/ Прочитано:

2.607

Решенијата во Законот за Оперативно-техничка агенција, како нов државен орган за техничко управување со мерките за следење на комуникациите

Министерството за внатрешни работи го објави Законот за Оперативно техничка агенција. Решенијата содржани во Предлогот на закон за Оперативно-техничка агенција имаат за цел реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеењето на правото во врска со следењето на комуникациите (2015).

Предлогот на закон за Оперативно-техничка агенција и неговото донесување произлегуваат од Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (2015), како една од клучните активности во процесот на воспоставување правна рамка, чија цел ќе биде имплементација на национален модел во предметната област со кој ќе се овозможи реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (2015).

Со Законот за Оперативно-техничка агенција се уредува основањето на Оперативно-техничка агенција, надлежностите, раководењето, правата и обврските од работен однос на работниците во Оперативно-техничката агенција и нејзиното финансирање.

Содржински, предложениот закон е поделен во шест глави: општи одредби, надлежности, раководење, права и обврски од работен однос, финансирање и преодни и завршни одредби.

Во Главата „I. ОПШТА ОДРЕДБА“, во членот 1 од предложениот закон е утврден предметот на уредување на Законот за Оперативно-техничка агенција.

Главата „II. НАДЛЕЖНОСТИ“ ги уредува прашањата на надлежностите на Оперативно-техничката агенција. Конкретно, со членот 2 од предложениот закон, заради овозможување на непосредно активирање и техничко управување со мерките за следење на комуникациите, како и овозможување пристап до податоци од комуникациско-информациски систем, се  предвидува основање на Оперативно-техничка агенција, како самостоен и независен државен орган.

Надлежностите на Оперативно-техничката агенција се уредени во членот 3 од предложениот закон, во согласност со кој за вршење на надлежноста утврдена со одредбите од предметниот закон, Оперативно-техничката агенција: активира и создава услови за следење на комуникации за кривични истраги и за безбедносни потреби; овозможува пристап до средствата за собирање податоци од комуникациско-информациските системи на операторите за органите овластени за спроведување на мерките за следење на комуникациите; остварува оперативно-техничка координација меѓу операторите и органите овластени за спроведување на мерките за следење на комуникациите; во соработка со органите овластени за спроведување на мерките за следење на комуникациите утврдени во согласност со Законот за следење на комуникациите, врши надзор врз операторите. Во овие рамки, начинот на вршење на работите во надлежност на Оперативно-техничката агенција е предвидено да биде уреден со подзаконски пропис кој го донесува директорот на Оперативно-техничката агенција.

Во однос на раководењето со Оперативно-техничката агенција, во Главата „III. РАКОВОДЕЊЕ“, предвидено е со неа да раководи директор, кој го избира и разрешува Собранието на Република Македонија, по предлог на Комисијата за прашања на избори и именувања на Собранието на Република Македонија. Мандатот на директорот изнесува пет години, без право на повторен избор (член 4).

Условите за избор на директор на Оперативно-техничката агенција и неговите задачи се утврдени во членовите 5 и 6 од предложениот закон, во чии рамки се предвидува за директор да може да биде избрано лице кое: е државјанин на Република Македонија; има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС односно VII/1 степен на образование (областа на: информатика, електротехника, компјутерска техника и информатика, телекомуникациско инженерство, безбедност, правни или економски науки) и има минимум десет години работно искуство по завршување на образованието во наведените области.

Директорот на Оперативно-техничката агенција: ја претставува Агенцијата; организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите и задачите во Агенцијата; донесува прописи за кои е овластен во согласност со закон и врши други работи од надлежност на Оперативно-техничката агенција во согласност со закон.

Воедно, директорот доставува до Собранието на Република Македонија годишен извештај за работата на Оперативно-техничката агенција за претходната календарска година најдоцна до крајот на март во тековната година, а по потреба и по барање на Собранието на Република Македонија, доставува и дополнителни извештаи (член 7). Во овој контекст, членот 8 од предложениот закон содржи решение во согласност со кое функцијата директор на Оперативно-техничка агенција се врши професионално и е неспоива со извршување на друга јавна функција или функција во политичка партија.

