/ Прочитано:

1.474

РУШЕЊЕ НА БАРИЕРИТЕ: „Не веруваа дека лице со телесен хендикеп може да студира право“

За вклучувањетo на млади со помалку можности во високото образование потребно е да се создаде инклузивно општество достапно за сите, а најголем проблем е прилагодувањето на програмите. Дискриминацијата ја почувствував уште во прво одделение, а потоа и од опкружувањето кое не веруваше дека правник може да биде лице со телесен хендикеп, вели Марија Михајловска, која денес работи во Агенцијата за спорт и млади. Од Здружението на студенти и младинци со хендикеп истакнуваат дека клучните мисија во остварување рамноправност на младите луѓе и студенти е надминување на сите морални бариери како и создавање услови за подобро интегрирање на лицата со хендикеп во сите сфери од образованието и потоа при вработувањето.

„Момeнталната ситуација во државава за вклученоста на младите лица со помалку можности во високо образование е на незавидно ниво. Младите луѓе со помалку можности се среќаваат со голем број на проблеми од различни аспекти за да можат да го започнат и продолжат високото образование“, велат за Академик од Центарот за младински активизам КРИК.

Од таму потенцираат дека поддршката од страна на институциите постои до одредено ниво меѓутоа е потребно се уште да се работи на тематиката за да може да се живее во едно општество каде сите ќе имаaт еднакви можности врз основа на нашите потреби, како што беше констатирано и на Трибината: „Вклучувањетo на млади со помалку можности во високото образование“.

Погрешна слика дека лице со телесен хендикеп не може да биде правник

„Дисириминацијата ја почувствував уште во прво одделение, кога заради телесниот инвалидитет не ми дозволија да се запишам во редовно училиште. За среќа, со помош на моите родители успеав да учам со моите врсници“, вели Марија Михајловска.

Таа сведочи дека кога ги запишувала студиите на Правниот факултет, се соочила со осуди и предрасуди од средината.

„Кога се запишав на Правниот факултет имав осуда првенствено од моето опкружување, од мојата населба, кои велеа дека јас не би можела да ги издржам тие работи, заради тоа што нивната слика за некој којшто е правник не дозволува тоа да биде лице со посебни потреби, односно со телесен хендикеп. Слушав од страна луѓе кои велеа дека јас тоа не можам да го направам и да се носам со истото. Секогаш сум човек кој руши бариери, па и таа бариера ја срушив“, вели Михајловска, која денес работи во Агенцијата за спорт и млади како лице за контакт со младите со посебни потреби.

Потребно е да се создаде инклузивно општество достапно за сите

Октомври беше месец за подигнување на свеста кај пошироката јавност за лицата со Даунов синдром. Александар Матовски – Цако е студент на Педагошкиот факултет во Скопје кој досега докажа дека овој синдром не го спречува да ги прави истите активности како и неговите врсници.

„Кога првпат почнав да одам на факултет почувствував одговорност, но и предизвик. Јас секогаш сакам да се изразувам креативно и секој професор и асистент на факултетот го знае тоа и ми помагаат. Исто така, сакам да ризикувам бидејќи без ризик ништо не се постигнува“, вели Матовски.

Според Даниела Стојановска од Здружението на студенти со попреченост, потребно е да се создаде инклузивно општество достапно за сите, а како најголем проблем го наведува прилагодувањето на програмите.

„Растена сум во средина без комплекси и предрасуди, и тоа е можеби главната причина што успевам да се интегрирам, и покрај стереотипните сфаќања кои постојат кај нас за луѓето со помалку можности, а кои сакаат да се вклучат во виското образование. Но, секако, сум имала и негативни искуства. Во текот на моето студирање сретнав професори кои ми се силна поддршка, и без кои немаше да стигнам до тука, но, имаше и случаи кога ми беше посочено да не одбирам некој предмет, зошто немале начин како да го проверат моето знаење“, вели Ема Ананиевска, пренесувајќи ги нејзините искуства како студент  Факултетот за музичка уметност.

 Џенгис Мемедоски, студент на Педагошкиот факултет во Прилеп, сведочи за двојната дискриминација и негетивните искуства кои ги имал низ годините.

„Од сите страни бев обесхрабруван дека можам да постигнам успех во учењето, а против студирањето беше и моето семејство. Ме потсетуваше на традицијата во ромската култура дека на 18-19 години треба да мислам само на брак“, вели тој.

