/ Прочитано:

894

САД ќе го јакне владеењето на правото во Македонија

Четврток, 30 јули 2012 – Писмо за согласност за спроведување на законите меѓу македонската и американската влада денеска потпишаа Министерот за правда Блерим Беџети, Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс. Целта на овој проект е јакнење на институциите на правниот систем во Македонија.

Според министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, оваа соработка помеѓу Македонија и САД ќе резултира со зајакнување на капацитетите на институциите во борбата против организираниот криминал и корупција во државава.

“Овој документ претставува нормативна рамка на еден обемен, а во иста мера и многу потребен проект кој финансиски институционално и стручно ќе биде поддржан од САД, а сето ова за да се зајакнат капацитетите на надлежните институции за справување со криминалот, особено со организираниот криминал и корупцијата“, изјави  Јанкуловска.

Јанкуловска посочи дека помошта се однесува на проактивни пристапи во фазата на истрага и ефективно кривично гонење, лоцирање на одговорноста на сторителите и нивно казнување, како и унапредување на јавната безбедност и доброто владеење.

Министерот за правда, Блерим Беџети истакна дека е ова многу поволно време за реализација на овој проект поради Законот за кривична постапка.

“Посебно би го нагласил времето во кое го потпишуваме Писмото за согласност имајќи го предвид интензитетот на активностите кои се реализираат за подготовка за примена на новиот Закон за кривична постапка. Ова посебно се однесува на сегментот на обуките на судиите и јавните обвинители, опремувањето на надлежните институции, стручните експертизи и слично“, истакна Беџети.

САД силно ги поддржуваат напорите на Македонија за јакнење на владеењето на правото, истакна амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс. Волерс посочи дека овие напори ќе ја придвижат Македонија кон стекнување на членство во НАТО и ЕУ , ќе го зголемат бројот на работните места и ќе привлечат повеќе странски инвестиции.

“Полицијата, обвинителите и судиите мора да се подготвени да остварат успех. Тие мора да ги совладаат новите вештини, да ги применуваат новите алатки и да стекнат нови знаења. Законодавецот и останатите избрани службени лица треба да бидат посветени во развојот на правната рамка за усогласување со европските стандарди и меѓународните најдобри практики за обезбедување еднаков пристап до транспарентна и навремена правда“, рече Волерс.

Проектот предвидува и обуки, донација во опрема, техничка поддршка и стручна експертиза за Академијата за судии и јавни обвинители, Министерството за правда, Јавното обвинителство, судството, особено првостепените кривични судови.