„Родово базираното и психичкото насилство врз жените сè уште не се препознаваат“ – интервју со адвокатката Марта Гусар
Психичкото насилство врз жените сè уште не се препознава, а исто така и родово базираното насилство врз жените. Ова е огромен проблем поради фактот што жртвата е принудена сама да поведе постапка пред надлежен суд, секако, со ризик дали ќе биде заштитена, вели адвокатката Марта Гусар, која како адвокат води повеќе предмети кои се однесуваат на родово базираното насилство. Адвокатката посочува дека жртвите на семејно насилство се соочуваат со проблеми во постапките и поминуваат низ правни лавиринти. Клучно е прашањето за ефикасноста на институциите и препознавањето на родово базираното насилство. Жртвите на семејното насилство, нагласува адвокатката Марта Гусар, губат волја и се целосно незаштитени, па не продолжуваат понатаму да преземаат дејствија за сопствена заштита.
Според вашето искуство, низ какви правни лавиринти поминуваат жртвите на семејно насилство и, во таа смисла, потребно ли е да се направат соодветни промени во постапките пред институциите?
Еден од најголемите проблеми со кои со соочуваат жртвите пред воопшто да одлучат да отпочнат постапка за заштита пред суд е Министерството за внатрешни работи, односно полициските службеници во полициските станици, каде што многу ретко се препознава насилството, како семејното така и родово базираното насилство врз жени. При пријавување на настан на насилство речиси никогаш не се препознава настанот како насилство, туку како нарушување на јавниот ред и мир, така што жртвата најпрво се соочува со прекршочна мерка против неа поради нарушување на јавниот ред и мир, наместо соодветна заштита во дадената ситуација, без притоа да се процени степенот на ризик кој постои во моментот и со што се соочува жртвата, без оглед дали се работи за семејно насилство или родово базирано насилство врз жени.
Оттука, жртвите губат волја и се целосно незаштитени, па не продолжуваат понатаму да преземаат дејствија за сопствена заштита и повторно се втурнуваат во рацете на сторителот.
Една од олеснителните околности е сознанието на жртвата дека може да се обрати до здруженијата кои им даваат помош на жртвите на семејно насилство, па оттаму со придружба да се обрати повторно во полициска станица, како и во Центарот за социјални работи. Оваа околност не ја прави постапката полесна, но секако жртвата добива соодветна поддршка од стручни лица, па оттаму и се развива чувството на сигурност и безбедност, што за жртвата во таа дадена ситуација е најважно, а сè со цел да собере храброст за преземање на понатамошни дејствија за заштита. Она што е застрашувачко е фактот што ова што го говорам е само за случаи на семејно насилство на територија на Град Скопје, додека пак во другите градови ваквите здруженија се многу помалку застапени, па жртвите во другите градови и во руралните средини немаат ни каде да се обратат и не можат ни да стигнат до помош. Впрочем, поради неинформираност не го ни препознаваат насилството, а уште помалку па да го пријават.
Проблемите и лавиринтите, секако, не завршуваат тука. Многу често Центарот за социјални работи, кој е надлежен за поведување постапки за заштита од семејно насилство и постапки за изрекување на привремени мерки за заштита на жртвите, во согласност со членовите 34 и 35 од Законот, се случува да не препознае психичко насилство, туку во најголем број случаи, доколку нема видлива телесна повреда, воопшто да не се поведе постапка за заштита од семејно насилство, а со тоа секако нема да се поведе постапка за изрекување на привремени мерки за заштита.
Од ова е јасно дека во моментов сè уште не се препознава психичкото насилство врз жените, а исто така и родово базираното насилство врз жени. Ова е огромен проблем поради фактот што жртвата е принудена сама да поведе постапка пред надлежен суд, секако, со ризик дали ќе биде заштитена од причина што доколку во Центарот за социјални работи не е заведен предмет за заштита од семејно насилство, исто така, и судот нема да го препознае психичкото насилство. Доколку судот препознае и отпочне судска постапка, во тој случај постапката е макотрпна, долга, со соочување на жртвата со насилникот во повеќе наврати сè до конечно одлучување и изрекување на привремени мерки за заштита.
Видно од горенаведеното, и покрај фактот што навистина во последен период постапките се водат многу побрзо и секако во насока на заштита на жртвата, потребно е да се извршат многу обуки на полициските службеници кои се во првата борбена линија каде што се обраќа жртвата, сè со цел да се препознае насилството, да се процени степенот на ризик, па потоа да се обезбеди соодветна заштита на жртвата во дадениот момент, пред сè, а потоа и во рамки на постапката пред надлежните судови и органи. Понатаму, сè со цел да се обезбеди брза заштита на жртвата, со претходна оцена на степенот на ризик со кој се соочува жртвата, потребно е да се обезбеди соодветна итна служба за достава на писмена кои се однесуваат на овие постапки, при што доставата, односно поканата до сторителот за присуство пред надлежниот орган или суд ќе биде спроведена во најбрз можен рок без одложување.
Промените секако најпрво треба да бидат во насока на препознавање на насилството веднаш. Меѓусебната комуникација помеѓу институциите кои се надлежни за постапувањето по оваа проблематика да биде итна, со постоење на дежурни служби кои ќе бидат достапни во секое време, со водење на посебна евиденција сè со цел лесна достапност до сите информации со цел за итно постапување и заштита на жртвата.
