/ Прочитано:

898

САД со граѓанска тужба против рејтинг агенцијата „Стандард енд Пурс“ – ја обвинуваат за предизвикување на финансиската криза во 2008 година

Вторник, 5 февруари 2013 – Американското Министерство за правда синоќа поднесе граѓанска тужба против агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард енд Пурс“ обвинувајќи ја агенцијата дека наводно дала неприфатливо висок рејтинг за хипотеки чија вредност подоцна, значително се намалила и со тоа придонела за предизвикување на финансиската криза во 2008 година.

Тужбата која што беше поднесена во федералниот суд во Лос Анџелес претставува прв ваков чекор на американската влада против значајна бонитетна организација поради најголемата финансиска криза, уште од Големата депресија.

Повеќе од десетина државни обвинители се очекува да се приклучат на федералната тужба, а њујоршкиот обвинител се подготвува за посебна акција. Комисијата за хартии од вредност  исто така ги испитува можните злоупотреби на агенцијата.

„Од септември 2004 до октомври 2007 година, „Стандард енд Пурс“ свесно и со намера за проневера, осмислено учествуваа во малверзациска шема со хипотекарни обврзници. Исто така  тие лажно претставија дека дека нивниот рејтинг е објективен, независен и непристрасен од каков било конфликт на интерес“, стои во тужбата.

Агенцијата ги отфрла обвиненијата дека направила грешка, истакнувајќи дека тужбата нема да има никаква вредност. Критичарите веќе подолго време се жалат дека владата не поднела криминална тужба ниту против еден голем играч од Волстрит вклучен во финансиската криза.

Доколку се утврди дека „Стандард енд Пурс“ направиле цивилен престап, може да сносат последици во вид на парични казни и ограничување на начинот на работење.