/ Прочитано:

1.363

„Ровер“ повторно одложен, Бошкоски не беше спроведен од затворот во судот

Одбраната на Бошкоски уште на почетокот на третото повторено судење побара Специјалното јавно обвинителство да го преземе предметот. Тие доставија и документи до СЈО со кои бараа тоа да ја има надлежноста над „Ровер“. На денешното рочиште, пак, воопшто не беше споменато дали Судот добил известување од СЈО во однос на надлежноста на предметот.

boshkovski-sudene.jpg

Третото повторено судење за случајот „Ровер“, во кој како обвинет се јавува поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, никако да започне.

Денеска беше одложена уште една главна расправа поради немање услови за одржување на рочиштето.

Неколкумина од бранителите на обвинетите не беа присутни, како и еден од судиите во процесот, поради што судијата Илија Трпков уште утрото побарал од затворот „Идризово“ да не биде спроведен Бошкоски за да не се прават дополнителни трошоци.

Одбраната побара од Судот преку Министерството за внатрешни работи, а врз основа на меѓународните конвенции и договорите за меѓународната правна помош, да бидат лоцирани и повикани четворицата првообвинети во процесот, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, кои се недостапни за органите на прогонот уште од почетокот на процесот.

Еден од обвинетите, Зоран Трајковски, пред Судот, но и надвор од него, во изјава за новинарите го обвини Судот за намерно пролонгирање на постапката што се води против нив.

„’Ровер’ повторно се одложи затоа што вториот судија бил на боледување. Пред три и пол години на обвинетите, на инсистирање на Славица Јанковска која беше судија на претходна постапка, им беше даден притвор најмногу врз основот опасност од бегство, додека истата судијка не им додели притвор на осомничените во ‘Титаник’. Заедничко за обвинетите во ‘Ровер’ и во ‘Титаник’ е тоа што неколкупати бевме повикани, и во обвинителството и во МВР, за да даваме изјави и соработувавме со сите органи, а надвор од закон, на инсистирање на вториот судија во ‘Ровер’, нам ни беше продолжен притворот на 13. 10.2014 година, иако поминаа две години од подигнување на обвинителниот акт и поминавме во притвор три години, односно 1073 дена“, рече Трајковски.

Одбраната на Бошкоски уште на почетокот на третото повторено судење побара Специјалното јавно обвинителство да го преземе предметот. Тие доставија и документи до СЈО со кои бараа тоа да ја има надлежноста над „Ровер“.

На денешното рочиште, пак, воопшто не беше споменато дали Судот добил известување од СЈО во однос на надлежноста на предметот.

Ова е третпат одново да почнува судењето за „Ровер“ бидејќи Апелациониот суд Скопје двапати ја укинува првостепената пресуда поради низа пропусти и неутврдена фактичка состојба.

Со пресудата на Кривичниот суд, Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ доби 15 години затвор, Бошкоски доби затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски, доби осум години и шест месеци, по седум години добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски. Обвинетите се товарат за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи во во Скопје, во јули 2001 година.

М.С.