Функцијата на директорот на Оперативно-техничката агенција пред истекот на неговиот законски утврден мандат престанува во согласност со децидно утврдени основи содржани во членот 9 од предложениот закон, и тоа: по негово барање; ако трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата; ако ги исполни условите за старосна пензија во согласност со  закон; ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело кое го прави недостоен за вршење на функцијата; ако во извештаите што надзорните тела во согласност со Законот за следење на комуникациите ги доставуваат до Собранието на Република Македонија, биде констатирано незаконито извршување на работите во надлежност на Оперативно-техничката агенција; поради злоупотреба на службената положба и овластување; прекршување на безбедноста на класифицираните информации, како и поради злоупотреба на лични податоци.

Во Главата „IV. ПРАВА И ОБВРСКИ ОД РАБОТЕН ОДНОС“ се содржани одредби кои се однесуваат на засновање работен однос во Оперативно-техничката агенција, плата и надоместоци на плата на работниците во Агенцијата, како и прекинување на договорот за вработување со навршени години пензиски стаж. Конкретно, во членот 11 од предложениот закон, утврден е статусот на работниците во Оперативно-техничката агенција и тоа: овластени службени лица во согласност со одредбите од предложениот закон и  работници во согласност со Законот за работните односи. Во овие рамки, предвидено е работниците со статус на овластени службени лица да имаат посебни должности и овластувања  поради видот, сложеноста и тежината на работата, како и условите и начинот на нејзиното вршење, при што со актот за систематизација на работните места кој го донесува директорот на Оперативно-техничката агенција, ќе бидат определени работните места со посебни должности и овластувања (членови 12 и 14).

Во однос на класификацијата на работни места во Оперативно-техничката агенција, членот 13 од предложениот закон предвидува работниците да се групираат во три групи:

  • Група I – раководни работници;
  • Група II – стручни работници и
  • Група III – оперативно-технички работници, а на овластените службени лица во Агенцијата, стажот на осигурување им се смета со зголемено траење и тоа секои 12 месеци ефективно поминати на тие должности се сметаат како 16 месеци стаж на осигурување (член 15).

Со членовите од 16 до 20 од предложениот закон, се нормираат конкретни аспекти во однос на засновањето работен однос во Оперативно-техничката агенција (утврдување на условите за вработување, распишувањето јавен оглас, безбедносната проверка на лицето пред засновање на работен однос и можноста за засновање на работен однос без јавен оглас).

Платата и надоместоците на плата на работниците во Оперативно-техничката агенција се уредени со членови од 21 до 27, во чии рамки се утврдени платата и нејзините компоненти (основна и исклучителна).

Во истиот контекст, со членовите 28 и 29 од предложениот закон, се утврдуваат надоместоците на плата, кои му припаѓаат на работник во Оперативно-техничката агенција по различни основи, при што за сите прашања кои произлегуваат од работниот однос на работниците во ОТА, предвидена е соодветна упатна одредба за примена на општите прописи од работните односи и колективен договор (член 30).

Прекинувањето на договорот за вработување со навршени години пензиски стаж е уредено во членот 31 од предложениот закон, на начин кој предвидува договорот за вработување на работник во Оперативно-техничката агенција со статус на овластено службено лице да се прекине по сила на закон, со навршување на 40 години пензиски стаж, без оглед на неговите години на возраст.

Во оваа глава е содржана и одредба што се однесува на доверливост на податоците и информациите, односно должност за директорот и работниците во Оперативно-техничката агенција да ги чуваат како тајна податоците до кои дошле во својата работа, како за време на мандатот, односно вработувањето во Агенцијата, така и по неговото завршување, а кои претставуваат лични податоци или класифицирани информации во согласност со закон.

Во Главата „V. ФИНАНСИРАЊЕ“, содржана е посебна одредба со која се предвидува средствата за плата, надоместоци и додатоци на плата, за работа, унапредување, модернизација и опремување на ОТА, како и за стимулирање на работниците во ОТА, да се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија (член 33).

Главата „VI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ“, содржи одредби во кои е предвиден рок за донесување на актите за организација и работа и за систематизација на работните места во Оперативно-техничката агенција – од 30 дена од денот на избор на директорот на Оперативно-техничката агенција.

Во овие рамки, утврден е и рок за донесување на подзаконските прописи предвидени во согласност со одредбите од предложениот закон – од 90  дена од денот на избор на директорот на Оперативно-техничката агенција (член 34).

M.В