/ Прочитано:

1.088

Ревизија на нејасната регулатива за државните органи

Министерството за информатичко општество и администрација започнува со процесот на хоризонтална функционална анализа.

Анализата на регулативата, велат од МИОА, покажа дека само 62 органи се регулирани со Законот за организација и работа на органите на државната управа,  додека 66 со посебни закони.

Ова значи дека повеќе од половина од државните органи се формирани без да им се определи јасно статусот, не се препознаваат линии на одговорност, а постои и поклопување на надлежности. Регулативата со која се формираат агенциите  и  инспекциските  служби  на  централната  власт  е фрагментирана,  сложена,  нејасна  и  предмет  на  чести  измени  и  дополнувања.

„Веќе спроведовме хоризонтална функционална анализа на инспекциските служби. Целта беше да се оцени поставеноста на инспекциските служби во системот, нивната меѓусебна поврзаност, внатрешната организација и систематизација на работни места, интерните работни процеси, располагањето и користењето на опрема и средства за работа и слично. Наодите укажуваат дека во одреден дел постојат преклопувања на надлежностите, а во случаите кога инспекциските служби се организирани во рамки на министерство или друг орган на управата, инспекторите често вршат и други работи и работни задачи кои не се нивна работа“, вели министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски.

Резултат на хоризонталната функционална анализа, велат од МИОА, ќе бидат реорганизацијата и оптимизацијата. Очекуваните придобивки се следните:

– ќе се воспостават рамки за институционална организација;

– ќе се реши проблемот со преклопување на надлежностите на институциите;

– ќе се реши и проблемот со институции со еден човек;

– ќе имаме јасни критериуми за тоа кои институции од кого можат да бидат основани и која институција пред кого одговара. Да престане административниот пинг-понг со граѓаните и фирмите.

Целта е, додава министерот Манчевски, институциите да се групираат по области на дејствување.  Министерствата ќе бидат креатори на политики, агенциите ќе се задолжени за спроведување на политиките, а функцијата на надзор ќе биде во надлежност на инспекторатите.

Ова ќе значи и ревизија на Законот за организација на органите на државна управа. Кои се опциите за институциите?

– може да го задржат статусот и функцијата;

– може да бидат присоединети со друга институција;

– може да дојде до спојување на повеќе институции во една;

– може да дојде до укинување на институцијата и пренос на нејзината надлежност на друга институција;

– може да се формира нова институција – во исклучителни случаи каде што функцијата се извршува дисперзирано од страна на повеќе институции или е сосема нова функција.

„Крајната цел е да се подобри ефикасноста на институциите, да се намалат трошоците, но да се подобри квалитетот на услугите што институциите ги нудат до граѓаните и фирмите“, образложуваат од МИОА.

МИОА започнува со спроведување на хоризонталната анализа на јавната администрација

М.В