Рочиштето за случајот „Пуч“ се одложи на неопределено време
Двајца нови судии поротници немаа безбедносни сертификати, што беше главната причина судијката да го одложи и денешното рочиште за „Пуч“ на неопределено време.
Главната расправа за случајот „Пуч“ се одложи и денеска. Двајца нови судии поротници немаа безбедносни сертификати, што беше главната причина судијката Љубинка Башевска да го одложи и денешното рочиште за „Пуч“ на неопределено време.
„Главната расправа по предметот со КОК бр. 60/16, во јавноста познат како „Пуч“, денеска беше одложена откако претседателот на судечкиот совет, надлежен да постапува по овој предмет, пред присутните констатираше дека еден од судиите поротници, по неговото лично барање бил разрешен од советот, а со одлука на претседателот на Судот, по барање на претседателот на советот, назначен е нов судија поротник, како и дополнителен судија поротник, за кои и покрај барањата и ургенциите за итност, испратени од претседателот на Судот, сè уште не се доставени безбедносни сертификати за постапување и увид во класифицирани информации и податоци, кои им се неопходни на новоназначените судии поротници да постапуваат по конкретниот предмет. За сето тоа на денешната главна расправа во присуство на јавноста беа известени странките во постапката, како и присутните претставници на медиумите, а главната расправа беше одложена на неопределено време, односно сè додека неопходните сертификати не бидат доставени до Судот“, се наведува во соопштението на Кривичниот суд.
Во судот дојдоа лидерот на СДСМ Зоран Заев, четвртообвинет во случајот, и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, но не дојде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој требаше да биде присутен во својство на сведок.
Почетокот на судењето за случајот „Пуч“ се одложува повеќе пати, за што Основниот суд Скопје 1-Скопје во соопштението даде детално објаснување.
„Со цел да не дојде до одредени манипулации, jа потсетуваме јавноста дека за конкретниот предмет беа одржани 10 главни расправи, од кои 6 беа одложени бидејќи обвинетите постојано беа на службени патувања, потоа 3 расправи беа одложени по барање на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ), од кои една расправа беше одложена поради приватна прослава на обвинителката Јанева, а само минатата расправа беше одложена поради болест на еден од судиите поротници“, се вели во соопштението од судот.
Предметот за случајот „Пуч“ беше оформен во Основниот суд Скопје 1 – Скопје откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 1 мај 2015 година достави обвинителен акт против пет лица, меѓу кои и лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Како што беше наведено од Обвинителството, по спроведување на сеопфатна истражна постапка, по разгледување и анализа на сите прибрани докази и факти во предметот „Пуч“, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе обвинителен акт против осомничените.
Првообвинетиот, поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, се товари за едно продолжено кривично дело „Неовластено прислушување и тонско снимање“ од чл. 151 ст. 4 в.в. со ст. 1, а во врска со чл. 23 и чл. 45, „Шпионажа“ од чл. 316 ст. 4 и „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ од чл. 311 в.в со чл. 24 од Кривичниот законик.
Второобвинетиот, Ѓорги Лазаревски, е обвинет за едно продолжено кривично дело „Неовластено прислушување и тонско снимање“ од чл. 151 ст. 4 в.в. со ст. 1, а во врска со чл. 23 и чл. 45 и кривично дело „Шпионажа“ од чл. 316 ст. 4 в.в. со чл. 24 од Кривичниот законик.
Третообвинетата, Соња Верушевска, сопруга на Зоран Верушевски, се товари за кривичното дело „Шпионажа“, од чл. 316 ст. 4 в.в. со чл. 24 од Кривичниот законик.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој е четвртообвинет во случајот, се товари за кривичното дело „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“, од чл. 311 в.в чл. 19 од Кривичниот законик.
Петтообвинетиот, Бранко Палифров, службеник во Општина Струмица, се товари за кривичното дело „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“, од чл. 311 в.в чл. 24 од Кривичниот законик.
А. Б.