарушена финансиската стабилност на Фондот, односно Фондот поради тоа добива статус на обезбеден побарувач врз основа на закон. Меѓутоа, овој статус на Фондот се одразува негативно со финансиски последици на останатите депоненти кои имаат побарувања во стечајната постапка, со оглед на тоа што се исцрпува стечајната маса на банката и се отежнува обесштетувањето општо на депонентите, (и физички и правни лица), како сопственици на парични средства, до степен и на неможност на добивање на депозитите, со исклучок на тие до износ од 30.000 евра. Тоа доведува до тоа дека во едно демократско општество на еднакви права и слободи, каде се гарантира правото на сопственост, слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата положба на сите субјекти на пазарот, директно се повредува правото на сопственост на паричните депозити во банката во стечај со издигање на Фондот како приоритетен побарувач во стечајната маса пред другите побарувачи депоненти како сопственици на паричните износи во банката, повредата на сопственичките права е без основан правен легитимитет, по сила на закон со статусното издигање на Фондот над другите побарувачи за што нема уставен основ и со тоа се повредуваат наведените одредби од Уставот.

Воедно во Директивата 2914/49/ЕУ на Европскиот парламент и Совет, нивото на покритие за системите за осигурување депозити, е уредено дека во случај на недостапност на депозит државите членки обезбедуваат нивото на покритие на вкупните депозити за секој депонент да биде 100 000 евра. Не се прави разлика на физички и правни лица како депоненти. (Законот за осигурување на депозити на Република Хрватска го има усогласено законското решение и се утврдува дека секој депонент на кредитна институција во стечај има право на обесштетување до висина на 100 000 евра).

Во нашиот правен поредок со закон е основан Фонд за осигурување на депозити, со ниво на покритие до 30 000 евра само за физички лица, за потоа по сила на закон тој Фонд има статус на приоритетен побарувач на исплатените финансиски средства во случај на банка во стечај, со што се поставува прашање за дискриминирање на правните лица во редоследот како депоненти во однос на неизвесното покривање на нивните депозити од стечајната маса од банката во стечај која финансиски ќе се намали поради исплаќањето на Фондот како приоритетен побарувач. Таквата законска поставеност на Фондот ги доведува во неповолна положба сите останати депоненти кои своите парични побарувања во стечајната постапка во банката многу потешко ќе ги реализираат поради намалување на стечајната маса на банката во услови на приоритетно исплаќање на Фондот, а со тоа на овие субјекти им се повредува располагањето, користењето и управувањето со финансиските средства кои се во нивна сопственост, што ја доведува во прашање согласноста со наведените одредби од Уставот.

Од овие причини, Судот оцени дека, за член 163 став 3 од Законот за банки, основано може да се постави прашањето за согласноста со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8, член 9 став 2, член 30 ставови 1, 2 и 3, членот 34, член 54 ставови 1, 2 и 3 и членот 55 од Уставот.

Предлогот за донесување на решение согласно членот 27 од Деловникот за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената законска одредба, не доби потребно мнозинство на гласови.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Уставниот суд поведе постапка за членот 163 ставот 3 од Законот за банките

Што и како се осигурува во Фондот за осигурување на депозити

Членот 163 од Законот за банките повторно на разгледување пред Уставниот суд

Уставниот суд ќе расправа за членот 163 од Законот за банките по изјаснувањето на Антикорупциската комисија

Членот 163 од Законот за банките, кој е оспорен пред Уставниот суд

Уставниот суд е пред историска одлука за ставање крај на безредието во банкарскиот систем, велат оштетените штедачи

Истрага за четири одговорни лица во Еуростандард банка

ФОД: Досега исплатени 3,2 милијарди денари на депонентите на „Еуростандард банка“

Обвинителен акт против девет лица за перење на над девет милиони евра

Одложено рочиштето за стечајната постапка над Еуростандард банка

ФД: Oбесштетувањето на депонентите на „Еуростандард банка“ се одвива без поголеми пречки

Управниот суд ја отфрли тужбата од „Еуростандард банка“

На 15 септември започнува обесштетувањето на депонентите на „Еуростандард банка“ со право на обесштетување

Соопштение на Фондот за осигурување на депозити до депонентите во „Еуростандард банка“

ДКСК: Случајот со Ангеловска проблематичен од етички аспект, потребни се законски измени

Стечајна постапка за Еуростандард банка: Интервју со Дејан Костовски, експерт за стечај

Банки преку кои ќе се врши исплатата на обесштетувањето на депонентите на Еуростандард банка

Определен е стечаен управник за Еуростандард банка и закажано е рочиште за пријавените побарувања

Народната банка: Го штитиме интересот на граѓаните и ги преземавме сите мерки за заштита на депонентите на Еуростандард банка

М.В