РСБСП: Безбедни деца во сообраќајот – за безбедна и сигурна иднина
Почетокот на учебната година носи радост, возбуда и среќа кај децата. Детскиот темперамент и возбуда се чувствуваат во секој нивни чекор. Не е лесно да си дете, на првиот училиштен ден. Не е лесно да си дете и секој друг ден. Сообраќајниот метеж, опасностите и заканите во сообраќајот секојдневно ги демнат децата. Ниту еден родител, наставник, возач не смее да го потцени ризикот што го носи сообраќајот по животот и здравјето на децата, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Сите деца заслужуваат да добијат шанса да пораснат и да бидат она за што сонуваат. За да им се исполнат соништата, сѐ што треба да им обезбедиме е среќно, безгрижно и безбедно детство. Затоа обврска на секој родител, старател, наставник, обврска на општеството е да ги заштити децата во сообраќајот. Со почетокот на учебната година, наша заедничка обврска е да ги потсетиме и да ги научиме децата на најважните правила и прописи во сообраќајот, да ги научиме децата како се поминува улица или крстосница, како се поминува на семафор, кој е најкраткиот и најбезбедниот пат од дома до училиште и обратно итн.
Секоја учебна година, секој септември, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишта реализира кампања за подигање на свеста за поголема безбедност на децата во сообраќајот. Мотото на кампањата е „Безбедно дете – за безбедна и сигурна иднина“ #Вози одговорно.
Целта на оваа сообраќајно-воспитна и едукативна кампања е што поголем број деца/ученици да бидат едуцирани и информирани за основните правила и прописи во сообраќајот и за ризикот и опасностите на кои секојдневно се изложени во сообраќајот. Покрај тоа, целта на оваа кампања е да се насочи вниманието на возачите и надлежните институции кон имплементација на мерки и активности за поголема безбедност на децата во сообраќајот.
Во таа насока, во рамките на кампањата ќе бидат реализирани голем број сообраќајно- едукативни настани за деца, предавања, обуки за прва помош, обуки за безбедно движење во околината на училиштето, ќе бидат изработени голем број едукативни материјали за деца – боенки, сообраќајна лектира, училиштен прибор со едукативна содржина итн., а во соработка со „Триглав осигурување“ ќе бидат дистрибуирани флуоресцентни елеци за поголема видливост во сообраќајот на децата од основните училишта.
Ќе бидат реализирани и голем број активности за подигање на свеста и одговорноста кај возачите и надлежните субјекти за издигнување на безбедноста на децата во сообраќајот на ниво на врвен општествен приоритет.
По повод почетокот на учебната година и почетокот на кампањата, претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска, упати апел до возачите и родителите: „Децата се најголемото богатство, децата се нашата иднина. Безбедноста на децата во сообраќајот е заедничка одговорност на сите нас. Да ги зачуваме децата од повреди и загуби во сообраќајот. Бидете внимателни возачи, намалете ја брзината во близина на училиште или градинка. Бидете одговорни родители, научете ги децата како безбедно да се движат во сообраќајот. Безбедноста на децата во сообраќајот е одговорност и обврска на возрасните. Грижете се за безбедноста на децата во сообраќајот. Возете и чувајте го секое дете во сообраќајот како ваше дете“.