/ Прочитано:

193

Сајбер насилството e продолжение на насилството во физичкиот простор

,,Младите се тие кои подобро го знаат сајбер просторот, го чувствуваат како нивен, и затоа врсничката едукација и солидарност се клучни за справување со онлајн насилството’’- ова е еден од главните заклучоци од дискусијата на тема: ,,Сајбер насилство – безбедност и самоцензура”, која се одржа во социјалниот клуб Комитет, во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Вовед во оваа недоволно истражена тема направи модераторката на дисусијата, Елена Петровска од Коалиција Маргини,  која посочи дека сѐ почестото обзнанување на случаи со жртви на различен вид онлајн насилство покажува дека интернет просторот, наместо демократска средина која овозможува развој, се претвори во простор каде се крши автономијата на жените и резултира со самоцензура и повлекување.

Катерина Иванова од ХЕРА Млади  го сподели своето искуство од работата со млади луѓе, нагласувајќи дека не би требало да се демонизираат социјалните мрежи, бидејќи секој голем изум може да се злоупотреби. ,,Сајбер просторот е екстензија на физичкиот простор и токму затоа одговорот на онлајн насилството треба да е ист како и за другите форми на насилство’’- нагласи Иванова и додаде дека онлајн нападите се зголемија во услови на пандемија поради стеснувањето на физичкиот простор, а најчести жртви, и кај нас и во светот, се младите девојки.

Она што придонесува за сајбер нападите е изземањето од лична одговорност на социјалните мрежи и во онлајн комуникацијата- нагласи Ивана Смилевска од Радио МОФ, додавајќи дека самите корисници на социјалните мрежи го имаат сфатено сајбер просторот како место на кое може да се каже сѐ, а медиумите се перцепираат како порелевантен извор на информации. Интересот кај домашните медиуми за овие прашања се јави по случајот ,,Јавна соба’’. Според Смилевска, безбедноста на интернет треба да се разгледува како гранка на медиумската писменост, но треба да се земе предвид дека разговорите за сајбер безбедност се свежи и на европско ниво- од една страна се големите корпорации, од друга говорот на омраза, па носењето на соодветна легислативата се одвива многу тешко.

На непостоењето на правни механизми за заштита и превенција се осврна  Славица Анастасовска од Хелсиншкиот комитет: ,,Ако е жртвата малолетна се наоѓа начин за кривично процесирање, но ако е полнолетна, на располагање и е само граѓанска постапка за навреда, при што институциите не се инволвираат во смисла на истрага и обезбедување податоци’’.  Покрај правните празнини, Анастасовска се осврна и на резултати од минатогодишно истражување спроведено врз 300 испитаници од три средни училишта. Резултатите покажале дека 78% од испитаниците се изјасниле дека биле жртви на сајбер булинг, од кои во најголем број жени и припадници на ЛГБТИ заедницата (исто како и во физичкиот простор). Особено загрижувачки е што 11 испитаници изјавиле дека имале суицидни мисли откако биле подложени на сајбер малтретирање.

Дискусијата вклучи и практични совети за заштита во онлајн просторот – да се внимава кому и како се праќаат експлицитни фотографии, да се користат безбедни канали со енкрипција, да се симнуваат што помалку апликации и да се контролира нивниот пристап до камера, микрофон и локација, да се користи различна лозинка за различни платформи итн. Учесничките исто така се осврнаа и на личните искуства со сајбер насилство и одлуката да се самоцензурираат од присуство или учество на социјалните мрежи, за да го заштитат своето здравје и личен интегритет.

 

Настанот се одржа во рамки на проектот ,,Спречување, поддршка и застапување за родово базирано насилство” кој го спроведува Хелсиншкиот комитет за човекови права, со помош на грант обезбеден од страна на Балканската фондација за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на Соединетите Американски Држави и Норвешкото Министерство за надворешни работи.