Решенијата во предложените измени на Законот за социјалната заштита за овозможување еднаква положба на граѓаните
Министерството за труд и социјална политика ги подготви измените на Законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита.
Измените и дополнувањата на Законот за социјалната заштита, посочуваат од Министерството, ќе влијаат врз подобрување на помошта и заштитата на лицата кои имаат потреба од помош за задоволување на основните животни потреби и изедначување на нивните можности за вклучување во секојдневниот живот во заедницата.
Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита се заснова врз истите начела во согласност со кои е донесен Законот за социјалната заштита, кој се заснова врз уставната определба, правото на социјална сигурност и социјално осигурување и начелата на хуманизам, социјална правда и солидарност.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека предложените измени на Законот за социјалната заштита ги содржи следниве решенија:
– се воведува основа Владата на Република Македонија да донесе посебна програма за обезбедување на персонална асистенција;
– се овозможува правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додатокот за слепило и мобилност, како и додатокот за глувост да се остварат без оглед на приходите на лицето кое има потреба од помош за задоволување на основните животни потреби и вклучување во секојдневниот живот во заедницата;
– во постапката за остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице престанува потребата да се доставуваат конзилијарно мислење и наод од најмалку тројца лекари специјалисти од соодветни специјалности;
– се овозможува лице со умерени пречки во менталниот развој да оствари право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице врз основа на наод, оцена и мислење на стручен орган со кои се утврдени видот и степенот на попреченост, издадени пред навршување на неговата 26-годишна возраст;
– се овозможува родителот на дете со телесни или ментални пречки во развојот и со најтешки облици на хронични заболувања да оствари и користи право на надоместок на плата за скратено работно време, без оглед на возраста на детето;
– се предвидува стручниот работник кој е шест месеци пред пензионирање да не полага стручен испит заради проверка на потребното стручно знаење за вршење на работи од областа на социјалната заштита, а доколку не го положи стручниот испит, да има право да полага по втор пат.
М.В