/ Прочитано:

1.747

Решенија во измените на Законот за вршење на сметководствени работи и соопштение на Институтот на сметководители за измените

Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи e поднесен во собраниска процедура. Предлагач на Законот е Владата на Република Македонија.

„Донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи се предлага, со цел да им се даде дополнителен рок на лицата кои добиле уверенија за сметководители и овластени сметководители од министерот за финансии да ги заменат со уверенија од Институтот, за сметководителите и овластените сметководители кои ги замениле уверенијата, а не се запишале во соодветните регистри да се пропише нов рок за запишување во регистрите, како и да се намали бројот на часови за континуирано професионално усовршување на сметководителите и овластените сметководители“, се вели во законското образложение.

Законот чиешто донесување се предлага се заснова врз истите начела врз кои се заснова Законот за вршење на сметководствени работи. Основните решенија  кое се предлагаат се:

– пропишување нов рок за поднесување на барање за замена на уверенијата за сметководител, односно овластен сметководител издадени од министерот за финансии кои го пропуштиле законскиот рок во 2016 година, со цел овие лица да стекнат уверение од Институтот,

– пропишување нов рок за упис во Регистарот на сметководители, односно Регистарот на овластени сметководители за лицата кои извршиле замена на уверенијата за сметководител, односно овластен сметководител во законскиот рок во 2016 година, но не се запишале во соодветниот регистар и

– намалување на бројот на часови за континуирано професионално усовршување на годишно и на тригодишно ниво за сметководител, односно овластен сметководител.

Во врска со новите законски решенија за сметководителите, вчера Институтот на сметководители одржа тркалезната маса, на која беше нагласено дека измените на Законот за вршење на сметководствени работи не се релевантни без консултација на сметководителите.

„Институтот на сметководители и овластени сметководители на РМ, заедно со националните активни здруженија, комори и Сојузот на сметководители кои се грижат за подобрување на условите и квалитетот на сметководствените услуги и сметководствената професија, како и за имплементација на законските и подзаконските решенија и меѓународната практика, денеска одржа тркалезна маса на која се разговараше за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи. Во рамки на тркалезната маса се потпишаа и договори за соработка со цел здружен настап за подобрување на стандардот во професијата. Активностите кои овие здруженија на сметководители ги спроведуваат се однесуваат на подобрување на статусот на носителите на сметководствената професија. Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за вршење на сметководствени работи и конципирањето на предлозите повторно, како и во повеќето случаи досега, се чувствува дека e направено без да се слушнат мислењата на релевантните институции и организации, т.е. сметководителите преку здруженијата, ниту пак е перципирано нивното мислење“, констатираа учесниците на тркалезната маса.

Со измените се предвидува продолжување на рокот за упис во официјалните регистри, како и намалување на часовите за континуирана професионална едукација (КПУ), чекор кој здруженијата го поздравија, но сепак констатираа дека за да биде изготвено применливо решение, потребно е да биде консултирана фелата.

На тркалезната маса, претседателката на Институтот, м-р Ленче Папазовска, ги запозна присутните со потпишаниот Договор за соработка за размена на информации и нивно упарување помеѓу Централниот регистар и Институтот на сметководители и овластени сметководители на РМ, заради непречена законска достава на годишните сметки за 2017 година од овластени сметководители.

„Повеќе од сигурно е дека иднината на сметководствената професија  не зависи од сегашната перцепција која се сведува и подразбира внес на деловните трансакции туку ќе зависи, пред сè, од неопходноста сметководителите да ги проучуваат финансиските извештаи, како и да ги анализираат предностите и недостатоците на одделни трансакции; најголем дел од својот ангажман да го трошат на комуникација со своите клиенти и притоа да ги разгледуваат деловните стратегии,  стремејќи се кон совршеност; да се обучат сметководителите за да можат да ги распознаат навреме проблемите и притоа да заземат проактивна улога и подготовка за алтернативни решенија во согласност со позитивните прописи; улогата на сметководителот да биде креативна која дава стратешка поддршка на ентитетот за кој дава услуги; сметководството врз основа на финансиските информации да претставува квалитетна основа при донесување стратешки одлуки“, рече Папазовска, која ги запозна присутните со потпишаниот Договор за соработка за размена на информации и нивно упарување помеѓу Централниот регистар и Институтот на сметководители и овластени сметководители на РМ, заради непречена законска достава на годишните сметки за 2017 година од овластени сметководители.

M.В