/ Прочитано:

1.141

Родово базираната дискриминација е широко распространета на пазарот на труд во Западен Балкан, покажува нова студија

Во Брисел беше презентиран новиот истражувачки извештај „Родово базирана дискриминација и работнички права во Западен Балкан“, изработен од коалицијата на граѓански организации кои работат на унапредување на родовата еднаквост, соопштуваат од организацијата „Реактор“.

Поддржана од Европската Унија и од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА), студијата е дел од пошироката регионална иницијатива за борба против родово базираната дискриминација и унапредување на работничките права на жените.

Некои од клучните наоди од студијата презентирана на промотивниот настан се:

  • Родово базираната дискриминација е широко распространета, особено при вработување и унапредување. Значаен дел од вработените жени доживуваат сексуално вознемирување на работното место и прекршување на правото на платено отсуство поради раѓање, бременост и родителство.
  • Во регионот, иако се ратификувани релевантни меѓународни инструменти, правните рамки што се однесуваат на дискриминацијата се фрагментарни и честопати неконзистентни. Различните стандарди на заштита, процедури и санкции што се применуваат под различни закони предизвикуваат забуна.
  • Мал е бројот на институции од Западен Балкан одговорни за адресирање на родовата дискриминација поврзана со трудот, кои имаат јасни податоци за застапеноста на оваа појава.
  • Иако се чини дека релевантните институции се генерално запознаени со нивните одговорности за справување со родово базираната дискриминација при работа, сепак, пријавени се само мал број на случаи, така што институциите немаат практично искуство во адресирање на ваквите случаи.
  • Луѓето се недоволно информирани за тоа каде може да се пријави родово базирана дискриминација.

За време на настанот, Васка Лешоска, истражувачка од „Реактор – Истражување во акција“, презентираше вистински потресни приказни од регионот, вклучително и онаа на една жена од Црна Гора, која изјавила: „Требаше да заменам една девојка која беше на породилно отсуство. Планираа да ја отпуштат потоа, и ми рекоа дека не смеам да забременам во следните две години.“

Дополнително, извештајот од истражувањето содржи бројни препораки за институциите од Западен Балкан, како и за ЕУ, на повеќе теми, вклучително и за усвојување и имплементација на реформи против родово базирана дискриминација, подобрени пристапи за следење на состојбите и континуирана поддршка за организации кои се борат за женските права.

Џеновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан во Европската комисија, нагласи:

„Постои итна потреба од повеќе активности за справување со родово базираната дискриминација низ целиот регион и на сите нивоа. ЕУ работи со владите, претставниците на приватниот сектор и граѓанското општество во насока на неопходните реформи и активности во оваа област и ќе продолжи да обезбедува поддршка за унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на жените во регионот. Во текот на изминатите години, нашата помош испорача конкретни резултати во важни области, како што се борбата против родово базирано насилство и поддршка на организациите за женски права.“

Целосниот извештај е достапен на следниот линк.

М.В