Рочиштето за случајот „Еразмус“ се одложи
Одбраната на обвинетите во случајот „Еразмус“ побара изземање на судијката Љубинка Башеска и на судијата Ивица Стефановски, кои се членови на судечкиот совет, поради што рочиштето беше одложено.
Судското рочиште за предметот „Еразмус“, во кој за поткуп се обвинети петмина професори и еден асистент од Економскиот факултет во Скопје, кое беше закажано за денеска во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, се одложи откако одбраната побара изземање на судијката Љубинка Башеска и на судијата Ивица Стефановски, кои се членови на судечкиот совет.
Имено, според адвокатите на обвинетите во случајот, двајцата судии, односно и Башеска и Стефановски, во претходна постапка веќе еднаш одлучувале по жалба на одбраната и ја одбиле.
Судењето е одложено на неопределен рок, односно сè додека в. д. претседателката на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Татјана Михајлова, не одлучи по барањето за изземање.
Инаку, во случајот „Еразмус“ обвинетите се товарат дека во текот на 2015 и 2016 година, како лица вработени на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, искористувајќи ја својата положба сториле кривични дела: примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание, злоупотреба на службената положба и овластување и давање поткуп.
Обвинетите Б. Ш и С. Р се товарат за сторено кривично дело – Примање поткуп од чл. 357 ст. 1, лицето Д. Ј. се обвинува дека сторило кривично дело – Примање поткуп од чл. 357 ст. 1 и Примање награда за противзаконито влијание од чл. 359 ст. 2 од Кривичниот законик. Обвинетите Љ. Ј. и С. Д. се товарат за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 1 од Кривичниот законик. Со обвинителниот акт се обвинува и лицето Д. Д. за сторени три кривични дела – Давање поткуп од чл. 358 ст. 1 од Кривичниот законик.
А. Б.