/ Прочитано:

1.502

РИЗИК ЗА ОПСТОЈУВАЊЕ НА ПАЗАРИТЕ: Групацијата за пазари против Законот за трговија на зелените пазари

Групацијата за пазари во рамките на Здружението на комунални дејности при Стопанската комора на Македонија, на состанокот одржан на 8.1.2019 година, расправаше за состојбите во трговијата на мало на тезги и пазари, при што оцени дека примената на Законот за трговија на зелени пазари ја загрозува дејноста и го доведува во прашање опстојувањето на зелените пазари, поради што оцени дека е потребно негово итно укинување или одлагање на неговата примена до донесување на прифатливи законски решенија во консултации со сите засегнати страни, информираше Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Организаторите на  пазарите членки на Групацијата на состанокот констатираа дека со законското решение не се остварува целта на Законот – да се регулира дејноста за трговија и организирање на зелени пазари, што беше барање на Групацијата во изминатите неколку години.

Напротив, со Законот се стеснува категоријата на субјекти кои можат да тргуваат на зелените пазари, одредбите во поголем дел се однесуваат на регулирањето на коморското организирање, а во помал дел на дејноста. Со Законот се воспоставува единствен коморски систем, задолжително членство и давачки по повеќе основи за трговците.

Групацијата на пазарите бара да се преиспитаат одредбите со кои се уредува коморскиот систем на закупците на тезги, со кој се дава овластување само на еден субјект да издава лиценци за трговци на зелени пазари, со што се монополизира системот.

„Од Групацијата сметаат дека и воведувањето лиценца и висината на цената што треба да ја платат за неа пазарџиите не соодветствува на нивната финансиска моќ. Вкупно 1,2 милиони евра ќе инвестираат 20.000 пазарџии само за добивање лиценци, кои се даваат по цена од 60 евра за една тезга“, истакна Михајловска-Василевска.

Овие издатоци треба да ги плаќаат закупците на тезги, а дополнително ќе треба да платат и закуп на тезга, како и законските обврски за здравствено и за пензиско осигурување.

Дополнителен проблем е што поради ригидните одредби на Законот, пензионери, вработени лица, лица кои по други основи примаат надоместоци и правни лица ќе немаат можност да тргуваат и да продолжат  да ја вршат дејноста.

Според анкетното истражување на Групацијата за пазари, сите погоре наведени категории на субјекти се значително застапени на пазарите и учествуваат со околу 30% до 50% од вкупниот број на трговци на тезги и пазари. Нивното исклучување од дејноста, покрај загуби за трговците, би предизвикало големи загуби и за организаторите и би довело до намалување на нивните приходи по основ на закупнина, испразнување на тезгите и дополнителни трошоци, а со тоа и до тешкотии во работењето и намалување на бројот на работните места кај организаторите. Наведеното би довело и до намалување на приходите на државата по основ на даноци.

Наведените ограничувања би можеле да предизвикаат и зголемување на сивата економија преку трговија на нерегистрирани продажни места, што е спротивно на интенцијата на законодавецот за регулирање на трговијата на зелените пазари.

Тргнувајќи од наведеното, Групацијата на пазарите донесе заклучок дека е потребно итно укинување или одлагање на примената на Законот за трговија на зелени пазари, а за негативните ефекти од примената на Законот да се информираат претседателот на Владата на Република Македонија, заменикот на претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, министерот за економија и претседателот на ЗЕЛС заради поддржување на барањето на Групацијата.

Групацијата на пазари бара да се одложи примената на Законот за трговија на зелени пазари

Измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување на седница на Законодавно-правната комисија

Законските измени за пензионирањето на рударите и за осигурувањето на трговците на зелени пазари во собраниска процедура

Трговците на зелени пазари ќе имаат легитимации кои ќе ги издава Комората на трговци

ПРЕДЛОЖЕН ЗАКОН ЗА ТРГОВИЈА НА ЗЕЛЕНИТЕ ПАЗАРИ: „Да се реши работниот статус на лицата кои работат на зелените пазари“

М.В