/ Прочитано:

945

Решението на Уставниот суд за запирање на постапката за измените на Законот за помилување

Уставниот суд го објави решението со кое се запира постапката за измените на Законот за помилување. Решението во целост:

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 47 алинеи 3 и 5 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 18 ноември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за помилување (“Службен весник на Република Македонија” бр.99/2016).

2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Северна Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијативата поднесена од Зоран Стојановски од Тетово, со Решение У.бр.163/2016 од 27 ноември 2019 година поведе постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на Законот со член 8 став 1 алинеја 3, членот 51 и член 84 став 1 алинеја 9 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 1 од Законот за дополнување на Законот за помилување (“Службен весник на Република Македонија” бр.99/2016) во Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993), по членот 11 се додава нов член 11-а, кој гласи:

Член 11-а

“Претседателот на Републиката може во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување.
Претседателот не е должен да ја образложи одлуката од ставот 1.
Лицето за кое е донесена одлука за помилување има право до претседателот на Републиката да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување.
Претседателот на Републиката е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето од ставот 3, да ја поништи донесената одлука“.

5. Собранието на Република Северна Македонија како доносител на оспорениот закон не достави одговор по наводите во Решението.

Владата на Република Северна Македонија по барање на Судот достави мислење по однос на наводите во Решението.

Со оспорениот Закон за дополнување на Законот за помилување се додава нов член 11-а во кој е дадена можноста претседателот на Републиката во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување.

Собранието на Република Македонија со Указ за прогласување го донесе оспорениот закон на седницата одржана на 19 мај 2016 година под бр.08-2612/1. Законот е објавен во “Службен весник на Република Македонија” на 20 мај 2016 година.

Согласно членот 2 на овој закон, овој закон влегува во сила со денот на неговото објавување, што значи на 20 мај 2016 година.

Оттука, имајќи ги во вид членовите 1 и 2 од овој закон, неспорно произлегува дека Законот произведува правно дејство само во периодот од 30 дена по неговото објавување, односно дејствијата предвидени во оспорениот закон може да се преземаат само во рок од 30 дена од денот на неговото објавување сметано од 20 мај 2016 година.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 47 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако се утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба.

Според член 47 алинеја 5 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката престанат процесните претпоставки за нејзино натамошно водење.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека во текот на поведената постапка Судот утврди дека оспорениот закон поради неговиот темпорален карактер е исцрпен во примената и истиот повеќе не може да произведува правно дејство, што претставува процесна пречка за натамошно водење на постапката.

Оттука, Уставниот суд, при донесувањето на Решението У.бр.163/2019 од 27 ноември 2019 година немајќи го во вид темпоралниот карактер на оспорениот закон којшто се исцрпел по определениот рок за негова примена, произлегува дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба.

Поради наведеното, Судот утврди дека се настапени условите од член 47 алинеи 3 и 5 од Деловникот на Уставниот суд, за запирање на постапката, поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот, со мнозинство гласови, го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

М.В