Што говорат искуствата од праксата во делот на судските постапки и рочишта?
Она што е клучно во врска со судските постапки е различното постапување на судот во случај на предлог за изрекување на привремени мерки од страна на Центарот за социјални работи и постапување на судот во случај на предлог поднесен непосредно од страна на жртвата.
Во првиот случај, односно доколку Центарот за социјални работи поднесе предлог за изрекување на привремени мерки за заштита, надлежниот суд веднаш вон рочиште, односно без одржување на рочиште (без изведување на докази, распит на странки, сослушување на сведоци, обраќања до надлежни органи и институции) донесува решение со изречени привремени мерки за заштита. Ова секако е за поздрав, најпрво поради итноста и секако поради брзата реакција на судот во заштитата на жртвата, но проблемот настанува кога жртвата преку полномошник непосредно поднесува предлог до надлежниот суд за изрекување на привремени мерки за заштита. Во тој случај судот никогаш не одлучува вон рочиште, туку прво се закажува рочиште за испитување на предлогот, па потоа рочиште за изведување на докази (распит на странки, сослушување на сведоци), па обраќање до други надлежни институции, секако, во насока на утврдување на сите релевантни факти, но тоа е во времетраење од повеќе од 3 месеци, а во тој период жртвата на сите одржани рочишта повторно се соочува со директен контакт со сторителот, во иста судница, слушајќи наводи, повторно и повторно раскажувајќи ја ситуацијата што ја довела до тоа да се обрати за помош.
Ваквата ситуација треба да се промени, без исклучок. Секако, за да нема недоразбирање, сосема е во ред фактот што судот треба да ги утврди релевантните факти, но тоа утврдување може да биде со директно обраќање до надлежните институции, и само и исклучиво доколку судот оцени дека треба да бидат изведени доказите, но тоа да биде како исклучок во постапката, односно доколку нема соодветна документација кон предлогот, но не смее да биде во секој случај. Она што го кажав и претходно потребно е постоење на дежурни служби, каде што испитувањето и утврдувањето на фактите за изрекувањето на мерки ќе биде брзо и секако ќе ѝ се овозможи на жртвата целата постапка на заштита да биде побезболна.
Замислете во каква ситуација се доведува жртвата, па и судот, особено кога степенот на ризик е огромен, како што имало ситуации, а постапката трае и трае подолго од 3 месеци, а на секое закажано рочиште сите кои сме присутни во судницата сме изложени на ризик од насилство.
Во таа насока, постојат ли недостатоци во постапката за одредување привремени мерки за заштита?
Мислам дека со претходниот одговор дадов одговор и на ова прашање, и покрај тоа што недостатоците не се само во таа насока, туку и во насока на третманот на жртвите во рамките на постапката, осудата која многу често ја има, прашањата од видот ‘зошто си тепана’, ‘па што си барала таму’ и сл., кои се недозволени, но не би сакала да ги елаборирам, најмногу поради тоа што можам да зборувам со денови. Она што сакам да го потенцирам е дека токму поради овие недостатоци, како и поради емоционалниот пристап кон овие предмети, сите надлежни лица кои учествуваат во постапката за изрекување на мерки за заштита, од самиот почеток до конечното изрекување на мерките, треба да бидат во постојана и континуирана обука, па дури и со прв директен контакт со жртвата за да ги увидат првите моменти на страв кај жртвата, а со тоа да се развие поголема сензибилизираност за состојбата и последиците по жртвата и колку тоа ги ограничува нејзините капацитети за давање искази и учество во постапките пред сите надлежни органи и секако пред судот.
Зошто е потребно директно да се имплементира Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство?
Од многу аспекти е потребно тоа, а она што е најважно, според мене, е конечното препознавање на родово базираното насилство врз жените, кое е застапено во сите сфери на секојдневниот живот и оттаму и заштита и секако негово елиминирање со текот на времето. Потоа, да не се бараат причините зошто некоја жена се соочила со насилство од сторител, туку да ѝ се овозможи соодветна заштита од сторителот и најпрво да се елиминира моменталното насилство, а потоа и ризикот од идно насилство.
Потоа, Конвенцијата обработува форми на насилство кои досега не се застапени во македонското законодавство, а со кои се соочуваат жените на секојдневно ниво и секако без да бидат заштитени. Причините ги наведов погоре, непрепознавање на насилството и несоодветниот третман на жртвата од страна на надлежните лица, неинформираност за насилството и сл.
Зошто е значајна Конвенција во борбата против семејното насилство, но и во остварувањето на целите на правдата?
Значењето на Конвенцијата е огромно поради фактот што таа се однесува на сите форми на насилство врз жените, не само на семејното, туку на сите форми на насилство кои досега не беа опфатени во македонското законодавство, ниту пак се познати како форми на насилство. Целите на правдата е токму заштитата на жените од сите форми на насилство, спречување, гонење и елиминирање на насилството врз жените и најважно што ќе овозможи интегриран пристап за елиминација на сите форми на насилството и дискриминацијата врз жените и домашното насилство.
М.В