Ристовски: Ќе се зајакнува системот на контроли за корисници на социјална помош
Петок, 19 април 2013 – Ќе се зајакнува системот на контроли за корисници на социјална помош и ќе се преземаат мерки против лицата кои ја злоупотребиле оваа помош – ова денеска го најави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Според него, Министерството не може да спречи определени граѓани да се обидуваат да го злоупотребат законот, но затоа ќе го зајакне целиот систем во смисла на електронско поврзување и генерирање на дневна основа на податоци, дали некој во периодот додека го искористувал правото остварувал и дополнителни приходи.
„Нашата крајна цел е да почнеме да добиваме информации на дневна основа за секоја промена кај кој било граѓанин кој е корисник на социјална помош. Имено, со доказ врз основа на податоци кои што ги добиваме од надлежни институции секој кој што на каков било начин се обидел да го злоупотреби системот – истовремено да прима социјална помош и да остварува приходи кои се надвор од рамката која што ја дозволува законот, за сите ќе бидат поведени соодветни постапки пред надлежни судови и на никој нема да им биде простен долгот, односно злоупотребата на буџетски средства“, рече Ристовски.
Според Ристовски, ваквата злоупотреба значи директно крадење од џебовите на оние лица на кои им е неопходна социјалната помош и власта и Министерството нема никогаш да го дозволат и да го толерираат тоа.