„Инклузивното образование може да донесе значајни придобивки за лицата со помалку можности, како подобрување на квалитетот на животот, социјалната интеграција, сензибилизирање на јавноста по однос на овие прашања“, порача професроката од Педагошкиот факултет, Розалина Поповска.

Надминување на сите морални бариери – интеграција во образовниот процес и вработување 

Од Здружението на студенти и младинци со хендикеп велат дека клучните мисија во остварување рамноправност на младите луѓе и студенти е надминување на сите морални бариери како и создавање услови за подобро интегрирање на лицата со хендикеп во сите сфери од образованието, преку остранување на архитектонските бариери, преведување на литературата на Браево писмо, обезбедување соодветна аудио – визуелна опрема, оспособување на стручни лица – преведувачи на знаковен / гестовен јазик и слично.

„Целиме  кон зајакнување на јавната свест за важноста што младите и студентите со хендикеп ја имаат во однос на образовниот развој на државата, кон изградба на долгорочни стратегии за унапредување на образовниот процес и инклузивниот пристап кон образованието, како и кон спроведување истражувања и обработка на информации за образовната политика на Македонија и нивно споредување со светското и европското образование. Своето дејствување нашата организација го насочува и кон обезбедување помош за изградба на „култура на образование“ во јавното и приватното образование, која опфаќа инклузија, конкуренција, иновација и одржлив развој“, истакнуваат од Здружението, додавајќи дека исто така по оформувањето на образованието најсуштинскиот сегмент е вработувањето и затоа е потребно спроведување на афирмативни мерки и измени на законски прописи, кои веќе во јавноста се најавуваат.

Позитивни примери: По студиите, вработување во Јавното Обвинителство

Низ праксата на невладините организации постојат и примери намлади со попреченост кои обезбедиле вработување по спроведени обуки за вештини за вработување и работа, како дел од активностите на проектот на УСАИД „Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување“ (Мрежа ЈЕС).

Од таму  известуват дека таков е случајот и со младиот дипломиран правник со делумно оштетување на видот, Ивица Симјановски, кој бил дел од обуките за вештини за вработување и работа.Симјановски е еден од четворицата млади со попреченост кои обезбедија вработување, како дел од активностите на проектот. Тој денес работи во Јавното обвинителство.

„Попреченоста ме охрабрува да се борам за успех“

„Попреченоста ме охрабрува да се борам за успех. Благодарение на предизвиците со кои се соочувам во животот, јас станав истраен, решителен и упорен. Овие мои особини ми помогнаа да најдам работа, а вештините што ги стекнав на обуката веќе ми помагаат да се истакнам како успешен професионалец“, вели правникот и активист за човекови права, Ивица Симјановски.

Нови законски измени: Фирмите со над 35 вработени мора да вработат лице со инвалидност

Министерството за труд и социјална политика најави нов Предлог-закон за вработување на лица со инвалидност, со кој се воведува квотен систем на вработување. За вработувањето лица со хендикеп работодавачите ќе добијат финансиски стимул, односно ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси и персонален данок за вработените лица со хендикеп, ќе добијат дополнителна парична помош од 200.000 денари за сите приватни компании за приспособување на работното место согласно потребите на вработените лица со хендикеп и по 300.000 денари за заштитните друштва и за грант за самовработување на лица со хендикеп.

Оние работодавачи кои нема да го почитуваат законот ќе треба на месечна основа да издвојуваат по бруто минимална плата кој ќе оди во посебен фонд заедно со 10 проценти од придонесите по основ на невработеност кој се плаќаат за сите вработени. Од посебниот фонд ќе се обезбедуваат средства за ресоцијализација, реинтеграција и стручно оспособување на лицата и за финансиска помош за приватните компании за средства за гранд вработувања.

Клучна реформа која ќе ја подобри положбата на лицата со инвалидност и поинклузивен ситем кој ги применува меѓународните стандарди. Голем број држави и Балканот го имаат воведено пред повеќе години.Ова значи значително подобрување на состојбата во делот на вработување на лицата со инвалидност.

Сите компании и институции имаат обврска согласно законот да вработат лица со хендикеп. Доколку не вработат се предвидува паричен надоместок од една бруто минимална плата кој ќе оди во посебен фонд заедно со 10 проценти од придонесите по основ на невработеност кои се плаќаат за сите вработени. Од посебниот фонд ќе се обезбедуваат средства за ресоцијализација, реинтеграција и стручно оспособување на лицата и за финансиска помош за приватните компании и за средства за гранд вработувања.

14.11 2014/ М.В /veljanoskim@akademik.mk