/ Прочитано:

1.483

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА САМОСТОЈНОСТА И НЕЗАВИСНОСТА НА АДВОКАТУРАТА како еден од условите за остварување на владеењето на правото

Целосен текст на документот кој ги обедини балканските адвокати во борбата за самостојност и независност на адвокатурата – Резолуцијата за заштита на самостојноста и независноста на адвокатурата како еден од условите за остварување на владеењето на правото, потпишан од Адвокатска Комора на Романија, Адвокатска Комора на Хрватска, Адвокатска Комора на Федерацијата Босна и Херцеговина, Адвокатска Комора на Македонија, Адвокатска Комора на Словенија   и Адвокатска Комора на Унгарија.

Претставниците на адвокатските комори и учесниците на тркалезната маса организирана на тема „Актуелните проблеми на адвокатурата и споредбено правниот однос на адвокатурата со јавното бележништво/нотаријатот“ во Сремски Карловци  на 25 ноември 2014 година:

– Поаѓајќи од  начелото на владеење на правото, како на основна претпоставка на Уставот на Србија,

– Сметајќи дека секоја држава заснована на владеењето на правото, нечелата на граѓанската демократија, човековите и малцинските права и слободи,  нужно мора во правниот систем на државата да ги вгради принципите прокламирани во Повелбата на ООН, Универзалната декларација за човековите права, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Европската Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи и други меѓународни акти како што се принципите за унапредување и поттикнување на почитувањето на човековите права и основните слободи, за еднаквост пред законот, за правото на помош и совет на адвокат, за правото на слободно изразена волја;

– Поаѓајќи од тоа дека адвокатурата е слободна професија и дејност во рамките на јавниот поредок, дека адвокатурата е посебен чинител на правосудниот систем, дека адвокатот покрај должноста да ги штити повредените права и интереси на клиентот, должен е со своето професионално и друго јавно делување да придонесува во владеењето на правото, законитоста и правичноста.

– Согледувајќи дека во овој момент во Република Србија е загрозена на самостојноста и  независноста на адвокатурата, усвојуваат

РЕЗОЛУЦИЈА

за заштита на самостојноста и независноста на адвокатурата 

како еден од условите за остварување на владеењето на правото

Секоја држава е должна да обезбеди ефикасни постапки и соодветни механизми за ефикасност и еднаква достапност на адвокатите до сите лица, без никаква дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, етничко потекло, пол, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или општествено потекло, имотна состојба, раѓање, економски или друг статус.

Секоја држава е должна да се обезбеди еднаквост на граѓаните, слободен пристап до правдата и правната сигурност.

Секој граѓанин има право на слободен избор на адвокат, почитување на неговата волја и правото на тајност за сето она за што разговарал со неговиот адвокат кој го избрал со цел заштита на неговите права и интереси.

Недозволено е мешање на извршната власт во независноста и саморегулацијата на адвокатската професија.

Адвокатурата е регулирана со свои прописи, со почитување на  сите внатрешни и меѓународни прописи.

Адвокатурата е должна, по природата на својата професија, да укажува на недостатоците во рамки на правниот систем со кои се повредуваат начелата на владеење на правото и правната сигурност.

Претставниците на Адвокатските комори во согласност изјавуваат:

– дека даваат целосна и безусловна поддршка на оправданиот протест за заштита на самостојноста и независноста на адвокатурата во Србија и основните права и слободи на граѓаните.

Потписници

Адвокатска Комора на Романија

Адвокатска Комора на Хрватска

Адвокатска Комора на Федерацијата Босна и Херцеговина

Адвокатска Комора на Македонија

Адвокатска Комора на Словенија

Адвокатска Комора на Унгарија 

>>>Резолуцијата на српски и англиски јазик

БАЛКАНСКИТЕ АДВОКАТИ СОЛИДАРНИ: Донесоа Резолуција за заштита и поддршка на српската адвокатура – аплауз за македонскиот претставник

 М.В/veljanoskim@akademik.mk