/ Прочитано:

1.222

Резолуција на ПССЕ: Истражувачкото новинарство е „јавно добро“

Пратениците на земјите членки на Советот на Европа ги охрабруваат своите национални парламенти да го признаат правото да се алармира секогаш кога се објавуваат информации кои се од јавен интерес, како на пример, кога станува збор за кршење на човековите права или кривичното право, вклучувајќи активен или пасивен поткуп или факти кои откриваат закани за безбедноста, здравјето или животната средина.

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) синоќа, врз основа на извештајот на турската пратеничка Ѓулсун Балгехан, усвои Резолуција во која е наведено дека истражувачкото новинарство е „јавно добро“ и „главно оружје во борбата против корупцијата“.

Пратениците од 47-те земји членки на Советот на Европа ги поттикнуваат своите национални парламенти активно да бараат синергија со новинарите и истражувачките медиуми во промовирањето на акцијата за добро владеење на правото. Исто така, пратениците на земјите членки на Советот на Европа ги охрабруваат своите национални парламенти да го признаат правото да се алармира секогаш кога се објавуваат информации кои се од јавен интерес, како на пример, кога станува збор за кршење на човековите права или кривичното право, вклучувајќи активен или пасивен поткуп или факти кои откриваат закани за безбедноста, здравјето или животната средина.

Остварувањето на ова право, како што се наведува, треба да биде објективен услов за исклучување на кривична одговорност, а мерките на навредување, одмазда или притисок против изворите на информациите треба да бидат забранети и казнети.

Во препораката, Парламентарното собрание особено смета дека Советот на Европа треба посилно да го поддржи подобрувањето на националните законодавства за транспарентноста и пристапот до информациите и заштитата на изворите на информации, истовремено истакнувајќи ја потребата од спроведување проценка на националните практики и легислатива за ова прашање.

Советот на Европа нагласува дека благодарение на истражувачкото новинарство и на истражувачките медиуми, беше откриен скандалот „Кавијаргејт“ во кој се вмешани членови на ПССЕ. Токму затоа, беше формирана и експертска група составена од три члена која треба да истражува за наводната корупција на некои членови на ова тело.

А. Б.