/Прочитано:

1.166

Рецептот на адвокатот Ракочевиќ, како да се положи правосуден испит

Од некогаш до денес се менуваат законите и начинот на полагање испити, но знаењето и примената на законите е она што треба да остане исто. Едно испиено кафе со долгогодишниот адвокат по кривично право, Владимир Ракочевиќ, ни го откри рецептот како се припрема правосуден испит. Кога полагал правосуден го исцедиле како лимон вели, но неговото адвокатско искуство сведочи дека понекогаш е добро да те направат лимонада. За жал, на Правниот факултет денеска гледа како на игра на среќа. Не мора знаење, ако имаш среќa ќе станеш правник, смета адвокатот Ракочевиќ.

Адвокат Владимир Ракочевиќ (фото: akademik.mk)

Во добар амбиент со по едно кафе, искусниот адвокат Владимир Ракочевиќ ни ги отвори картите, како од правосуден испит до добар адвокат, судија или обвинител. Ако некогаш се кршеле копја за правилна примена на законите, адвокатот Ракочевиќ со своите  80 години, од кои преку 5 децении плива во правосудството,  смета дека денес законите не се ни познаваат. И покрај тоа гледа излез од сегашната ситуација. Враќањето на стариот образовен систем на правните факултети каде што се калемат идните генерации, според него може да ја направи адвокатурата не само професија, туку вистинско познавање на правните науки. „Бачило“, „Мавровски работници“, „Кампања“, „Катастар“ се само дел од адвокатската лепеза на адвокатот Ракочевиќ.

Со добра пракса, лесно се поминува на правосуден 

Истражно, кривично, граѓанско, управно, во времето на адвокатот Ракочевиќ приправиците ги поминувале сите одделенија, а потоа оделе кај судиите. Освен вистинскиот контакт со покани, тужби, обвиненија, решенија, првостепени и второстепени одлуки, приправниците воделе записници на судење иако постоеле записничарки. Кога ќе ја совладале материјата ги поминувале повисоките судови, преку истите  одделенија, по 6 месеци во секој суд. Од решение до обвинение, буквално, преку сито и решето, Ракочевиќ низ голтките од кафе се присетуваше на своите практикантски денови кога го печалел занаетот.

„Во мое време додека бевме приправници ние знаевме како да се пишува жалба, тужба, обвинение,  решение. Се водеше сметка за нашата обука. Моравме секој закон да го совладаме, но не да  го учиме законот на памет, се обрнуваше внимание да ја научиме неговата примена“.

На правосуден не цедеа како лимон, моравме се да знаеме

Ракочевиќ се присети како во негово време изгледал правосудниот испит. Извади марамче од џеб и со насмевка на лицето илустративно покажа како ги цеделе како  лимон.  Според неговото раскажување, за разлика од денеска трнлив бил патот до адвокатурата.

„Полагавме по двајца, моравме да бидеме комплетно припремени. Ако падневме на еден предмет немаше поправен испит, полагавме се од почеток, без разлика кој предмет сме го паднале. Писмениот дел ни беше пишување жалба, тужба, обвинение, решение. Ако ја поминев граѓанската материја, а не сум ја знаел кривичната, пак бев на нула, а не како сега со поправни испити и полагање на секој предмет одделно“.  

Познавањето на законите побитни од правната теорија 

Адвокатот Ракочевиќ од сите предмети го издвои полагањето на испитот по Кривично процесно право. Паѓањето на испитот, како што вели за него е пресуден момент во неговата кариера, миг кога сфатил колку е битно познавањето на законите.

Засекогаш ќе го паметам мојот професор по кривично Панта Марина, кој му беше добар пријател на вујко ми. Поради нашите пријателски односи сите колеги мислеа дека без проблем од прва ќе положам со висока оценка. Седнав кај него во кабинет и извлеков три прашања. На секое прашање професорот ми велеше, одлично Владимир. Кога слушнав дека и на третиот одговор вели, одлично Владимир јас станав да си одам. Тој ми рече, не Владимир, сега ќе те прашам за законот да видам дали си го учел. Ми постави неколку прашања од законот кој беше донесен, но не беше се уште ставен во наставна програма и нормално јас не го знаев. Ми го зема индексот, низ целиот простор каде што се впишуваат оценките ми напиша 5. Мислам дека професорот сакаше да научам, а не само да го положам. Со оглед на тоа што целиот живот се занимавам со кривична материја, денеска сум му благодарен што ме научи. Дури и во еден наврат му реков, ви благодарам професоре што ми дадовте 5, а ви ги одговорив сите прашања, со тоа ми покажавте дека навистина сакате да научам“. 

Вујаклија, правен лексикон и минимум две книги од различни професори

Ракочевиќ има рецепт како да се спреми  правосудниот испит. Според него на овој начин, од правник се прави транформација во вистинки адвокат кој може да одговори на секој предизвик. Тој смета дека не може теоријата да се одвои од праксата бидејќи иако времињата се тешки, сепак идните правници можат самите да си помогнат.

„Предметите треба студиозно да се учат одделно секое поглавје. Ако навистина го совладате нема потреба повторно да се навраќате на книгата. Ако земете книга од некој друг професор по истиот предмет ќе видите дека има исти или слични работи. Се учи со критика спрема материјата, мора да се користат законите и да се учи со правен лексикон и „Вујаклија“. Мора да се совлада и теорија и пракса. Идните адвокати, судии, обвинители, додека се калемат за овие професии, мора да посветат внимание на законите. Секој закон има свој дух, законите не се учат на памет“.

Правниот факултет е како игра на среќа

Ракочевиќ смета дека правниците се оставени сами на себе и дека нема место во правосудните институции да ги примат како волонтери. Според него, приправник излезен од адвокатска канцеларија тешко станува добар судија или обвинител, па затоа како што вели се отвори Академијата за судии и обвинители. Иако според него правниците се во тешка ситуација, сепак тие можат самите да си помогнат.

„Во мое време, веднаш по дипломирањето ние пишувавме не само тужби, туку цели обвиненија, сега факултетот е како игра на среќа, со заокружување. Треба да се врати стариот систем, професорот мора преку усно испрашување да оцени, знаење, интелигенција, снаодливоста на идните генерации, а не студентите да заокружуваат одговори, па ако ги послужи среќата да го положат испитот. “


Разговараше: Паула Божиновски

Oбјавено: 07.09.2012