Ристовски: Ја очекуваме аргументацијата на Уставниот суд за прифаќањето на иницијативата на пет педофили
Среда, 15 мај 2013 – Република Македонија како одговорна земја во која пред се и над се е интересот на децата ќе продолжи со имплементација на Законот за посебен регистар на педофили. Негова крајна цел беше и ќе остане заштитата на децата, а ние ќе направиме се во тој дел да ги задржиме сите можности за заштита на децата и обезбедување нивно побезгрижно детство, изјави денеска министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.
Тој, како што јави МИА, го повтори ставот дека е шокиран од фактот што била прифатена иницијатива на пет педофили, кои се сторители и потенцијални повторители на ова кривично дело во услови кога ќе го завршат извршувањето на казната, нешто, што рече, го покажува и теоријата и праксата и меѓународните искуства.
Како поткрепа на ваквите ставови, Ристовски посочи случај во Соединетите Американски Држави пред 20-тина години, кој, како што рече, бил иницијатор на погласен говор за педофилите, за нивното јавно објавување и за првиот регистар на педофили.
„Во оваа прилика би апелирал барем малку да се одвои време и секој граѓанин да истражи преку интернет. Еве јас ќе помогнам и ќе ги насочам да го проверат случајот на девојчето Меган Канка во САД кое во 1994 година е злоупотребено по сите основи и е убиено. Овој случај е основ за соодветната држава во САД да го донесе првиот закон за посебен регистар на педофили. Потоа тој случај го користат голем број на држави во САД. Така јавноста во Америка, каде има прилично голема злоупотреба на децата и јавно се говори за неа, го направи револуционерниот чекор во насока на заштита на децата, рече Ристовски.
Тој додаде дека се уште го нема добиено образложението од Уставниот суд во врска со нивната одлука за прифаќање на иницијативата на пет педофили кои издржуваат затворска казна, за оценување на уставност на неколку одредби од Законот за регистар на педофили.
– Очекувам да го добијам и да видам која е нивната аргументација. Изминатите неколку денови сме сведоци на реакции во јавноста во врска со оваа одлука на Судот. Тие реакции воопшто не се позитивни. Станува збор за исклучително негативни реакции на целокупната јавност, но, пред се на родителите, на психолозите и на стручната јавност во целост, рече Ристовски.
Уставниот суд поведе постапка за јавното обелоденување на имињата на педофилите
Уставниот суд на вчерашната седница поведе постапка за член 5, став 2 од Законот со кој се определува покрај другото во регистарот за оваа група луѓе што го води Министерството за труд и социјална политика преку јавната установа Завод за социјални дејности да се објавуваат податоци на интернет страницата, а во став 3 од истиот член се определува податоците за осудените лица внесени во регистарот да се јавно достапни.
Член 10 од Законот определува можност за осуденото лице по основ за сексуална злоупотреба, педофилија и трговија со малолетни лица, да може да побара изземање од јавно објавување на нивните податоци во регистарот.
Членот 11 пак се однесува на постапката пред надлежниот суд во врска со барањето за изземање од јавното објавување на податоците на осуденото лице.
Поведувањето на постапката е затоа што Судот смета дека членот 5, во ставовите 2 и 3 не е доволно прецизен бидејќи се навлегува во личниот и семејниот живот на осуденикот и членовите на неговото семејство, како и во личниот и семејниот живот на жртвата.
Дилема се јавува и за тоа дали објавувањето во регистарот е веднаш по правосилноста на пресудата или после издржувањето на казната затвор. Во одредбата не предвидува во кој момент ќе бидат достапни на јавноста тие податоци, како и временскиот период, односно колку време ќе стојат тие податоци во регистарот.
Таквите одредби од Законот, според Судот немаат уставна основа по член 18 и 25, со оглед дека со член 18 од Уставот се гарантира тајноста на личните податоци, а со член 25 се гарантира личниот и семејниот живот.
Во однос на членовите 10 и 11 од Законот кои се однесуваат на прашањата за изземање од објавувањето на податоците, Судот оцени дека овие одредби уредуваат прашања во врска со постапувања на суд, при што според Уставот амандман 25 постапката пред судовите се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство, па бидејќи овој закон не е донесен во таква постапка Судот изрази сомнение во уставноста на донесувањето на овие одредби од законот.
Што се донесува пак на целината на Законот, Судот оцени дека има уставна основа за постоење на ваков закон.
Подносители на иницијативата се пет граѓани кои се осудени за такви кривични дела и кои се на издржување на казна затвор во Тетово.