/ Прочитано:

1.100

Конференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: Прашање на личност или на систем“

Романските антикорупциски искуства и положбата на македонските обвинителства во оваа борба

„Предусловите за ефикасност во борбата против корупцијата се многу важни. За тоа е потребна стручно специјализирана структура на обвинители и вработени во обвинителството и потребен е софистициран начин на решавање на проблемите. Поради тоа имаме специјализирани структури за борба против корупцијата на високо ниво. Друг, многу важен инструмент во борбата против корупцијата е соодветно законодавство. Залудно имаме храбри и активни обвинители ако ги немаат соодветните законски алатки. И една од најважните работи е преземањето на административни и раководни мерки за определување на финансиските средства за кои постои сомневање дека се злоупотребени, за што одблиску соработуваме со Министерството за финансии“, вели Ковеси.

Kонференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: Прашање на личност или на систем“

Националниот директорат за антикорупција на Република Романија во текот на 2015 година иницирал кривични постапки против 1 250 лица. Во коруптивни активности биле вклучени и 83 правни субјекти. Ова го истакна главната обвинителка Лаура Кодрута Ковеси на конференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: Прашање на личност или на систем“.

Од нив, биле прифатени и биле процесирани обвиненијата против  970 лица, меѓу кои се нашле и еден премиер, 5 министри, 16 заменици министри и 5 сенатори, 97 градоначалници и заменици, 11 обвинители и 8 судии, 231 полицаец и 69 царински службеници.

Бил запленет имот вреден 500 милиони евра, а бил извршен поврат на 195 милиони евра.

„Предусловите за ефикасност во борбата против корупцијата се многу важни. За тоа е потребна стручно специјализирана структура на обвинители и вработени во обвинителството и потребен е софистициран начин на решавање на проблемите. Поради тоа имаме специјализирани структури за борба против корупцијата на високо ниво. Друг, многу важен инструмент во борбата против корупцијата е соодветно законодавство. Залудно имаме храбри и активни обвинители ако ги немаат соодветните законски алатки. И една од најважните работи е преземањето на административни и раководни мерки за определување на финансиските средства за кои постои сомневање дека се злоупотребени, за што одблиску соработуваме со Министерството за финансии“, вели Ковеси.

Таа потенцира дека обвинителите се слободни и независни при преземањето на активности, што не значи дека им се дозволува да прават што сакаат, но слободата, додава таа, е многу важна.

Kонференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: Прашање на личност или на систем“

„Надлежностите што ги имаме се строго определени со законската легислатива во која е строго утврдено кој предмет може да го работиме, а кој не. Во наша надлежност се само предмети што опфаќаат корупција над 10 илјади евра. Ова беше утврдено со цел да работиме само на висока корупција“, вели романската обвинителка.

Според јавниот обвинител Марко Зврлевски, Јавното обвинителство на РМ се одликува со  ефикасност, независност, стручност, професионалност, самостојност и неселективност во постапувањето и гарантира успешност во работата.

Зврлевски ги истакна примерите на успешни предмети со кои се соочило Обвинителството, а за неговата ефикасност вели дека се заслужни обвинителите кои се насочени професионалци со темелна подготовка и едукација.

Тој вели дека е напуштено нетранспарентното постапување на Обвинителството кое било пракса во минатите години.

Како што е наведено во Извештајот на Рајнхард  Прибе, суштинските стандарди за демократско владеење мора да се постигнат, а за постигнување на оваа цел потребно е ние, како Специјално јавно обвинителство,  и сите институции да ја преземеме својата одговорност во согласност со својот мандат, рече специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

„И покрај постоењето на опасноста од доминација на тенденцијата за заштита на јавниот интерес и борбата против криминалитетот да се заборави на гаранциите за одбраната и заштитата на индивидуалните слободи и права, сметам дека е неопходно постоењето на изградена правна рамка која ќе обезбеди соодветна  и ефикасна заштита од злоупотреба и соодветна рамнотежа меѓу општите интереси на заедницата и заштитата на правата на индивидуата“, додава Јанева.

