/ Прочитано:

2.925

Ризици од корупција кај јавно приватно партнерство во Македонија – Ана Стојиловска, Координатор на проектот на Аналитика „Истражување на корупција кај јавно приватно партнерство на локално ниво“

Автор на трудот: Ана Стојиловска, Координатор на проектот на Аналитика „Истражување на корупција кај јавно приватно партнерство на локално ниво

Борбата со корупцијата е горливо прашање за Република Македонија. Европска комисија во последниот извештај за напредок констатира дека корупцијата и понатаму продолжува да постои во многу области и дека корупцијата во јавните набавки е сериозен проблем. Понатаму, корупцијата на локално ново во Република Македонија е недоволно истражена, а и јавната доверба во институциите надлежни за справување со корупција е ниска, па затоа е важно поактивно вклучување на граѓанскиот сектор во мониторирање на трошењето на јавните пари како и континуирано истражување на областа, со цел да се придонесе кон зајакнување на доброто владеење во државата.

Општините добиваат се повеќе надлежности согласно децентрализацијата, но сепак се соочуваат со предизвици во својата работа како недоволни човечки и финансиски капацитети како и нови правни акти за спроведување. Во врска со последново, Законот за концесии и јавно приватно партнерство е нов (2012) и се однесува на договори со поголеми суми, како и на области како енергетиката, два елемента кои укажуваат на висок ризик од корупција, што е добра причина за истражување на ризици и можности од корупција при примена на овој закон.

Постојат неколку истражувања за јавно приватно партнерство (ЈПП) за претходните верзии на законот, една студија за новиот Закон за концесии и ЈПП и има истражување за корупција воопшто во јавни набавки велејќи дека дел од бизнис заедницата забележала дека јавните набавки се склони на корупција, дека јавните набавки се најранлива област за злоупотреба и корупција, и дека дека постоечкиoт систем на јавни набавки остава простор за корупција и судир на интереси, потоа дека постојат нетранспарентни и нестандардизирани постапки за концесии и ЈПП и неможност да се следи постапката во сите нејзини фази на едно место.

Сепак нема истражување фокусирано на новиот Закон за концесии и ЈПП особено не во поглед на коруптивно однесување и нема кај веќе реализирани договори за ЈПП. Оттука има потреба од анализирање на спроведувањето на Законот за концесии и ЈПП на локално ниво во поглед на откривање на можни ризици од корупција. Целта на трудот е проверка на склучените договори за ЈПП на локалните власти во однос на присуство или отсуство на коруптивно однесување, како и мапирање на пропусти во Законот за концесии и ЈПП и неговата имплементација кои би можеле да допуштат корупција. Крајната цел е придонес кон подобра имплементација на Законот за концесии и ЈПП и кон борбата против корупцијата на локално ниво.

>> Целосниот текст на трудот во прилог: Ризици од корупција кај јавно приватно партнерство во Македонија