Русија и Кина им го вртат грбот на САД — за Путин, Сноуден е слободен човек
Среда, 26 јуни 2013 – Поранешниот службеник во американската Национална безбедносна служба (НСА) Едвард Сноуден се’ уште е во транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево и заради неважечки пасош не може да го докаже својот идентитет и да купи билет, изјави за руски медиуми извор близок до Сноуден.
„Пасошот му е поништен и тој не поседува друг документ со кој може да го докаже својот идентитет. Заради тоа мора да остане во транзитната зона на Шереметјево и не може да купи билет“, па ни да ја напушти Русија, вели изворот.
Одбивајки ги барањата на САД за негова екстрадиција рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Сноуден е слободен човек и дека неговото пристигнување во Москва било неочекувано.
Во меѓувреме медиумите ширум светот се преплавени со информации, анализи и претпостaвки во врска случајот.
Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж за телевизијата „Раша тудеј“ изјави дека Владата на Еквадор му издала на Сноуден документи со кој добил специјален статус на бегалец, а врз основа на кој го напуштил Хонгконг.
Според руските медиуми, не е јасно дали тој ваквиот стаус може да го користи за продолжување на патувањето.
Одредени анализии укажуваат дека Еквадор би можел да биде најголем губитник од меѓународниот случај околу бегалецот. Аналитичари укажуваат дека се можни економски загуби доколку му се даде азил на Сноуден.
САД завчера упатија критика до Kина поради дозволувањето еден „бегалец“ да ја напушти земјата и покрај повиците за негово приведување, Пекинг се огласи со одговор. Kина оцени дека обвиненијата на САД се неосновани и неприфатливи.
Британскиот весник „Економист“ денеска пишува дека Сноуден би можел да побегне во многу земји во светот со кои американските власти немаат потпишано договор за екстрадиција. Според весникот, тој може да бира меѓу 60 земји од светот, кои со САД немаат договор за екстрадиција, а меѓу нив се и сите земји од поранешна Југославија.
Според Економист, 100 земји од светот имаат договор за екстрадиција со САД, што значи дека тие земји мораат да го почитуваат барањето на американските власти за апсење и предавање на осомничените кои ги бараат САД. Сепак, околу 60 држави низ светот немаат таков договор со САД и тие не се законски обврзани да ги екстрадираат осомничените кои ги бараат американските власти.
Меѓу тие земји се и Кина, Русија, Авганистан, Камерун, Белорусија, Иран, Мароко, Катар, Саудиска Арабија, Сирија…
Едвард Сноуден, кој го откри постоењето на тајна американска програма за следење на телекомуникациите, американсите власти го гонат за шпионажа.