/ Прочитано:

831

Роберт Спано, претседател на ЕСЧП: „Судиите треба да ги одбранат вредностите на Конвенцијата“

Начелата на Европскиот суд за човекови права треба да се применуваат во сите судски инстанци

Еден од позитивните развојни текови кога станува збор за македонското судство е тоа што има добри реформи, посебно Врховниот суд и апелациските судови кога станува збор за прашањето за ограничување на максималното траење на постапките, истакна денеска претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано, нагласувајќи дека времетраењето на постапките останува предизвик.

Во рамки на вчерашната посета ва Врховниот суд, Спано подвлече дека Европската конвенција за заштита на човековите права претставува споделена одговорност.

„Јас сум претседател на Европскиот суд за човекови права и претставник на овој суд, но вистинските судии што треба да ги одбранат вредностите на Конвенцијата сте токму вие, националните судии. Вие сте на првата линија во заштитата на правата и слободите на вашите граѓани. Начелата на конвенциското право и начелата на Европскиот суд за човекови права треба да се применуваат во сите судски инстанци, од сите судии, а особено од  врховните судии. Во тоа е и суштината и логиката на начелото на супсидијарност, но и на владеењето на правото“, истакна судијата Спано пред врховните судии.

Веруваме во промените во судскиот систем

Тој нагласи дека соработката на македонскиот правосуден систем и Европскиот суд за човекови права е реалност. Во таа насока, претседателот на ЕСЧП изрази поддршка на започнатите реформи во судството и во законодавството.

„Доаѓаме како поддржувачи на вашата напорна работа и веруваме во промените во вашиот судски систем. Клучно за промените е да се во насока на владеењето на правото. Оттука, секогаш треба да се има предвид дека владеењето на правото и демократијата се извојуваат секојдневно и затоа тие мора континуирано да бидат применувани“, нагласи судијата Спано.

Секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот

Претседателот на ЕСЧП денеска посочи дека во Судот во Стразбур има околу 300 предмети од Македонија. Тој додаде дека Судот во Стразбур и натаму нема алатка како да ги направи извршни своите пресуди или да го следи нивното извршување. Односно како пресудите донесени од негова страна да направи тие и да се почитуваат од земјите на кои се однесуваат.

Во оваа смисла Спано одговори на прашањето за неспроведувањето на 16-те пресуди за Бугарија за прекршување на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство

„Прашањето што го поставувате е прашање што се однесува на спроведувањето и извршувањето на судските одлуки и важно е да се потсетиме дека постои јасна разлика меѓу улогата на Судот да изрекува одлуки и посебниот оддел на Советот на Европа кој го надзира спроведувањето. Претседателот на Судот не е тој што треба јавно да дава коментари. Меѓутоа, општото начело е сосема јасно, тоа е дека секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот. Во голем број пресуди Судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на Судот во духот на Конвенцијата, истакна Спано.

„Таа обврска е недвојбена и јасна. Тоа е општата изјава што би сакал да ја дадам по тоа прашање, меѓутоа не е моја улога јас да дадам коментар за конкретни поединечни чувствителни прашања меѓу две земји во однос на спроведувањето и одредени видови пресуди“, додаде претседателот на ЕСЧП.

Судијата Роберт Рагнар Спано  функцијата  претседател на ЕСЧП ја презеде на 18 мај годинава. Спано е роден на 27 август 1972 година, во Рејкјавик, Исланд. Завршил правен факултет во Исланд. Магистрирал европско и компаративно право на Универзитетот во Оксфорд, каде бил истакнат и наградуван студент. Својата правничка кариера ја започнал како судски соработник и како правник во канцеларијата на народниот правобранител на исландскиот Парламент.  Како правен експерт членувал во голем број стручни комисии и комитети. Роберт Спано бил професор и декан на Правниот факултет во Исланд.  На 1 ноември 2013 година бил избран за Судија во Европскиот суд за човекови права.

Адеми: Ефикасна примена на доктрината на ЕСЧП во делот на ефективното одземање на имотната корист

Конференција „Ефикасен поврат на имот во согласност со европските стандарди“