Основната мисија на Специјалното јавно обвинителство е, преку професионално и независно гонење на кривичните дела за кое е надлежно, да ја врати довербата кај секој граѓанин за достижноста на правдата, вели Јанева, според која јавноста мора да биде вклучена во сите постапки.

Борбата против корупцијата е врвен приоритет на Владата на РМ, вели министерот за правда Аднан Јашари. Во таа насока, се преземаат сите неопходни мерки за нејзино успешно функционирање, како на законодавен план така и на превентивно и на репресивно ниво.

„Кога зборуваме за случаите на корупција на високо ниво, не постојат општоприфатени критериуми за третирање на овие случаи, туку секоја држава во зависност од своите општоприфатени услови и специфичниот контекст определува критериуми според кои се карактеризираат случаите на корупција“, додаде Јашари.

Kонференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: Прашање на личност или на систем“

Но, не е само присуството на корупцијата она што им се заканува на демократските општества туку и нејзината неказнивост, вели амбасадорот на САД, Џес Бејли.

„Борбата против корупцијата и зголемувањето на транспарентноста бараат малку повеќе од само закони и регулативи. Бараат храбри и независни медиуми кои исто така можат да ја истакнат темнината каде што се јавува корупцијата“, вели Бејли.

Онаму каде што не се спроведува законот и каде што се мали казните, таму се јавува корупцијата и токму поради тоа соодветното функционирање на правниот систем е од голема важност, додава Бејли кој истакна дека САД ја поддржуваат Македонија и нејзините институции во борбата против корупцијата.

Која е обвинителката Лаура Кодрута Ковеси

Како што пишуваат светските медиуми, Лаура Кодрута Ковеси  успеала да ја претвори „заспаната“ агенција водечка институција која се бори против корупцијата.

Главната обвинителка во Националниот директорат за антикорупција во Република Романија, како што оценува професорот Владимир Тисманеану од Универзитетот на Мериленд, го направила најголемиот земјотрес на политичката сцена во Романија по падот на Николае Чаушеску во 1989 година.

Kонференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: Прашање на личност или на систем“

Но Ковеси не ѝ е омилена на целокупната јавност. Оние што се дел од нејзините истраги поинаку ја перципираат нејзината работа. Тие ја обвинуваат дека е сталинистка, а нејзините методи и потпирање на истраги од прислушувани материјали ги оценуваат како методи што ги применувал и Чаушеску во неговата служба Секуритате.

Обвинителката, пак, не води грижа за обвинувањата што ѝ се ставаат на товар. Самоуверено вели дека таа и нејзиниот тим дипломирале по 1989 година и воопшто не се запознаени со методите на Секуритате, а употребувањето на прислушување при нејзините истраги го оправдува како алатка што ја користат сите демократски, а не само посткомунистички земји.

Покрај споредбата со Сталин и со службите на Чаушеску, Ковеси од своите противници е споредувана и со Хитлер и е обвинувана дека зема пари од мафијата.

„Навикната сум на ваквите обвинувања од кои најголем број доаѓаат од лица што се под истрага на Националниот директорат за антикорупција“, вели Ковеси, која сепак потенцира дека се чувствува безбедно, иако е постојано со обезбедување, и вели дека води нормален живот: оди во кино, на вежбање и слично.

Националниот директорат за антикорупција е воспоставен во 2003 година и неколку години работел само на помали случаи поврзани со корупција на државно ниво. Сега, случаите на кои работи тимот на Ковеси мора да вклучуваат повеќе од 10 илјади евра поткуп и вмешаност на државни службеници.

Во меѓувреме, Парламентот во Романија неколкупати се обидувал да ја ограничи борбата против корупцијата дури и преку предложување закон за амнестија, но безуспешно.

„Многумина нѐ обвинуваат дека работиме само на политички случаи, но на нашата листа се имаат најдено високи функционери од сите политички партии“, вели Ковеси, која поднесе обвиненија не само против поранешниот премиер Виктор Понта туку и против братот на Трајан Басеску кој е осуден на затворска казна.

Ковеси е на чело на Националниот директорат за антикорупција од 2013 година и оттогаш работи само на високопрофилирани корупциски случаи, кои во 90 проценти завршуваат со обвиненија.

Марија Севриева