/ Прочитано:

4.516

РСБСП:  Почитувајте ги правилата за ограничување на брзината

Брзината е критичен и клучен  фактор во сите сообраќајни незгоди и може да се каже дека токму од брзината зависи дали ќе се случи одредена сообраќајна незгода и какви ќе бидат последиците од неа.

Според статистичките податоци, брзото возење, односно  неодговорното  однесување во сообраќајот и понатаму останува главна причина за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици.  Во 2018 година, во Република Северна Македонија, 43 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди предизвикани од брзо возење,  а 1.069 лице се здобиле со тешки и сериозни повреди како последица на брзото возење.

За жал, и покрај тоа, истражувањата покажуваат дека  86% од возачите во Република Северна  Македонија  барем еднаш ги имаат прекршено правилата за ограничување на брзината,  а 20%  од нив,  тоа го прават често.

Водејќи се од тоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги потсетува возачите дека:

  • Возачот е должен да ја прилагоди брзината според условите во кои се одвива сообраќајот и според состојбата на патот.
  • Брзината на движење е ограничена во согласност со условите на патот и е одбележена со соодветен сообраќаен знак.
  • Брзината на движење, на патиштата во Република Северна Македонија, е ограничена, и тоа:

– 130 км/час на автопат;

– 110 км/час на пат резервиран за моторни возила;

– 90 км/час на останатите патишта;

– најголема дозволена брзина во населено место е 50 км/час.

  • Брзото возење ја загрозува безбедноста во сообраќајот и се санкционира со парична казна до 400 евра во денарска противвредност,  во зависност од тежината на сторениот прекршок, односно од големината на пречекорувањето на брзината.
  • Брзото возење претставува закана за времено одземање на возачката дозвола до 12 месеци.
  • Брзото возење ве прави нервозни и агресивни. Агресивните и брзи возачи немаат можност да уживаат во возењето и се соочуваат со голем број стресни ситуации додека возат.
  • Брзото возење значи поголема потрошувачка на гориво и негрижа за возилото.
  • Брзото возење изнудува грешки кои најчесто завршуваат со фатални последици кои се трајни и ненадоместливи. Не дозволувајте летните патувања да се претворат во нечија црна судбина.

Затоа РСБСП со апел до возачите: Намалете ја брзината, возете смирено и безбедно.  Почитувајте ги правилата за ограничување на брзината и уживајте во патувањето.

М.В